Достапни линкови

Сетстат и Попов со „Се плашам од Македонци“ во МКЦ


„Се плашам од Македонци“ е насловен албумот на СЕТСТАТ, Мирко Попов и Никола Коџабашија, чија концертна промоција ќе се случи овој четврток, на 5 март, во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Станува збор за несекојдневна „трилатерална“ музичка авантура која, како што велат самите, во исто време е „уживање, предизвик и длабока духовна интроспекција“.

Луѓе мали со полни стомаци

Скапи одела и рало опинци

Кутри души по навика робови

Злобни мисли и плитки гробови

Се плашам од Македонци.

Се погоди времето во кое живееме да биде попровокативно од самиот албум. Инаку неговиот наслов нам ни е аналогија на синглот „I'm Afraid of Americans“ на Дејвид Боуви. Вистина. Се плашиме од луѓе со опинци, се плашиме од луѓе со големо М кои постојано се удираат во гради, се плашиме од барокот кој ни се „случува“ и кој го распори слободното живеење кај нас.
Владан Дробицки, Сетстат.

Ова се само неколку стихови откорнати од насловната тема од албумот „Се плашам од Македонци“, „трилатералната соработка“ на џез-панк-фанк-фјужн бендот СЕТСТАТ, композиторот и пијанист Никола Коџабашија и диџејот, пејач, текстописец и најистурениот човек на ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ – Мирко Попов. Разсвирувањето на изданието се случи на 20 февруари во кумановскиот клуб „Wire“, а промотивниот концерт е закажан за овој четврток, од 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Музичкиот состав Сетстат.
Музичкиот состав Сетстат.
Се работи за една измешана приватна приказна, барем кога станува збор за текстовите и моето учество на овој албум. Сето тоа е резултат на музиката којашто ме одведе да тргнам по таа патека и ме предизвика да се искачам таму и можеби, по подолго време, како човек што пишува стихови или можеби како некој поет, што и да е, да истражувам некои подрачја коишто случајно или намерно сум ги запоставил во последниве години.
Мирко Попов, музичар.

Владан Дробицки, тромбонистот и гласноговорник на СЕТСТАТ, во предвечерието на промоцијата, знае да каже дека сè започнало поодамна и дека е резултат на потребата членовите на бендот да ја возобноват некогашната соработка со Никола Коџабашија и заедничките спомени врзани за проектот „КОРАБ“. Вели дека коцките се поклопиле на крајот на 2013, кога влегле во студио и само за два дена снимиле неколку часа музика. Потем ги одбрале седумте композиции коишто сега ќе се најдат на албумот, но забележува дека во меѓувреме во приказната влегол и Мирко Попов. Нему му понудиле да напише текст и да отпее една од темите, па така овој ја потпишал „Кругови“ која што беше прогласена за сингл на годината за 2014-та на култното скопско радио Канал 103. И така, песна по песна, бил заокружен мозаикот на навидум зачудната соработка помеѓу нив која како албум ќе го добие името „Се плашам од Македонци“.

„Се погоди времето во кое живееме да биде попровокативно од самиот албум. Инаку неговиот наслов нам ни е аналогија на синглот „I'm Afraid of Americans“ на Дејвид Боуви. Вистина. Се плашиме од луѓе со опинци, се плашиме од луѓе со големо М кои постојано се удираат во гради, се плашиме од барокот кој ни се „случува“ и кој го распори слободното живеење кај нас. Албумот има политичка конотација, но не претендира да биде политички манифест, туку ова е некое наше лично интимно размислуваме за времето во кое живееме“, истакнува Дробицки.

Попов, пак, откако ќе забележи дека ја имал честа да соработува со вакви музичари како СЕТСТАТ и Никола Коџабашија и дека иницијалната идеја од една заедничка песна сосема природно и спонтано се развила до несекојдневна звучна авантура, потенцира дека самата музика него го одвела до патот на „некоја длабпка, приватна дури и прилично емоционална интроспекција“. Истакнува дека притоа на моменти се чувствувал како да е некој воајер во сопствениот живот“ за да потем сето тоа се заврши на ниво на некое емотивно-политичко локализирање, особено видливо во последната песна што заеднички ја сработиле и по која изданието било именувано.

„Се работи за една измешана приватна приказна, барем кога станува збор за текстовите и моето учество на овој албум. Сето тоа е резултат на музиката којашто ме одведе да тргнам по таа патека и ме предизвика да се искачам таму и можеби, по подолго време, како човек што пишува стихови или можеби како некој поет, што и да е, да истражувам некои подрачја коишто случајно или намерно сум ги запоставил во последниве години“, вели Попов.

Дробицки, на ова, со забелешка дека Попов за потребите на албумот напишал одлични текстови, стихови какви што ретко се среќаваат на македонската музичка сцена.

„Мислам дека Мирко направи феноменални текстови. Јас барем лично не сум чул во нашава современа вокална музика толку добри и силни стихови. Ако тој вели дека за тоа бил инспириран од нашата музика, тука некаде значи се поклопија интересите и сензибилитетите. Впрочем не сме од вчера ниту тој, ниту ние. Имаме добра километража зад себе. А, за чудо, пак, со невидена љубопитност и возбуда го чекаме претстојниот концерт. Како никогаш досега. Радосни сме и не криеме дека овој перформанс во „Фросина“ ни е навистина многу битен“, вели Дробицки.

Инаку, по скопскиот настап, СЕТСТАТ и Мирко Попов со „Се плашам од Македонци“ ќе ја започнат и промотивната турнеја во рамките на која оваа објава на „Пи-ем-џи рикордингс“ ќе и биде претставена и на публиката во поголемите градови од земјава.

Од друга страна, Владан Дробицки, сакасофонистот Васко Бојаџиски, клавијатуристот Панче Бујуклиев, басистот Павел Дробицки и тапанарот Дино Милосављевиќ, на 17 март ќе настапат како гости на концертот на своите пријатели ПЕЈОТ од Ниш, соседна Србија, а потем повторно влегуваат во студио за да го започнат снимањето на материјалот за својата нова објава – следбеникот на иновативниот „Le Petite Cinematique“ од април 2013.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG