Достапни линкови

Реформи на безбедносните служби за да нема држава во држава


Формирањето на новата Агенција за национална безбедност со која УБК се праќа во историјата, но и други закони од областа на националната безбедност и разузнавањето, влегуваат во собраниска процедура. Со реформите нема повеќе да има држава во држава, велат експертите.

Наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност треба да започне со работа на 1 јуни. УБК веќе нема да постои, а новата Агенција нема да биде под капата на МВР. Со формирањето на новата Агенција и со измените на законите од областа на безбедноста и контразузнавањето се очекува да се прекине практиката службите да се поврзуваат со скандали и да бидат извор на политички кризи, велат експертите.

Според предлог-законите, директорот на Агенцијата за национална безбедност ќе го избира Владата, а тој пак ќе си предложи свој заменик директор. Се формира и Совет за координација на безбедносните служби на чие чело ќе биде премиерот. Советот ќе координира со разузнавачките заедници, односно со размената на информациите меѓу новоформираната Агенција, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање.

За да биде усвоен Предлог-законот за Агенцијата на национална безбедност потребно е двотретинско мнозинство.

Освен Предлог-законот за формирање на Агенцијата, во собраниска процедура се и Предлог-закон за класифицирани информации, за координација на разузнавачки заедници и измените на Законот за следење на комуникациите.

Реформите долго време се бараат во извештаите од ЕУ, а се еден од главните столбови и во експертскиот извештај на Прибе. Сите се со европско знаменце.

Деканот на факултетот за безбедност Никола Дујовски вели дека со тоа што наследничката на УБК излегува од МВР и станува орган на Владата само по себе треба да биде гарант за нејзиниот интегритет, независност и објективност во постапувањето. А тоа што службата повеќе нема да има полициски овластувања, вели Дујовски, значи дека со ова се прави гаранција дека ќе си ги исполнуваат нивните основни работни обврски, а тоа е да следат, да прибираат информации, да прават анализи и да даваат предлози.

„Постоењето на Оперативно-техничката агенција (ОТА) од една страна и од друга страна одземањето на полициските овластувања на УБК само по себе е гарант дека таквата институција повеќе нема да може да биде држава во држава. Свесни сме дека не само последната политичка криза од 2015 наваму, туку и многу настани претходно, па дури и 2001 е како резултат на работењето или неработењето на УБК. Сега можеме да бидеме поспокојни во тој дел, дека градиме безбедносен систем во кој сите органи кои функционираат во него ќе се надополнуваат во извршувањето и ниту една служба не би требало и нема да има моќ да биде над сите други служби“, вели професор Дујовски.

Формирањето на Агенцијата за национална безбедност повлекува и измени на законот за класифицирани информации. Сега кога земјата станувате членка на НАТО, треба да се прилагоди и на нивните закони.

„Во однос на безбедносните сертификати коишто ќе бидат неопходни за секој кој поседува класифицирана информација да може прво да ја создаде, потоа да манипулира и на крај доколку се јави потреба да ја уништи мора да бидат соодветни како во сите други земји членки на НАТО, таа реформа ја има токму таа смисла. Во НАТО на дневна основа се разменуваат милиони информации, тоа е мрежа на информации кои се прибираат речиси од целиот свет и тие што се интересни се споделуваат меѓу земјите членки. Република Македонија сега гради токму таков систем да може да произведуваме информации и со нив да располагаме и да манипулираме на истиот начин како и нашите партери во НАТО“, вели Дујовски.

Предложените измени треба да обезбедат и заштита на лицата кои ќе пријават класифицирана информација со која се прави незаконско дело. Од сега станува кривично дело и оддавањето на класифицирани информации кои не се државна тајна.

Пред неколку денови на брифинг со новинари, од МВР рекоа дека со контролата и одговорноста која се предвидува со реформите, ниедна владина агенција нема да може да ја злоупотребува моќта и да ги следи комуникациите, освен ако се докаже дека има потреба. Од МВР рекоа и дека сегашните вработени во УБК нема автоматски да преминат во новата Агенција, односно дека прво ќе следат длабински проверки, безбедносни, психолошки и други проверки, и ако не одговараат за новите работни места ќе добијат отказ.

Формирањето на новата Агенција за национална безбедност повлекува и донесување на закон за координација на разузнавачката заедница. Со законот се предлага да се формира Совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Советот ќе го сочинуваат премиерот, вицепремиерот за Рамковен договор, министрите за внатрешни работи, одбрана, надворешни работи, директорот на Агенцијата за национална безбедност, директорот на Агенцијата за разузнавање и раководителот на военото разузнавање во Министерството за одбрана.

Професор Владимир Пивоваров, кој е и Национален координатор за гранично управување, вели дека тој лично поддржува спојување на сите безбедносно-разузнавачки служби во една, но дека тоа носи ризик во мала земја како нашата од концентрација на моќта. За да дојде до тоа прво треба да се демократизираме, да ја ограничиме можноста за злоупотреби и за политичко влијание врз ваквите служби, вели тој.

„Во едно ќе имаме аналитика и на заканите што доаѓаат од надвор и на заканите од внатре, меѓутоа премостувањето на овој проблем ќе го имаме со формирањето на координативното тело кое ќе ги координира разузнавачките служби, така што тие ќе го решаваат можниот судир на информации и секогаш ќе се има вистинска информација во право време“, вели тој.

Измени на Закон за следење комуникации уследуваат по формирањето на новата Агенција за национална безбедност, па станува збор само за менување на имиња на институции и промена на надлежниот на институција, на пример наместо досега надлежниот министер за внатрешни, оти УБК беше дел од МВР, сега ќе стои директор на Агенцијата на национална безбедност.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG