Достапни линкови

Денеска ратификација на Договорот од Преспа, дебатата пожестока од протестите


Демонстрантите се судрија со полицијата кај грчкиот Парламент, но грчките медиуми коментираат дека дебатата внатре била пожестока од протестите
Демонстрантите се судрија со полицијата кај грчкиот Парламент, но грчките медиуми коментираат дека дебатата внатре била пожестока од протестите

Долгата листа на пријавени за дискусија ја одложи ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент за денеска во 14.30 часот. Синоќа дебатата беше пожестока од протестите во Атина, а дополнително се вжешти кога премиерот Ципрас зборуваше за децата бегалци од Егејска Македонија.

На денешниот трет ден од расправата, се очекува грчкиот Парламен да го ратификува Договорот од Преспа по што тој ќе стапи на сила и ќе го откочи процесот за македонското членство во НАТО. Гласањето за Спогодбата беше планирана за доцна синоќа, но поради големиот број пратеници пријавени за дискусија, пратеничките групи се договорија тоа да се одложи за денеска.

„Поради долгата листа на пријавени пратеници за збор, едногласно се договоривме гласањето за ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент да се одржи утре на 25 јануари. Се договоривме и за временските рокови за дискусија на пратениците, координаторите и на пријавените министри, како и за терминот за гласање“, соопшти синоќа еден од потпретседателите на Парламентот, Спирос Ликудис.

Според договореното, по расправата која синоќа траеше до 1.30 по полноќ, дебатата ќе продолжи и ќе трае до 14.30 часот, за кога е закажано гласањето, односно ратификацијата.

Паралелно со жестоката дебата, особено на пратениците од опозициската Нова демократија, во центарот на Атина се одржаа, како што коментираа грчките медиуми, не така жестоки протести против Договорот од Преспа, иако имаше и неколку судири на демонстрантите со полицијата полицијата која неколку дена претходно издаде наредба за засилено обезбедување.

Ципрас двојно ја вжешти дебата со „Децата бегалци“

Дводневната дебата за Преспанскиот договор најмногу се вжештила кога од парламентарната говорница се обратил премиерот Алексис Ципрас, кој, им се обратил директно на претставниците на Комунистичката партија, кои се едни од најсилните противници на спогодбата, потсетувајќи ги на децата бегалци од Егејска Македонија.

„Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам како на Славомакедонката Ирини Гини-Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во Граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами. Ќе говорам политички, нема да се осврнам на историјата на Комунистичката партија на Грција“, рече Ципрас.

Следни чекори по ратификација на Договорот

Ако Договорот биде рафитикуван во грчкиот Парламент, што според бројот на пратениците што му дадоа поддршка на премиерот Алексис Ципрас минатата недела, е сигурно, следна постапка е грчката Влада да го информира Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека ја завршиле постапката. Потоа алијансата треба да го подготви протоколот за прием на Македонија и уште во почетокот на февруари македонските политичари да бидат повикани за да го потпишат. Веднаш потоа, а според најавите, Грција ќе ја ратификува поканата за членство во НАТО на земјава, чекор по кој новите уставни амандмани влегуваат во сила, а Македонија станува Република Северна Македонија и почнува да важи спогодбата.

Во оваа фаза, која се очекува да се случи рано пролетва, обврските се префрлуваат кај официјално Скопје. Според Договорот од Преспа “веднаш по влегувањето во сила, земјава треба да ги извести сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, чиј член е, за влегувањето во сила на оваа Спогодба”. Потоа, предвидува Договорот, треба да се побара од сите тие организации, институции и форуми да го прифатат и употребуваат новото име, а истата постапка владата во Скопје ќе ја спроведе и со сите држави – членки на Обединети нации. Ова би значело дека тогаш ќе почне и официјално другите држави и организации да и се обраќаат на земјава со Република Северна Македонија.

XS
SM
MD
LG