Достапни линкови

Заштита на лицата со попречености на интернет


Дневниот центар за возрасни лица со попречености „Порака Наша“ од Куманово
Дневниот центар за возрасни лица со попречености „Порака Наша“ од Куманово

Не постои место или сервис каде би можело да се обрати лице со попреченост затоа што било жртва на интернет насилство или злоупотреба.

Едукативна поддршка за лица со интелектуална попреченост како потенцијални жртви на интернет криминал и злоупотреба е проектот што го реализира Дневниот центар за возрасни лица со попречености „Порака Наша“ од Куманово. Проектот е проект на 21-от век, дел е од Еразмус програмата, започнат во октомври минатата година, а ќе заврши идната, вели Фросина Симоновска, социјален работник во „Порака Наша“. Таа додава дека интернетот, освен што се користи за социјализација, тој е и потреба.

„Самиот интернет ни овозможува учење, меѓутоа и наоѓање работа. Како на лицата без, така и на лицата со попречености оваа алатка овозможува инклузија на лицата со попречености во самото општество“, вели таа.

Според Симоновска, не постои место или сервис каде би можело да се обрати лице со попреченост затоа што било жртва на интернет насилство или злоупотреба. Не постои исто така, ниту место на кое лицето би можело да се обрати за некаков вид поддршка или помош.

„Ние како здружение ќе изработиме реален приказ на лица со попреченост кои се жртви на интернет насилство или злоупотреба и како резултат на тоа случаите ќе ги коментираат стручни лица, психолог и криминолог, кои ќе дадат објаснување дали за некој случај постои основано сомнение или обвинение“, вели таа.

Проектот опфаќа тренинзи на едукатори, но и на лица со попречености за да научат како да го користат интернетот како алатка, како и доколку станале жртви каде и како да побараат помош. По две години ќе биде изготвен дигитален водич кој на полицијата ќе ѝ овомзожи на кој начин да разговара со лице со попреченост, зашто не секогаш е потребно присуство на трето лице.

„Водичот ќе биде изработен и во лесно читлива форма за да можат лицата со попреченост без присуство на трето лице, самите да се снајдат и да знаат како да го пријават интернет насилството, но и како да го решат проблемот“, вели психологот Мартина Костовска.

Симоновска појаснува дека лицата со попречености имаат намалена моќ на расудување и коефициент на интелигенција. Затоа и малку случаи се пријавуваат во полиција, а интернет насилството постои.

„Затоа преку овој проект сакаме да поработиме на подигање на јавната свест, зашто лицата се жртви на интернет насилство“, вели таа.

Симоновска и Костовска велат дека интернетот е прозорец кон светот и за лицата со интелектуална попреченост, поради што и тие треба да знаат како побезбедно да го користат.

Лидер партнер на проектот е организација од Полска, вклучени се Белгија, Португалија и Македонија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG