Достапни линкови

Тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ против предвремени избори


Архива - Седница на Собрание на РМ
Архива - Седница на Собрание на РМ

Тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не се потпишале на иницијативата за распуштање на Собранието, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Пратеничката Даниела Рангелова, која е една од тројцата што одбиле, вели дека партијата не требала да се занимава со ефтини политички игри и трикови.

Пет пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се потпишаа на иницијативата која е заклучок на највисоките партиски тела за распуштање на Собранието што треба да доведе до предвремени избори.

На предлог одлуката за распуштање на Собранието поднесена неделава од пратеничката група на опозициската партија ги нема потписите на Илија Димовски, Даниела Рангелова, Никола Попоски, Иван Иванов и Крсто Јовановски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, објаснува дека некои од нив биле отсутни, а тројца не потпишале.

„Триесет и тројца се потпишаа на барањето, двајца се службено отсутни, еден знаете дека се наоѓа на локација во Будимпешта и да бидам прецизен тројца не го потпишаа барањето”, вели Мицкоски.

Тој не одговара на прашањето кои се тие тројца нагласувајќи дека не сакал да ги именува. Дента кога е поднесена иницијативата до Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери како отсутни на пленарната седница ги споменува пратениците Иван Иванов, Никола Попоски и Крсто Јовановски.

Како што се дознава, Илија Димовски, Даниела Рангелова и Крсто Јовановски се пратениците кои не се потпишале. Рангелова во изјава за РСЕ вели дека има неколку причини поради кои не ја потпишала иницијативата. Како дел од нив ги набројува и дека им било понудено од координаторот на пратеничката група да се потпишат на бел лист хартија со образложение дека е за иницијатива за распуштање на собранието, но истовремено, додава таа, координаторот им соопштил дека однапред знаат дека истата ќе биде отфрлена.

„Јас не сум лицемерна пред граѓаните и не учествувам во такви политички гимнастики. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се посвети на реформскиот процес, да понуди проекти за повисок животен стандард и нови работни места за граѓаните, а не да се занимава со ефтини политички игри и трикови кои се прочитливи за само неколку часа. Моето мото е државните интереси пред партиските и личните”, вели Рангелова.

На обвинувањата и гласините дека неколкумина одбиле да потпишат поради тоа што ќе ги изгубеле пратеничките мандати, а нема да биле кандидирани за нови од актуелното партиско раководство, Рангелова вели дека ако тоа и било пресудно немала да поднесе оставка од позицијата претседателка на Унија на жени и покрај понудата од претседателот Мицкоски да останела како што вели до крајот на нејзиниот мандат.

„Јас така по клуч ќе се најдев на следната листа на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа се лажни шпекулациите дека ми е важно да останам заради траење на мојот пратенички мандат”, вели Рангелова.

Дали ќе има или не предвремени избори се очекува да стане појасно деновиве за кога се најавени средби на раководството на СДСМ. По минатонеделните состаноци тие не донесоа конечен заклучок, а мислењата во партијата остануваат поделени, па дел сметаат дека треба да се оди на избори, а дел дека треба да се посветат на реформите како што инсистираат и претставниците на меѓународната заедница.

Мицкоски пак, на прашањето поврзано со барањето на европските политичари оваа да биде година на реформи, а не на избори, вели дека инсистираат на предвремени парламентарни зошто стравуваат дека ако се одржат само претседателски „Зоран Заев ќе сакал да ги украде”.

„Тоа може да ни го гарантира само техничка влада, а таква може да имаме само ако имаме парламентарни избори, во овој случај предвремени избори”, вели Мицкоски.

Тој во неделното интервју зборува и за очекувањата од претседателските избори и за неговото ветување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи „сè“ за да ги измени процесите кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG