Достапни линкови

Бизнис интересите пред потребите на граѓаните


Протест пред зградата на Општина Аеродром поради спорен Детален урбанистички план

Локалната власт кога носи одлуки кои се однесуваат на деталните урбанистички планови, честопати се води од бизнис интересите наместо од урбаните потреби на жителите кои плаќаат даноци во општината, смеат дел од архитектите.

Протести, иницијатива, петиција, референдум и средби со локалната власт, се само дел од демократските алатки кои во изминатиов период ги користат жителите на скопските општини кои не се согласуваат со одлуките на нивните избраници. Активните граѓани на социјалните мрежи постојано предупредуваат за спорни детални урбанистички планови и повикуваат на граѓанска реакција.

Последен пример е и граѓанската иницијатива која наскоро ќе биде испратена до Уставниот суд, како следен инструмент со кој жителите на скопската населба Аеродром ќе се борат против Деталниот урбанистички план со кој се дозволува изградба на нови станбени објекти на кејот на Вардар во населбата Острово.

Од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише слободно“ велат дека стравуваат оти денеска е можно советниците да изгласаат и нов спорен детален урбанистички план за населбата Лисиче, со кој ќе се овозможи изградба на нови триесетина згради.

Дел од архитектите сметаат дека градоначалниците повеќе се однесуваат како претставници на бизнисмените, отколку како избраници од жителите на општината.

Професор Петар Николовски смета дека локалната власт кога носи одлуки кои се однесуваат на деталните урбанистички планови, честопати се води од бизнис интересите, наместо од урбаните потреби на жителите кои плаќаат даноци во општината.

„На прво место им е интересот, бизнис интересот. А на второ, можеби или трето место им е грижата за жителите кои инвестирале во овие области во своите станови, кои само сакаат мирно да живеат во еден амбиент каде што изобилува зеленило“, објаснува професорот во пензија Николовски.

Жителите на скопската Општина Аеродром се жалат дека овој план е донесен на мала врата без согласност на жителите и дека новите згради ќе го уништат зеленилото во близина на „Мајчин дом“. Оваа одлука е донесена подалеку од очите на јавноста, со поддршка од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои се мнозинство во оваа скопска општина. Од СДСМ, пак, тврдат дека зад овој план е интересот на бизнисменот Орце Камчев и компанијата Масив Констракшн. Советниците на СДСМ тврдат дека овој план е само доказ за работењето на градежната мафија на сметка на урбаните потреби на граѓаните.

Градоначалникот Ивица Коневски, пак, во изјава за медиуми ја обвини опозицијата за деструктивна политика без при тоа да одговори на прашањата зошто сега се носи ваков детален урбанистички план, при крај на мандат?

Во меѓувреме жителите на населбата незадоволни од одлуката на локалната власт протестираат секој ден во шест пред општинската зграда.

Но, тие не се единствените кои се незадоволни од градежната експанзија на сметка на зелените површини. Минатата година жителите на скопската Општина Карпош се жалеа на измените на деталниот урбанистички план за Карпош 4. Тие тогаш обвинуваа дека скришно и без најава советниците ги донеле и деталните урбанистички планови за Тафталиџе и за Карпош 3.

На пример Општината Центар во изминативе три години имаше проблем со поништување на четири детални урбанистички планови кои беа донесени од претходното раководство, а според кои се изведени најголем дел од објектите од Скопје 2014 година.

Пред неколку месеци по силни реакции во јавноста локалната власт во Охрид одлучи да го поништи решението за градба на хотелот кај Лагадин. Причините за реакциите беа што хотелот требаше да се гради на самиот брег на езерото кое се наоѓа на листата на заштитено културно богатство на УНЕСКО. Денеска во Охрид пристигнува и експертска група на УНЕСКО која ќе изврши увид на дел од почнатите градби покрај брегот на Охридското Езеро.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG