Достапни линкови

БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА како ретки билки во МКЦ


Триесет и три песни од петте инкарнации ХАХАХА, 21 ВЕК, MY TEAR, Васко Атанасовски, во повеќе од три часа беспоштедна свирка и израснување во единствен организам со присутната публика, се суштината на обата херојски концерти на БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА во Младинскиот културен центар - Скопје.

БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА се „ретки билки“. Револуционери во овие шугави времиња. И тоа посебно овде дома каде е речиси и невозможно да се биде свој, а да не ти ја расплачат мајката. И, тоа по многу основи. Згора на тоа и да се бавиш со (суп)култура и да бидеш гласен во своите ставови и погледи на суровата реалност, а притоа да не сакаш да бидеш затворен во нечие трло.

Да бидеш еден од двигателите на немирот што најчесто знаеме да го именуваме со поимот рокенрол. Македонски рокенрол со сите овдешни „дрвења“ и карактеристични белези на целиот светски процес. Колку и ова „светски“ дури и излитено некому да му звучи во одреден контекст.

Од каде оваа смела констатација? Едноставно само таков и никако поинаков може да биде заклучокот по двата последователни концерти на БЕРНАЈС ПРОПАГАНАДА, во петокот и саботата, на 22 и 23 февруари, во нималку гостопримливата Дансинг сала на Младинскиот културен центар – Скопје. Триесет и три песни од петте инкарнации ХАХАХА, 21 ВЕК, MY TEAR, Васко Атанасовски, од изминативе некаде 13 години и компресирани во повеќе од три часа беспоштедна свирка и израснување во единствен организам со присутната публика се нивната суштина. Еден здив. Една воздишка.

фото: Зденко Петровски
фото: Зденко Петровски

Едноставно беа тоа ноќи во кои до израз дојде не само поетиката, жестината и свиречката умешност на оние што беа исправени на сцената, читај Кристина Горовска, Васко Атанасовски, Дени Крстев, Кристијан Лафазановски, Раде Јордановски и Мартин Митевски, туку и на целиот тим кој се погрижи за звукот и визуелизацијата на перформансите.

Впрочем, нема да биде локал-патриотски ако кажеме дека бендот, ако милувате сите негови појавни облици со едно извориште, со толку леснотија ги надминаа сите стапици што може да ги постави дадениот простор што можат да им позавидат и многу звучни глобални имиња.

Од таму ова беа концерти, концерт – концепт кој без многу двојба влегува во историјата на современата македонска музика (овде не велиме само рокенрол), како еден од историските. Еден, по кој ништо нема да биде повеќе исто. Показ за тоа дека може и мора да се работи по стандардите што некаде се станати практика и наедно да не се изгуби врската со публиката. Онаа правоверната која не ги мери нештата по тоа дали Тина и Васко се изгубиле во „кокетирањето со електрониката, та заборавиле на гитарското (панкерското) прштење на гитарите“, „забегале со гласноговорништвото и општествено-политичката ангажираност“, „предолги се со најавите“, „глумат или се искрени на сцена или во животот“, туку им се предава на моментот и на искрената енергија што ја носи нивната појава. На звучниот ѕид со кој атакуваат докажувајќи дека ќе наидат на широки и топли прегратки од оние што скокаат во партерот или наизуст ги знаат песните-химни на сегашните губитници.

Дека ете тие таквите исто така несовршени и ранливи генерации се поистоветуваат со горчината и дека не можат да му оддолеат на повикот за сплотување. За единство. За акција.

фото: Зденко Петровски
фото: Зденко Петровски

Од таму, можеби беспредметно е да се анализираат и опишуваат концертите со сите детали. Дали тоа Тина се снаоѓа во миговите кога е сама со матрици на сцена. Дали е претеатрална. Или, пак, Васко на моменти „забегува“ и се заборава со подолгите монолози. Зошто две гитари или во одредни песни двајца басисти на сцена.

Сè е тоа гола вода драги мои, ако се има на ум моторичноста на ритамот кој директно ви стига до срцето и мускулите додека во главата ви се ројат мислите дали е тоа можеби ехо на култните и моќни GANG OF FOUR и разбирливо ве тера да се борите со гравитацијата. Или, пак, кога парот онака мазно ќе ве натера да слезете длабоко во своите дамари и таму да ја побарате суштината на припадноста и искрената љубов која живее, пулсира, мотивира... Или можеби кога пејачката, со сиот ризик на потегот, ќе влета меѓу публиката и од таму ќе го стори споделувањето на своите емотивни и активистички пораки. Или кога скопско Влае за миг или цели две-три минути ќе стане центар на универзумот... И така сè по ред.

Впрочем, кој после простувањето со „Ретки билки“ (како најавна песна од следниот албум на БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА што се очекува наесен), на повиците да бидат продолжени трите часа концертно уживање, возвраќа со македонска чалгија и палење на светлата, сем Атанасовски, Горовска, Крстев и екипата со нив која несомнено израсна во една од најубедливите и свирачки најмоќни во досегашното делување на групата. Или ако сакате групите. Облиците низ и во времево.

фото: Зденко Петровски
фото: Зденко Петровски

Конечно, скопските концерти кои дојдоа по скоро двегодишната пауза и непосредно по успешната мини турнејата во регионов со свирки во Љубљана, Загреб, Белград и Нови Сад, на виделина ја вадат и мислата дека БЕРНАЈС ПРОПАГАНАДА го бетонираа своето место на листата на нашите музички гордости во низата што ја чина БИС-БЕЗ, ЛЕБ И СОЛ, АРХАГЕЛ, МИЗАР, АНАСТАСИЈА, носејќи и еден ововремен квалитатив – тие се нуклеус околу кој се збира една цела генерација млади и талентирани творци кои немааат никаков комплекс во комуникацијата со широкиот свет, а тоа верувајте не е мала работа. Тие ја абат формулата на освестените каде несомнено се и филмаџиите, писателите, ликовните уметници, кои преку културата се борат за идентитетот на ова парче земја. За неговата сегашност. Нешто што требаше, а не го прават политичките првенци и трговците со нашата единствена стварност во своите пет минути моќ.

Ете затоа, најмалку потребно е ова да бидат „последните концерти на БП на подолго време или последни што некогаш ќе ги отсвират“. По нив тие едноставно имаат обврска да заборават дека „немаат повеќе сили да работат на нивото што си го наметнале или дека се уморни од борбата со културната мафија и слугите на големиот капитал“.

И уште нешто. Песните на БЕРНАЈС ПРОПАГАНАДА на концертните настапи звучат безмалку три пати подобро од студиските објави. Стерилноста на собата за снимање е заменета со неверојатна вибрантност и оргазмичност. Од таму објавата на концертен албум би била вистински погодок.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG