Достапни линкови

Венецуела меѓу војна и мир


Трамп: воената интервенција во Венецуела е опција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Трамп: воената интервенција во Венецуела е опција

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата рече дека воената интервенција во Венецуела е „опција“, како што западните земји го зголемуваат притисокот врз оспорениот социјалистички лидер Николас Мадуро да се повлече. Мадуро пак, го отфрли ултиматумот за предвремени избори и изјави дека Венецуела сака мир.

„Па, не сакам да кажам, но сигурно тоа е нешто. Тоа е опција“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата Си Би Ес со што потврди дека не ја отфрла воената интервенција во Венецуела.

Во минатата недела администрацијата на Трамп соопшти дека „сите опции се на маса“, но не и дека било разгледано користењето на војската.

Кратко време по коментарите на Трамп во неделата, оспорениот претседател на Венецуела Николас Мадуро, рече дека не сака вооружен конфликт.

„Тие велат дека во Венецуела ќе има граѓанска војна, нема да има интервенција или граѓанска војна во Венецуела. Во Венецуела ќе има мир“.

Во саботата, стотици илјади демонстранти излегоа на улиците на Каракас на митинг против Мадуро и за поддршка на самопрогласениот привремен претседател Хуан Гваидо.

Аилин Гонзалес која протестираше во Каракас вели:

„Јас сум тука за демократија и слобода за мојата земја. Родена сум во демократија и ќе умрам во демократија. Ова е за сите млади луѓе на кои им треба иднина која е просперитетна, безбедна, со слобода и демократија, каде што човековите права се почитуваат“.

Притисокот за да се повлече се зголемува врз Мадуро дома и во странство.

Во саботата, еден од командантите на воздухопловните сили, генерал Франциско Јанез во видео-порака ги повика вооружените сили на земјата да се побунат против Мадуро.

Деведесет проценти од вооружените сили не го поддржуваат диктаторот и стојат на страна на венецуелскиот народ“.

Многу западни земји веќе го признаа Гваидо како легитимен претседател, а Вашингтон ги заостри санкциите за да ја ослабне нафтената индустрија во таа земја.

Но, Мадуро, кој тврди дека е жртва на државен удар во режија на Соединетите држави сé уште се држи на власт, потпомогнат главно од Русија која предупреди да не сака странско мешање во внатрешните работи на Венецуела.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG