Достапни линкови

Вести

Заев - По походот за името, следува економски поход

Премиерот Зоран Заев, еден ден по гласањето за Договорот за името со Грција, за како што рече, историскиот момент им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука. Тој вели дека знае колку носењето на таа одлука било тешко и вели дека ја разбира и горчината, но и гордоста.

„Да се прифати овој договор значи горчината да се остави во минатото, и со гордост да гледаме во иднината, напишавме историја и ги отвориме страниците на иднината“, рече Заев.

Тој вели дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членки. А како нивна членка ќе се гарантира безбедноста, стабилност, а земјата ќе биде и економски силна.

„Одлуката во Парламентот е одлука против изолација, несигурност и сиромаштија, одлука што им дава сила на младите да бидат рамо до рамо со европските врсници“, вели тој.

Тој очекува Договорот да биде ратификуван и од грчкиот Парламент, а потоа Грција да го потпише протоколот за пристапување кон НАТО, за да бидеме 30 членка на Алијансата. Заев вели дека со решавањето на спорот со Грција, нашата земја веќе нема отворено прашање со соседите.

„Креиравме модел за решавање спорови со кој го добивме симпатиите од меѓународните партнери“, вели премиерот Заев.

Потоа се осврна и на помирувањето дома и на домашните задачи, на кои вели дека сега целосно ќе им се посветат.

„Ја подготвивме почвата и засадивме семе, но секој знае дека тоа е само чекор до плодна жетва и резултати“, вели Заев.

Вели дека сега ќе тргнат кон нов економски поход за да го обезбедат она што го ветуваа - подобар живот, подобри можности и фер општество.

Тој вели дека очекува министрите да работат понапорно и пефокусирано за да го направат животот подобар, оти како што вели граѓаните нема да прифатат одолговлекувања, а нема да прифател ни тој.

Премиерот се обрати и до опозицијата, побара од нив постојано да ја потсетуваат власта на своите одговорности, но и опозицијата да не попречува и да биде одговорна.

Што се однесува до повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, Заев рече дека тоа прашање ќе се отвори на партиските тела и за тоа ќе се разговара.

види ги сите денешни вести

Славески - Годинава раст на економијата од 3,5 отсто, просечната инфлација 3,9

Трајко Славески - претседател на Совет на град Скопје
Трајко Славески - претседател на Совет на град Скопје

Според најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025–2028 година, економијата ќе продолжи со стабилен раст и отпорност, додека инфлацијата постепено ќе се приближува кон историскиот просек.

Гувернерот Трајко Славески на денешната прес-конференција изјави дека за 2025 година се очекува раст на економијата од 3,5 отсто, а во периодот 2026–2028 тој би забрзал на околу 4 проценти.

„Макроекономската слика за домашната економија укажува на солидни економски изгледи и на натамошна стабилизација на инфлацијата“, рече Славески.

Просечната стапка на инфлација за 2025 година се проектира на 3,9 проценти, додека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува 4,2 процента од БДП, што претставува зголемување во однос на претходната година.

Во првите девет месеци од 2025 година, како што посочи гувернерот, кредитната активност забележала силен раст кој се очекува да продолжи и до крајот на годината.

Народната банка прогнозира и солидни нето-приливи на финансиската сметка во наредните години, кои ќе се искористат за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Најголемиот дел од тие приливи се очекува да бидат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство.

„Во целиот период на проекцијата очекуваме зголемување на девизните резерви и нивно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута“, додаде Славески.

Летонија го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција

илустрација
илустрација

Летонскиот парламент го одложи повлекувањето од Истанбулската конвенција против насилство врз жените, по отпорот од претседателот на земјата и протестите, јавуваат агенциите.

На повтореното гласање, откако претседателот Едгарс Ринкевич го врати законот за повлекување во парламентот, пратениците се согласија да ја одложат одлуката за ова прашање до ноември 2026 година.

Парламентот првично, кон крајот на минатиот месец, гласаше за повлекување, тврдејќи дека конвенцијата воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, дефинирајќи го како општествен конструкт.

Пратениците тврдеа дека заштитата во летонскиот закон е доволно прецизно формулирана и дека повлекувањето од Истанбулската конвенција нема значително да ја промени правната ситуација.

Резултатот од денешното гласање значи дека одлуката ќе ја донесе следниот парламент, бидејќи се очекува Летонија да одржи парламентарни избори во октомври 2026 година, што би можело ова прашање да го претвори во клучна изборна тема.

Зошто земјите се откажуваат од Истанбулската конвенција?
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

No media source currently available

0:00 3:00 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 1080p
  • 720p

Летонската премиерка Евика Силиња го поздрави одложувањето, велејќи дека тоа е „победа за демократијата, владеењето на правото и правата на жените“.

ЕК усвои планови за развој на брзи железници и инвестиции во еколошки горива  

илустрација
илустрација

Европската комисија усвои сеопфатен пакет за транспортниот сектор, кој предвидува забрзување на воспоставувањето на европска мрежа на брзи железници и поголеми инвестициите во обновливи и горива со ниско ниво на емисии на јаглерод диоксид за воздухопловство и поморскиот сообраќај.

Како што соопшти ЕК, целта на овој пакет е обезбедување на поефикасен, поврзан, лесно достапен, чист и отпорен транспортен систем во ЕУ.

Со планот се предвидува создавање на побрза, поинтероперабилна и подобро поврзана европска мрежа на возови со брзина од над 200 километри на час до 2040 година, со што би се скратило времето на патување и железницата би станал привлечна алтернатива за воздушниот сообраќај на кратки релации.

Остварувањето на ваквите цели се очекува да донесе поголем бројот на патници во железничкиот сообраќај и да ги поттикне регионалните економии и туризмот.

„Патниците ќе можат да патуваат од Берлин до Копенхаген за четири часа, наместо сегашните седум, а од Софија до Атина за шест часа, наместо сегашните 13 часа и 40 минути. Новите прекугранични врски, исто така, ќе овозможат побрзи и поедноставни патувања од Париз до Лисабон, преку Мадрид, и подобрена поврзаност меѓу балтичките главни градови“, се наведува во соопштението.

Покрај намалување на времето за патување, на овој начин ќе се намали и застојот и ќе се ослободат капацитет на конвенционалните линии, товарниот транспорт и воената мобилност.

Покрај ова, пакетот предвидува и инвестиции од 100 милијарди евра до 2035 година за производство на околу 20 милиони тони обновливи и горива со ниско ниво на емисии на јаглерод диоксид за воздухопловство и поморскиот сообраќај.

Од ЕУ истакнуваат дека со забрзување на домашното производство на биолошки и небиолошки горива, Европа може да ја намали својата зависност од увезени фосилни горива, да ја подобри конкурентноста на своите индустрии и да ја предводи транзицијата кон чиста енергија на глобално ниво“, потенцира ЕК.

ДИК: Поднесени 16 приговори за гласањето во вториот круг од локалните избори

Локални избори, втор круг, 2 ноември 2025 година
Локални избори, втор круг, 2 ноември 2025 година

До денеска претпладне (5 ноември) до Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени 16 приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори, што се одржа во неделата на 2 ноември.

Рокот за поднесување на приговори завршува денеска во 16:30 часот односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати од изборите.

Приговори поднеле Хаким Рамадани поддржан од Влен (ВРЕДИ) за постапката за сумирање и утврдување на резултатите во избирачките места 2034, 2033, 2032, 2035, 2034, 2033, 2032, 2035 во Брвеница. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Јовица Илиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со 4374 гласа, додека Рамадани освои 4224 гласа.

Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачките места 2956, 2971/1, 2973, 2959/1, 2955, 2956/1, 2959, 2961/1, 2961, 2971 во Шуто Оризари.

И Сојузот на Ромите има поднесено приговори за Шуто Оризари и тоа за гласачките места 2966, 2962 и 2961. Во оваа општина во вториот круг од изборите победи Курто Дудуш од Унијата на Ромите со 3894 гласови, а Ерџан Демир поддржа од Коалицијата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ освои 3406 гласа.

Коалицијата „Искуство за успех“ која го поддржуваше Стевчо Јакимовски за гласањето во Карпош поднела приговори за сумирање и утврдување на резултатите за избирачките места 2631 и 2613. Во Карпош победи кандидатот поддржан од од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Сотир Лукровски со 13512 гласови, додека Јакимовски освои 12378 гласови.

Според информациите од ДИК, седница за одлучување за приговорите најверојатно ќе се одржи утре, 6 ноември.

Локалните избори се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Според резултатите од двата круга на локалните избори, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.

Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.

Две општини ќе ги водат независни кандидати.

Канада ќе издвои 60 милијарди долари за одбраната

илустрација
илустрација

Во предлогот за федералниот буџет на Канада, поднесен денеска (5 ноември) до Парламентот, предвидено е во следните пет години да се издвојуваат 81,1 милијарди канадски долари за зајакнување на вооружените сили.

„Буџетот за 2025 година предлага издвојување од 81,1 милијарди долари во следните пет години за реконструкција, вооружување и вложување во канадските вооружени сили“, се наведува во документот.

Премиерот на Канада, Марк Карни вети дека Владата ќе ги зголеми воените расходи на два проценти од бруто домашниот производ до крајот на тековната фискална година.

Карни на Самитот на НАТО дополнително се обврза да го зголеми нивото на пет проценти од БДП (3,5 проценти директно потрошени за војската и 1,5 проценти за одбранбената инфраструктура).

Според предлогот за буџет 6,2 милијарди долари од оваа сума ќе бидат искористени за „проширување на одбранбените партнерства на Канада, вклучително и зголемување на воената помош за Украина и зголемување на воените вежби и меѓународните програми.

Германија ја забрани исламистичката група „Муслиман Интерактив“ како антидемократска

илустрација
илустрација

Германија го забрани муслиманското здружение Интерактив и ќе го конфискува неговиот имот, додека претреси се вршат и во две други исламски здруженија, објави денеска Министерството за внатрешни работи.

Седум згради беа претресени во Хамбург од раните утрински часови, додека 12 згради поврзани со здруженијата Генерација Ислам и Реалност Ислам беа претресени во Берлин и покраината Хесен како дел од прелиминарните истраги.

„Ќе одговориме со полна сила на законот на секој што агресивно повикува на калифат на нашите улици, поттикнува омраза кон државата Израел и Евреите на неподнослив начин и ги презира правата на жените и малцинствата“, рече министерот за внатрешни работи Александар Добринт.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Муслиман Интерактив, исто така, ги занемарува човековите права, особено со тоа што се спротивставува на родовата еднаквост и слободата на сексуална ориентација и родов идентитет.

„Групата во голема мера се потпира на кампањи на социјалните медиуми и улични настапи за ширење на својата идеологија“, се вели во соопштението.

Прелиминарните истраги и претреси насочени кон „Генерација Ислам“ и „Реалитат Ислам“ се во тек, бидејќи постои силно сомнение дека овие организации исполнуваат слични основи за забрана како „Муслиман Интерактив“ или работат како негови подорганизации, соопшти министерството.

Истрагата има за цел да собере детални информации за содржината, структурата, персоналот и финансиите на здруженијата, додаде министерството. Водачите на групите промовираат строго конзервативно толкување на исламот и повикуваат на повлекување од главното општество.

Тие предупредуваат против она што го опишуваат како асимилација наметната од државата и ги прикажуваат муслиманите како систематски угнетено малцинство. Оваа нарација, според безбедносните власти, резонира особено кај младите муслимани кои доживеале дискриминација или исклучување во секојдневниот живот.

Трите организации не се класифицирани како џихадисти, што значи дека не се вклучуваат или не промовираат насилство за да ги постигнат своите политички цели - разликувајќи ги од групи како што се Ал Каеда или движењето Исламска држава (ИД).

update

Единаесет загинати, 30 повредени во пожар во пензионерски дом во Тузла

Домот за стари лица во Тузла, 4 ноември 2025 година
Домот за стари лица во Тузла, 4 ноември 2025 година

Единаесет лица загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во пожарот што избувна на 4 ноември околу 20:45 часот на седмиот кат од Пензионерскиот дом во Тузла, според податоците објавени од властите на Тузланскиот кантон (ТК) утрото по пожарот.

Директорот на Тузланскиот пензионерски дом, Мирсад Бакаловиќ, поднесе оставка.

Меѓу повредените, најмалку двајца се во тешка состојба, а освен жителите на Домот, повредени се и полицајци, пожарникари и работници на Пензионерскиот дом.

Инспекцијата на Тузланскиот пензионерски дом започна во раните утрински часови, со присуство на инспектор за противпожарна заштита. Загинатите живееле во домот, како што е познато засега, според прелиминарните податоци, а телата ќе бидат префрлени во Меморијалниот центар за идентификација и обдукција.

Детали за повредените од Универзитетскиот клинички центар Тузла

Во текот на ноќта, дваесет пациенти беа хоспитализирани во Клиниката за белодробни заболувања, меѓу кои тројца полицајци и шест пожарникари, а останатите беа корисници и вработени во Домот за стари лица во Тузла.

За жал, еден пациент почина во текот на ноќта во Клиниката за белодробни заболувања, се наведува во соопштението за медиумите на директорот на Универзитетскиот клинички центар во Тузла, Шекиб Умиханиќ.

Според извештајот на Клиниката за анестезиологија и реанимација, примени се осум пациенти, од кои пет се на вентилатори и се во исклучително тешка состојба, а еден за жал завршил со фатален исход.

На хоспитализираните пациенти им се дијагностицирани инхалациски повреди предизвикани од вдишување чад, односно штетни продукти од согорување.

Во моментов, на Клиниката за внатрешни болести има двајца пациенти.

Персоналот и раководителите на Клиниката за белодробни заболувања, Клиниката за анестезија и реанимација и Клиниката за внатрешни болести беа вклучени во процесот на грижа и набљудување на гореспоменатите пациенти.

„Универзитетскиот клинички центар Тузла ги стави на располагање сите расположиви капацитети за хоспитализација на пациенти кои можеби дошле поради влошување на нивната основна состојба, хронични заболувања, коморбидитети или евентуално за сместување на корисници на Домот за стари лица во Тузла, доколку се процени дека немаат соодветен сместувачки капацитет за нови случаи или како можност за привремено сместување додека не се најде соодветно решение“, се наведува во соопштението.

Противпожарни екипи пред домот за стари лица во Тузла, каде што избувна пожар, Тузла, Босна и Херцеговина.
Противпожарни екипи пред домот за стари лица во Тузла, каде што избувна пожар, Тузла, Босна и Херцеговина.

Обемна истрага

Дежурниот обвинител, во соработка со истражниот тим на Полициската управа на Министерството за внатрешни работи (МВР) на ТК, со присуство на вештаци и експерти, спроведува истрага со цел да се утврдат околностите на пожарот, како и сите други околности што доведоа до оваа несреќа, соопшти Обвинителството на ТК.

Снимките од видео надзорот од домот се исклучени.

„Денес ќе се преземат мерки за идентификација на телата на починатите, ќе бидат издадени наредби за обдукција, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите дејствија што ќе бидат преземени во наредниот период“, соопшти надлежното обвинителство.

Повеќе детали се очекуваат на прес-конференција во 11 часот во Обвинителството.

Според упатствата на кантоналниот обвинител задолжен за истрагата, во работата на истражниот тим, кој го сочинуваат истражители од Секторот за криминалистичка полиција на Полициската управа на МВР на ТК и Инспекторатот за противпожарна заштита на МВР на ТК, ќе бидат вклучени експерти од соодветната професија.

Во официјално соопштение неколку часа по трагедијата, Домот за стари лица објави дека жителите на домот починале, а меѓу повредените, покрај корисниците на објектот, има и припадници на полицијата, пожарникари, медицински работници и вработени во Домот за стари лица во Тузла.

Премиерот на Федерацијата Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, за БХРТ објави дека Владата ќе учествува во санацијата на домот и грижата за корисниците.

„Во наредниот период ќе формираме тим на Владата на ФБиХ кој ќе ги посети институциите што се под надлежност на ФБиХ и ќе побара од кантоналните власти да го сторат истото за институциите што се под нивна надлежност, кога ќе се случи нешто вакво, за да не се даваат паушални информации. Вечерва слушнавме многу информации од жителите. Во секој случај, треба да почекаме да видиме што точно ја предизвикало трагедијата“, рече премиерот.

Србија мора да ги надмине поделбите, вели делегацијата на ЕУ во Белград

Андреас фон Бекерат и Ана Брнабиќ, Белград, Србија, 4 ноември 2025 година
Андреас фон Бекерат и Ана Брнабиќ, Белград, Србија, 4 ноември 2025 година

Србија мора да ги надмине поделбите и да создаде простор за инклузивен дијалог, изјави шефот на делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Белград, Андреас фон Бекерат.

На 4 ноември, фон Бекерат ѝ го предаде на претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во европските интеграции.

Документот, исто така, посочи на големата поларизација во Србија поради масовните граѓански протести на кои се бара одговорност од властите за смртта на 16 лица при уривањето на реконструираната крошна на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Се додава дека Белград бавно ги спроведува реформите што се неопходни ако сака да се приклучи на ЕУ.

„Извештајот не е документ за критика, туку огледало што го одразува напредокот и областите каде што се потребни дополнителни реформи“, рече Андреас фон Бекерат.

Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во Брисел дека Србија многу брзо ќе стане членка на ЕУ ако ја признае независноста на Косово и воведе санкции кон Русија.

По учеството на самитот за проширување на ЕУ, организиран од „Еуроњуз“, Вучиќ им изјави на медиумите дека постои минимална шанса Кластер 3 во преговорите за членство на Србија во ЕУ да биде отворен пред крајот на годината, објави агенцијата Бета.

Вучиќ, исто така, изјави дека проширувањето на ЕУ е геополитичко прашање и дека она што Србија може да го направи побрзо и подобро „нема многу да го забрза“ нејзиниот европски пат.

„Имаме избор. Утре, буквално утре, да воведеме санкции кон Русија, утре да кажеме дека ќе го признаеме Косово, еве нè во ЕУ кога сакате. Само кажете ми дали сакате тоа да биде политика (на Србија). Не мислам дека треба да го признаеме Косово и да воведеме санкции кон Русија. Ова е чиста геополитика“, додаде Вучиќ.

Во Белград, Фон Бекерат го поздрави, како што изјави, напредокот во процесот на избор на новиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и законодавниот процес за унифицираниот избирачки список.

Претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ, се согласи со критиките дека Србија го забавила својот пат кон ЕУ.

„Темпото на реформите е значително побавно, поради поларизацијата во општеството. Тие се забавени поради огромната недоверба меѓу владата, опозицијата и граѓанското општество“, рече Брнабиќ.

Официјален Белград досега ги отфрли критиките за состојбата на владеењето на правото, корупцијата и слободата на медиумите во Србија.

Последниот пат кога ова го направи Министерството за надворешни работи како одговор на одлуката на шведската влада да суспендира дел од својата поддршка за државните власти во Србија поради, како што наведе, „недостатокот на волја на српската влада во однос на почитувањето на владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на слободата на изразување и медиумите“.

Европската комисија, исто така, во својот извештај оцени дека Србија треба да се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Србија, Турција и Белорусија се европски земји кои не се приклучија на санкциите на ЕУ против Руската Федерација поради нејзината инвазија на Украина.

Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година. Отвори 22 од 35 поглавја од преговорите. Две беа привремено затворени.

Уставниот суд на БиХ ја отфрли жалбата на Милорад Додик

Уставен суд на БиХ
Уставен суд на БиХ

На 4 ноември, Уставниот суд на Босна и Херцеговина не ја прифати жалбата на Милорад Додик против пресудата на Судот на БиХ со која тој беше осуден на 1 август на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција, поради непочитување на одлуките на високиот претставник.

Во тоа време, адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, објави дека ќе биде поднесена жалба до Уставниот суд на БиХ, наведувајќи дека ова се чекори потребни за понатамошна жалба до Европскиот суд за човекови права.

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на декрет за донесување закон што високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, претходно го поништи.

Со овие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на Високиот претставник на територијата на овој ентитет на БиХ.

Второбвинетиот во судскиот процес, Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на Службениот весник на РС, кој ги објави спорните закони, беше ослободен во прв степен, што беше потврдено од страна на жалбениот совет.

ОН: Доставени пакети со храна до еден милион жители на Газа од прекинот на огнот

Палестинците чекаат да добијат храна од добротворна кујна во градот Газа
Палестинците чекаат да добијат храна од добротворна кујна во градот Газа

Обединетите нации во вторник соопштија дека дистрибуирале пакети со храна на еден милион луѓе во Газа од прекинот на огнот, но предупредија дека сè уште се во трка за спасување животи, пренесува агенцијата Ројтерс.

Светската програма за храна на ОН нагласи дека сите премини во Појасот Газа треба да бидат отворени за да се преплави со помош палестинската територија погодена од глад, додавајќи дека не е наведена причина зошто северните премини со Израел остануваат затворени.

„Три и пол недели по почетокот на прекинот на огнот во Газа, дистрибуиравме пакети со храна на околу еден милион луѓе низ Појасот Газа“, изјави портпаролката на Светската програма за храна за Блискиот Исток, Абир Етефа.

„Тоа е дел од широката операција за потиснување на гладот во Газа“, изјави таа пред новинарите во Женева, зборувајќи од Каиро.

Светската програма за храна на ОН има за цел да допре до 1,6 милиони луѓе на територијата со пакети, кои обезбедуваат доволно храна за едно семејство за 10 дена.

Сепак, за да се одвиваат операциите на потребното ниво, „навистина ни е потребен поголем пристап, отворање на повеќе гранични премини и поголем пристап до клучните патишта во Газа“, рече Етефа.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на САД, стапи на сила на 10 октомври.

Етефа опиша како Светската програма за храна ги зголемува операциите во Газа и отвори 44 од 145-те пунктови за дистрибуција на храна.

Се проценува дека 700.000 луѓе сега добиваат свеж леб дневно, снабдуван преку 17 пекари поддржани од Светската програма за храна: девет во јужна и централна Газа и осум на север, пренесува Ројтерс.

Етефа рече дека иако нивоата на потрошувачка на храна малку се зголемиле благодарение на хуманитарната помош и комерцијалните камиони на кои сега им е дозволено да влезат, тие остануваат далеку под нивоата пред конфликтот.

Нур Хамад, портпаролка на Светската програма за храна во Газа, рече дека комерцијалните цени на храната сè уште се надвор од дофат на повеќето семејства, велејќи дека едно јаболко сега чини колку што чини еден килограм јаболка пред да избувне војната во октомври 2023 година.

Светската програма за храна соопшти дека успеала да обезбеди само приближно половина од она што било потребно за да се задоволат потребите за храна на луѓето во Газа.

„Потребите се огромни“, рече Етефа, додавајќи: „Ние сме во трка да спасиме животи“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG