Достапни линкови

Фолклорот како препознаена и споделена вредност во УНЕСКО


Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционална музика за Македонија, од 21 до 26 март, ќе биде домаќин на втората сесија трансрегионални работилници и семинар на европската програма ЕРАЗМУС +, проектот насловен како „УНЕСКО препознаени и споделени вредности“.

Во организација на Националниот комитет на Меѓународниот совет за традиционална музика (ИСТМ) за Македонија, од 21 до 26 март, во земјава ќе се реализира втората фаза на ЕРАЗМУС + проектот насловен како „УНЕСКО препознаени и споделени вредности“- Транснационални средби и работилници, во кој, освен македонскиот Националниот комитет, учествуваат и Етничкиот културен центар на Суити народот од Република Летонија, Фондацијата КИХНУ од Република Естонија и Грузискиот центар за уметност и култура од Република Грузија.

Eразмус плус е програма на Европската унија дизајнирана да ги поддржи напорите на земјите-членки но и земјите кандидати за влез во Унијата за ефикасно искористување на потенцијалот на европските таленти и одделува општествени средства во различни домени на мобилност вклучително и во делот за т.н. доживотно учење, поврзувајќи ги формалното и неформалното учење преку обуки. Програмата исто така има за цел да ги подобри можностите за соработка и мобилност со земји партнери во согласност со целите на Стратегијата Европа 2020.

Токму оваа Програма во ноември минатата 2018 година ги обедини Летонија, Грузија, Естонија и Македонија чии претставници во Рига, Летонија го потпишаа договорот за соработка на проект кој вклучува споделување на УНЕСКОви вредности во областа на заштитата на нематеријалното културно наследство.

Еразмус плус програмата во своето 25-годишно постоење дава успешни резултати во неколку општествени полиња, во образованието, спортот, и индиректно и во културата. Ова е прв проект во Македонија кој е поддржан од програмата на Европската унија, а кој ја третира проблематиката на заштитата на нематеријалното културно наследство. Самиот проект влегува во тн. Клучна акција 2 во која се поддржуваат земји членки на ЕУ и земји кандидати за влез во Европската унија кои меѓусебно споделуваат исти вредности и успешни практики. Оттаму и насловот на Проектот УНЕСКО ви препознаени и споделени вредности, велат од Националниот комитет.

Преку неформални обуки, работилници и споделување на искуствата од процесите на заштита на четири нематеријални добра, кои се на листите на УНЕСКО, учесниците во овој проект започнаа преку отворени методи да инвестираат во знаења, вештини и способности кои ќе им користат и на поединците- носители на заштитените нематеријални културни добра, но и на институциите, организациите и општеството како целина.

Овие организации се дел од националните мрежи за заштита на нематеријалното културно наследство на нивните земји. Конкретно во овој проект се вмрежени четири различни видови на повеќегласно пеење: од Естонија полифоното пеење на Сето народот, од северот на Летонија полифоното пеење на Суити народот, од Грузија познатото грузиско полифоно пеење и од Македонија тетовското гласоечко пеење кај Македонците од Долни Полог, сите веќе впишани на УНЕСКО-вите листи на нематеријалното културно наследство на човештвото. Во проектот, покрај невладините здруженија, вклучени се и носители на повеќегласно пеење од државите, меѓу кои од Македонија и претставници од тетовскиот регион: триото „Гавровски“, КУД „Извор“ од Јегуновце, и други носители на ова добро кои се запишани во досието на Гласоечкото пеење за Ургентна заштита во УНЕСКО.

Со оглед на тоа дека еден од носителите на оваа традиција е и општината Јегуновце, која во два наврати (2011 и 2014 година) даде писмена поддршка на процесот на заштита на Гласоечкото пеење, на 23 март учесниците од четирите земји ќе бидат гости на актуелниот градоначалник на општината, г-дин Дарко Блажески и на КУД „Извор“, кои како домаќини ќе имаат своја презентација на традиционалната носија, традиционална храна и секако на Гласоечкото пеење од Посеље.

Програмата на овој настан предвидува и презентација и работилница за гласоечко пеење на која ќе се покаже процесот на трансмисија на знаењето за загрозеното „Гласоечко“ пеење по семејна линија и како тоа генерациски се пренесува во семејството Гавровски, при што ќе биде претставен и подмладокот на школата Гавровски од село Сиричино. По оваа работилница, што ќе се одржи в недела на 24 март во Центарот за култура во манастирот во Лешок, Националниот комитет на ИСТМ за Македонија ќе организира трибина, на која за процесот на заштита на „Гласоечкото“ пеење на национално, односно меѓународно ниво, ќе говорат д-р Велика Стојкова Серафимовска - претседател на Националниот комитет, г-ѓа Лидија Топузовска, поранешен Генерален секретар на Националната канцеларија на УНЕСКО за Македонија и м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Управата за заштита на културното наследство.

Кон ова само уште и информацијата дека со цел да биде сторена и промоција на следните кандидати за некоја од листите на УНЕСКО, предвидена е и посета на старата Скопска чаршија, градовите Охрид и Битола, како и на локалитети кои се потенцијални кандидати за впишување на некоја од листите на УНЕСКО.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG