Достапни линкови

Исповед на родители на деца со интелектуална попреченост


Штитеници на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола

Интелектуалната попреченост не е страшна работа, но е тешка за семејството, вели Слободан Велковски, родител на дете со попреченост.

Елена Петровска и Александар Димитровски, штитеници на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ од Битола, пред студентите и професорите на Педагошкиот факултет го покажаа својот талент. Тие во музичка придружба испеаја неколку песни, меѓу кои и македонската народна „Јовано, Јованке“. Аудиториумот беше воодушевен и нивниот труд го награди со громогласен аплауз. Настапот на Елена и Александар беше дел од настанот „Под ова небо исти сме“.

Во амфитеатарот на Педагошкиот факултет свое обраќање пред студентите и професорите имаа и двајца родители кои од организаторите беа наречени родители - херои. Слободан Велковски и Оливера Петровска зборуваа отворено какви предизвици носи животот со вакви деца, нагласувајќи дека тоа е чиста љубов, зашто тие не знаат да излажат и повредат никого.

„Интелектуалната попреченост не е страшна работа, но е тешка за семејството. Моето дете доби интелектуална попреченост само од висока температура. Доцнеше со развојот година и 8 месеци. До второ одделение учеше во редовно училиште зашто јас како родител не можев да го прифатам фактот дека моето дете има интелектуална попреченост. Бев многу упорен. Но, на местото каде што учеше не можеше да го добие потребното знаење. Кога решив да го запишам во специјалните паралелки, ми беше многу тешко. Но, кога влегов внатре почнаа сите да не прегрнуваат, толку се почувствував растоварено, како цела негативна енергија да ми се тргна“, рече Велковски.

Со помош на наставниците, стручните лица и упорност на семејството момчето завршило средно техничко училиште, а денес работи во фабрика во Битола.

„Сакаше да работи во Кромберг и Шуберт, тоа е сега актуелно. Самиот поднесе барање, ги помина сите тестови, да видиме како ќе биде прифатен од средината, сепак животот е борба“, додава Велковски.

Оливера Петровска, инаку мајка на Елена која пееше во Педагошкиот факултет, рече дека одгледувајќи ја неа, животот ѝ е полн со љубов.

„Кое друго дете што пораснало секое утро кога се биди си ја бакнува мајката? Таа љубовта преку ноќ што ја добива ми ја дава мене. Многу храброст ми даде во животот. Многу сум среќна кога ќе ја однесам на места кои ги сака, како на пример на концерт на Здравко Чолиќ кој многу го слуша. Пред четири месеци се разболе многу, но со љубовта нејзина добив сила за да ѝ помогнам пак да стане на нозе. Имам за што да живеам“, вели мајката.

Таа моментално е невработена. Претходно работела во приватни фирми, но никаде не можела да добие работа само во прва смена, за останатиот дел од денот да си ги гледа децата.

„Живеам со Елена и имам девојче 13 години. Работев во приватна форма и немаше кој да ми ги чува децата. Секојдневно молев мајка, свекрва да дојдат да ми ги чуваaт децата. Моментално сум невработена. Ми помага семејството за опстанок“, рече Петровска.

Педагошкиот факултет се вклучи во настанот зашто таму се едуцираат студенти кои во иднина во образование ќе работат со деца со посебни потреби.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG