Достапни линкови

Армиските унапредувања и универзитетите под лупа на Антикорупционерите


Седница на Државната комисија за спречување на корупцијата

Државната комисија за спречување на корупција отвори постапка за именувањата во Армијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Против дваесет и четири декани на факултети, двајца директори и двајца заменици директори на државни институти е покрената прекршочна пријава

Државната комисија за спречување на корупција отвори постапка за именувањата во Армијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Станува збор за именувања од шефот на државата објавени во Службен весник по распишувањето на претседателските избори.

Според членовите на Комисијата, спорно е тоа што унапредувањата се извршени по распишување на претседателските избори. Затоа од Министерството за одбранa ќе се побара дополнителна документација за да се утврди дали назначувањата се согласно законите.

“Предлогот е да ја отвориме постапката и да ја побараме од кабинетот на претседателот и од министерството за одбрана потребната документација во врска со овие назначувања. Да видиме за што се работи,” рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Инаку, претседателот Иванов во Службен весник стави потпис на пет унапредувања и именувања во Армијата. Началникот на генералштабот Васко Ѓурчиновски доби титула генерал-потполковник, генерал Мирче Ѓорѓоски е именуван за постојан воен претставник во НАТО, Драган Ковачки стана командант на Првата механизирана пешадиска бригада, Бесник Емини – началник на штаб во Здружената оперативна команда, а полковник Маријо Јуришиќ за воено аташе во Франција.

Антикорупциска упати и повик до сите раководители во институциите да испратат податоци за избрани и именувани лица, со цел да се ажурира регистарот на Комисијата.

“Ова е мало поттикнување со потсетување до раководните лица дека има и прекршочно се одговара за непостапување по оваа обврска од законот. Така да, да бидеме кооперативни со субјектите, прво да ги повикаме и потсетиме на нивните обврски а потоа да преминеме кон санкционирање", изјави Софка Пејовска-Дојчиновска, член на Комисијата.

Се очекува анкетни листови да достават и нотари, извршители и административци.

“Согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси е воведена обврска и за други категории на службени лица што треба да достават анкетен лист но со кои треба да биде пополнет регистарот, тоа се нотарите, извршителите и службените лица односно вработените од категорија А, да поднесат анкетни листови за имотната состојба и за да се аѓурира регистарот, изјави Владимир Георгиев”, член на Комисијата.

Исто така, Комисијата денеска најави дека ќе поднесе прекршочни пријави за 30-тина професори и декани од УКИМ, кои не доставиле анкетни листови за имотната состојба. Освен на УКИМ, ДКСК најави дека ќе спроведе контроли и на другите универзитети.

Листа на декани без поднесен анкетин лист
Листа на декани без поднесен анкетин лист

На претходната седница на комисијата беше одлучено да се покрене прекршочна постапка и против Азис Положани, ректорот на Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје поради недоставување анкетен лист за имотната состојба. Согласно законот, тој бил должен тоа да го направи во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата.

Денеска меѓу другото беа разгледани и случаи на судир на интереси и непотизам, поднесени од граѓани кои детектирале сомнителни вработувања. Дел од нив беа отфрлени како неосновани, а за некои Комисијата донесе заклучок да се отвори постапка и во меѓувреме да се истражат сомневањата за евентуални законски прекршувања.

На претходната седница пак, Антикорупциската комисија отвори 42 нови предмети за сомневање за непотизам, а на листата на предмети за кои постојат такви сомневања се најдоа роднини на актуелни и поранешни државни функционери. Министри, пратеници, градоначалници, амбасадори, директори на јавни институции, на државни фирми и агенции, како и судии и членови на судски совет, генерални секретари и советници. Сите се под сомневање за постоење судир на интереси во случаи кога биле вработувани нивни роднини. За поголемиот дел од лицата кои се најдоа на списоците јавноста веќе дозна преку медиумите, но некои имиња за прв пат беа претставени денеска во Антикорупциската комисија.

Како новина тогаш се спомнаа имињата на сестрите на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу,Ајсел Фазлиу, вработена во МВР и Ведра Фазлиу која работи во Владата. Внукот на министерот Фазлиу, Абдул Кадел пак, е унапреден во директор за безбедност на железничкиот систем. Внукот на пратеничката Фросина Ременски, Зоран Ременски се вработил во ЕЛЕМ. Пратеничката на СДСМ, Тања Ковачева е под сомнение дека влијаела да се вработат нејзиниот сопруг, сестра и зет од сестра.

Антикорупционерите објавија и предмети за можен непотизам во случаи на пратеникот и екс-министер, Антонио Милошоски, чии вујко, братучед, братучетка и снаа се вработени во државни институции. На листата е и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев чии сестра и татко работат во МВР, односно во Центарот за управување со кризи. Сопругата пак на екс-генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, била вработена во Агенцијата за електронски комуникации. Дали постои непотизам ќе се утврдува и за ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд, Елена Гошева.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG