Достапни линкови

Требениште – мит, легенда, мистерија


Прес-конференција за Требениште.
Прес-конференција за Требениште.

Со проект кој подразбира изложба и промоција на каталог како плод на двегодишната заедничка работа на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград и Националниот археолошки институт и Музеј од Софија ќе биде одбележана стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид.

Изложбата „100 години Требениште“ е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Четирите археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид.

На изложбата ќе бидат претставени околу 430 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло, а во предвечерието на нејзиното отворање закажано за март годинава е печатен и богат каталог на повеќе од 400 страници со текстови од 26 еминентни европски автори.

Горан Санев – директорот на Археолошкиот музеј на Македонија забележува дека „по случајното откривање на првата златна маска во близината на селото Требениште, во 1918 година, локалитетот Требениште стана светски позната мистерија која во изминатите 100 години беше континуиран предизвик за многу генерации археолози да ја откријат вистинската приказна за непознатата аристократија која живеела крај брегот на охридското езеро во 6 век пред нашата ера“.

Тој и со дополна дека на овој предизвик не одолеала ниту неговата генерација археолози, па така, „покрај многуте постоечки анализи и опсервации на феноменот Требениште од сите аспекти, се покажа дека сепак имаме можност да ја дополниме оваа приказна со нови податоци“.

„Изложбата 100 години Требениште е првенец по многу нешта. Се случува по прв пат во историјата на трите институции, а по прв пат во историјата на истражувањето на Требениште, екслузивните наоди кои се наоѓаат во Музејот во Софија, во Белград и во Охрид, се обединуваат во оваа изложба и по прв пат ќе бидат претставени како целина прво пред македонската публика, по што ќе бидат изложени во Софија, па во Белград, а верувам дека изложбата ќе ја претставиме и пред европската јавност со оглед дека интерес за нејзино претставување веќе пројавија археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб. Изложбата 100 години Требениште во Археолошкиот Музеј во Скопје ќе претстојува и може да се види шест месеци, од Март до крајот на Август 2019 година“, вели Санев.

Д-р Татјана Цветичанин, археолог и кустос-советник во Народен музеј во Белград, знае да каже дека нив и колегите истражувачи од трите држави „не ги изненадила 2018 година и 100 годишнината од откривањето на археолошкиот локалитет Требениште бидејќи тие добро знаеле за неговото значење, туку тоа што трите влади, министерства и амбасади, бројните спонзори, го поддржале овој трипартитен научен проект“.

Дека трите држави кои се наоѓаат во различен статус во однос на Европа застанале зад него и стручњаците не биле оставени сами, онака како што тие знаат и умеат „да се борат за неговата реализација“.

фото Киро Попов

Таа истакнува дека сите три институции, Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија, всушност со оваа изложба реално ја испишуваат историјата на Балканот.

„Оваа изложба проучува некои војни, проучува некои политички граници, следи некои промени и ние имаме три музеи кои поседуваат материјал од три различни фази на нашата историја од еден ист локалитет каков што е Требениште и по прв пат правиме не само една виртуелна изложба, публикација што оди со неа, туку навистина една вистинска работа која на виделина по прв пат го донесува сето она што е најдено таму и што 1000 години стоело на едно место, а ние ете успеавме по цел еден век да го собереме заедно, Тоа за нас е голема возбуда“, истакнува Цветичанин, која патем била уредник на текстовите објавени во каталогот за изложбата.

Д-р доцент Христо Попов, од Националниот археолошки институт и Музеј од Софија, пак, откако ќе го поздрави добриот дух на намери и пријателство не само помеѓу институциите, туку и меѓу трите држави истакнува дека тоа се тие битни нешто кои треба да не водат напред кон иднината. Тој и со забелешка дека музеите не се само место кадешто треба да се изложуваат убави работи, туку бесценетости и вредности од кои треба да се учи. Од кои знаења треба да црпат идните генерации.

„Требениште не е само минато. Требениште е и иднина. Требениште е предизвик за во наредните години од научна, од културна, од историска или од која и да било гледна точка. Сигурно е дека тука има уште што да се открива и да се проучува. Желбите од научните и музејските институции од нашите три држави и од Европа е да работиме заедно на овој проект и почнаа да пристигнуваат барања за изложба во Виена, Берлин во Париз и каде уште не. Интерес покажаа и многу научни институции од Европа кои сакаат да ни се приклучат и да работиме заедно, а Требениште да ни биде во фокусот“, смета Попов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG