Достапни линкови

Судењето за „Насилство во Центар“ продолжува на 6 февруари


Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи пред Суд по одложувањето на рочиштето за „Насилство во Центар“

Судењето за насилствата пред општина Центар продолжува на 6 февруари, откако на денешното рочиште беа изведени материјални докази предложени од Специјалното јавно обвинителство.

Одбраната побара судот да не ги прифати доказите оти поголем дел од нив биле без архивски број и заверени.

Судот предложи да се продолжи со рочиштето, а одбраната на следното судење да поднесе приговор.

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски презентираше и два аудио разговори. Во една од “бомбите” во разговор меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски се слушна како поранешниот премиер му кажува на Јанакиески “во петок градоначалникот Жерновски да изеде неколку шамари” на што Јанакиески му вика дека може да се изведе тоа и дека ќе организира протест.

Во другата снимка од 2013 година меѓу Орце Камчев и Миле Јанакиески Камчев се интересира за состојбата со ДУП-овите во општината.

За насилствата пред општина Центар на 10 јуни 2013 година, обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и тогашниот советник во општина Гази Баба Александар Трајковски и уште осум други лица.

Тие се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година. Досега вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка

XS
SM
MD
LG