Достапни линкови

Договорот за името ќе помине и во грчкиот Парламент


Грчкиот премиер Алексис Ципрас на седница на Парламентот.

По усвојувањето на уставните измени на ред е ратификацијата на Договорот од Преспа и во грчкиот Парламент за тој целосно да стапи во сила. Грчкиот премиер Алексис Ципрас се надева на мнозинство од 151 пратеник, иако договорот може да биде усвоен и со мнозинство од присутните пратеници.

Договорот за името ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, според очекувањата на упатените. Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис порача дека иако Уставот на Грција не налага, договорот треба да биде изгласан од 151 пратеник за да има силна моќ, како во внатрешноста на земјата, така и во меѓународните организации. Вуцис најави дека ќе има мнозинство за гласањето.

Станува збор за една клучна фаза кога целата постапка влегува во своето финале со што се заврти конечно новата страница меѓу односите во Македонија и Грција или повторно ќе се вратиме на старите позиции од 19 и 20 век, вели поранешниот амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.

„Вистина е дека определбата да се оди со 151 пратеник значи дека тој договор ќе добие на своја цврстина. Значи определба на сите структури внатре во земјата кои во моментов се на власт и одлучуваат. Меѓутоа најлесно ќе им беше да одат согласно деловникот за работа и да одат со она мнозинство од присуство на пратеници. Тоа е најлесната комбинација.“, вели Арсовски.

Арсовски очекува дебатата да биде жестока, но договорот да биде усвоен, бидејќи, тоа ќе биде добро за Грција и за регионот. Според него, грчкиот премиер Алексис Ципрас навистина се заложил договорот да успее. На ист став е и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„Она што го гледам е посветеност кај грчкиот премиер да го спроведе договорот во грчкиот парламент. И јас верувам на неговата посветеност и решителност. И мислам дека треба да останеме оптимисти и да се фокусираме на позитивен развој“, изјави Жбогар во интервју за РСЕ.

Ратификацијата, согласно грчкиот закон, може да биде усвоена и со помалку од 151 глас, односно со „за“ да гласаат мнозинство од присутните пратеници во законодавниот дом. Доколку договорот не помине со просто мнозинство, Вуцис појасни дека тогаш „ќе постои прашање на ограничена одговорност во однос на толкувањето, но никој во меѓународните организации нема да постави прашање дека не е валиден“.

„Јас очекувам не само да помине, туку и во оној пост период без оглед на проблеми кои што може да се јават и ќе се јавуваат, кога ќе дојде на ред реализацијата на одредени позиции потпишани во документот, односно во Договорот од Преспа кои кај на се гледаат на еден или друг начин, бидејќи се работи, кои се моментално на масата само за да се измести нешто или да не се направи тоа што е замислено“, додава Арсовски.

Доколку договорот не биде ратификуван во тој случај Македонија ќе нема обврска да ги спроведе уставните амадмани. По предлог на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ беше усвоен амандманот со кој уставните измени не важат доколку Грција не ја исполни својата обврска од Договорот за името.

Во договорот стои дека по известувањето од втората страна, односно Македонија дека се воведени уставните амандмани и нејзините внатрешни законски процедури за стапување во сила на договорот, првата страна во случајот Грција, веднаш треба да го ратификува договорот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG