Достапни линкови

Вести

Ѕанакопулос - За Договорот од Преспа постои мнозинство во грчкиот парламент

Илустрација: Грчкиот парламент
Илустрација: Грчкиот парламент

Секогаш сметав дека Договорот од Преспа, на балансиран, праведен и корисен начин ги решава прашањата што предизвикуваа сомнежи и поделба меѓу нашата земја и ПЈРМ, вели министерот без ресор на Грција и владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека доставените уставни амандмани, но и последните изјави на македонскиот премиер го потврдуваат овој став, а паралелно ги уриваат аргументите на Нова демократија.

Ѕанакопулос потенцира дека ратификацијата на Договорот од Преспа им служи на интересите на Грција и на поширокиот регион и изрази убедување дека ќе добие мнозинство од грчкиот парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

„Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници, независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена“, вели Ѕанакопулос и додава дека треба приоритет да бидат интересите на земјата, а не предизборните тактики или партиските стремежи.

Прашан за тоа дали можеби Нова демократија би гласала за протоколот за влез на Македонија во НАТО, портпаролот на грчката влада и министер без ресор вели дека „тоа ќе зависи од обемот на хипокризијата на Мицотакис“.

Во однос на тоа дали евентуалното повлекување на Независни Грци би можело да доведе и до предвремени парламентарни избори, Ѕанакопулос објаснува дека владата ќе го заврши мандатот, бидејќи по излезот од меморандумите, „пред себе има големи политички и институционални предизвици“. Како владини цели ги споменува зголемувањето на минималната плата, завршувањето на уставната ревизија, зајакнувањето на позитивниот тек на економијата, дополнителното намалување на невработеноста, финализирање на дијалогот со црквата, носење мерките за социјална поддршка.

„Да бидете сигурни дека постојните парламентарни корелации гарантираат дека владата ќе одговори на овие предизвици и ќе ги постигне целите со искористување на четиригодишниот мандат“, вели Ѕанакопулос во интервјуто за АНА-МПА, пренесе МИА.

види ги сите денешни вести

Српски хеликоптер го изгасна пожарот во близина на селото Росоман

Српски хеликоптер Камов К-32
Српски хеликоптер Камов К-32

Припадниците на Одделот за вонредни состојби и хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи на Србија гаснеа пожар во близина на селото Росоман во Северна Македонија.

Според српското МВР, на таа локација од противпожарен хеликоптер испуштиле 20 тони вода.

Од 16 јули, во Северна Македонија се испуштени вкупно 157 тони вода.

„Екипа на МВР во текот на вчерашниот ден успешно го стави под контрола пожарот кај градот Радовиш, на планината Плачковица, каде исто така самостојно ја изврши интервенцијата“, се вели во соопштението.

Помошта од Србија е испратена врз основа на барање на Владата на Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека испраќа противпожарен хеликоптер Камов К-32 со капацитет од пет тони вода во Северна Македонија со седум припадници на тамошното Министерството за внатрешни работи.

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари, а веќе 30 дена е прогласена вонредна состојба. Во исто време, криза има и во однос на противпожарната опрема, па се гаснат и возила стари 45 години.

Во Северна Македонија нема доволно пожарникари, па општините си помагаат, а помош почна да пристигнува и од други земји.

Топлотниот бран ги зафати земјите од Западен Балкан, а екстремните температури на места надминуваат и 40 Целзиусови степени. Се очекува ова да биде најдолгиот и најинтензивен топлотен бран во 2024 година.

Почина шефот на Комунистичката партија на Виетнам

Нгујен Фу Тронг
Нгујен Фу Тронг

Нгујен Фу Тронг, генерален секретар на виетнамската владејачка Комунистичка партија, почина во петокот, на 19 јули, по 13 години на најмоќната позиција во земјата, за кое време го надгледуваше брзиот економски раст, долгогодишната борба против корупцијата и прагматичната надворешна политика. Имаше 80 години.

Неговите должности се привремено предадени на претседателот То Лам, ѕвезда во подем во партијата, кој би можел дополнително да ги зацврсти своите овластувања доколку му се дозволи да ги задржи двете улоги, пренесува Ројтерс.

Нгујен Фу Тронг почина во раните попладневни часови „поради старост и тешка болест“, се вели во соопштението на Комунистичката партија на својата веб-страница, без да се образложи природата на болеста.

Во соопштението се цитирани информации од неговиот медицински тим, во кој се вели дека тој починал „по период на болест, и покрај тоа што сесрдно го лекувале партијата, државата, тим од професори, лекари и водечки медицински експерти“.

То Лам ја презеде функцијата во четвртокот бидејќи шефот на партијата беше болен. Партијата сега ќе треба да одлучи дали То Лам официјално ќе биде назначен за вршител на должноста шеф на партијата до завршувањето на неговиот сегашен мандат во 2026 година или дали пред тоа ќе избере нов шеф од своите.

Иако Виетнам официјално нема врховен владетел, Нгујен Фу Тронг е најмоќната фигура во земјата како генерален секретар на партијата, функција што ја извршува од 2011 година.

Тој обезбеди трет мандат во 2021 година, откако беше отфрлено правилото на владеењето во два мандати, покажувајќи ја својата сила и значително политичко влијание во партијата која владее со обединет Виетнам речиси половина век.

Но, во последниве месеци тој се појавуваше изнемоштен на јавни настани и пропушти неколку состаноци на највисоко ниво.

Некои бизнисмени и аналитичари ја видоа консолидацијата на моќта под То Лам како потенцијално позитивно за забрзување на донесувањето одлуки во земјата од Југоисточна Азија, која е дом на големите фабрики на врвни мултинационални компании, вклучувајќи ги Самсунг, Интел, Канон и главниот снабдувач на Епл, Фокскон.

Откако беше објавена смртта на Нгујен Фу Тронг, јавните настани беа откажани низ целата земја до 25 јули, додека банерите на државните веб-страници станаа црно-бели.

Државните радиодифузери емитуваа документарен филм за Нгујен Фу Тронг со наслов: „Генералниот секретар Нгуен Пу Тронг: непоколеблив, интелектуален, примерен лидер“.

Баровите во главниот град Ханој одбија да служат пијалоци или да пуштаат музика во петокот навечер.

Нгујен Фу Тронг се школувал во Советскиот Сојуз и се сметал за марксистичко-ленинистички идеолог, но сепак негувал врски со Соединетите Држави.

Во 2017 година, тој го започна она што многумина го сметаа за борба против корупцијата во кинески стил, позната како „жешка печка“, во која стотици функционери беа под истрага за поткуп, а многумина беа принудени да поднесат оставки, вклучително и министрите во кабинетот, претседателот на парламентот и двајца претседатели на држави.

Нгуен Пу Тронг беше домаќин на американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот лидер Си Џинпинг во Ханој минатата година, зајакнувајќи ги односите со двете земји и покрај зголемените тензии меѓу САД и Кина.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Виетнам соопшти дека Нгујен Пу Тронг е „визионерски лидер кој со децении служел како мост меѓу Виетнам и Соединетите Држави“ и го пофали дека е првиот лидер на виетнамска партија што ги посетил Соединетите држави.

Кинеската комунистичка партија, исто така, испрати порака со сочувство до Виетнам, нарекувајќи го „доверлив марксист“ и „добар другар, брат и пријател“, објавија државните медиуми.

Тав Македонија: Засега нема откажани летови, сите аеродромски системи се во функција

Аеродромот во Скопје (архивска фотографија)
Аеродромот во Скопје (архивска фотографија)

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на двата македонски аеродроми извести дека сите аеродромски системи се во функција и засега нема откажани летови, а не се соочуваат ниту со прекини или технички проблеми на нивните системи.

„Факт е дека одредени авиокомпании се соочуваат со тешкотии со нивните системи, но ние преземавме мерки за овозможување на непречени операции на аеродромите“, стои во соопштението од ТАВ.

Апелираат сите патници да ги проверат и потврдат информациите за нивниот лет со авиокомпанијата или туристичката агенција преку која резервирале авиобилет.

„Сите аеродромски сектори се во состојба на подготвеност поради глобалниот ИТ прекин и се преземаат сите неопходни мерки за опслужување на нашите патници на најдобар можен начин, дополнуваат“ од ТАВ.

Поради проблемите во глобалните ИТ системи, од компанијата „Виз ер“ која лета од Меѓународниот аеродром „Скопје“, соопштија дека патниците ќе може да доживеат прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб страницата и мобилните апликации се привремено недостапни.

„За време на прекинот, достапно е бесплатно пријавување на аеродромот. Затоа, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред закажаното време на поаѓање за да овозможат доволно време за пријавување, безбедносна контрола и здравствени и безбедносни процедури специфични за аеродромот“ пишува во соопштението на компанијата.

Поради голем ИТ дефект денеска на 19 јули светските авиокомпании, аеродромите на најмалку четири континенти, здравствените системи, банките, телекомуникациите, медиумите и други компании, институции и организации се соочуваат со потешкотии во работата.

Сè поголем број влади и институции тврдат дека зад големиот технолошки дефект што ги погоди компаниите и системите ширум светот, не стои хакерски напад, а виновникот го наоѓаат во софтверот на компанијата за кибер безбедност „Крауд Страјк“ (CrowdStrike).

Американски новинар осуден во Русија на 16 години затвор

Новинарот Еван Грешкович
Новинарот Еван Грешкович

На 19 јули, судот во Русија го осуди Еван Гершкович, новинарот на „Волстрит журнал“ на 16 години затвор. Тој беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа кои тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани.

Судот ја донесе својата одлука веднаш по сослушувањето на завршните зборови во петокот, еден ден откако работодавачот на Гершкович и американскиот Стејт департмент побараа негово итно ослободување.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во Москва одби да одговори на новинарско прашање за причините за забрзаниот процес на донесување судска одлука, велејќи дека не може да ја коментира. Тој додаде дека судењето на Гершкович се одвивало зад затворени врати поради „чувствителноста на случајот“.

Судењето, кое започна на 26 јуни, се одржа зад затворени врати во Регионалниот суд во Свердловск во градот Урал, Екатеринбург, откако беше поместен од 13 август на барање на тимот на одбраната.

Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март 2023 година, додека беше на новинарска задача.

Потоа беше обвинет дека се обидел да добие информации за фабриката што произведува тенкови за руската војна во Украина и да ги пренесе на американската Централна разузнавачка агенција ЦИА.

Тој е првиот американски новинар кој беше уапсен и осуден на 19 јули под обвинение за шпионажа во Русија по Студената војна.

Гершкович е 32-годишен американско-роден син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз.

„Волстрит журнал“ и американската влада силно ги отфрлија наводите за шпионажа, велејќи дека Гершкович ја вршел својата работа како овластен новинар само кога бил уапсен. „Волтстрит журнал“ во изјавата на 18 јуни рече дека Гершкович бил неправедно уапсен.

„И покрај тоа што Русија го организира своето срамно лажно судење, ние продолжуваме да правиме се што можеме за да бараме итно ослободување на Еван“, се вели во соопштението на весникот во четвртокот.

На 18 јули, заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател не ги коментираше можните преговори за размена на затвореници.

Тој рече дека Вашингтон бара ослободување на Гершкович и уште еден затворен американски државјанин, поранешниот маринец Пол Вилан, што е можно поскоро.

„Сакаме и двајцата веднаш да се вратат дома и ќе продолжиме да работиме во оваа област додека не се обединат повторно со нивните најблиски“, рече Пател.

Тој додаде дека ниту еден претставник на американската амбасада не може да присуствува на судењето на 18 јули.

Русија се пожали на извештаите на американските медиуми за можна размена на Гершкович.

Барањата на Гершкович да биде ослободен од озлогласениот московски затвор Лефортово, каде што се наоѓаше од неговото апсење, беа одбиени.

Неговото апсење дојде околу една година откако Русија донесе нови закони со кои се криминализира критиката за војната на Москва против Украина, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“, како и изјави за кои се смета дека ја дискредитирале војската.

Гершкович е еден од двајцата американски новинари кои во моментов се задржани од руските власти.

Втората е Алсу Курмашева, 47-годишна новинарка во Радио Слободна Европа, која има двојно американско-руско државјанство.

Курмашева беше уапсена во Казан во октомври и обвинета за нерегистрација како „странски агент“ според кривичниот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други.

Таа е обвинета и за ширење невистини за руската војска и се соочува со затворска казна до десет години доколку биде осудена.

Радио Слободна Европа и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка на медиумот со седиште во Прага.

Курмашева не беше означена како „неправедно приведена“, и покрај постојаните повици од нејзиниот работодавец и семејството да се случи тоа.

Нови 26 случаи на голема кашлица, две лица се хоспитализирани изминатата недела

Институт за јавно здравје
Институт за јавно здравје

Нови 26 случаи на голема кашлица се пријавени во периодот од 12 до 18 јули, што претставува намалување од 35,4 отсто во споредба со претходниот седмодневен период, информира Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје - 10. Пријавени се и седум случаи од Куманово, по два во Кратово и Тетово и по еден случај во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од три месеци до 70 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Од новите случаи, хоспитализирани се две лица, покажува најновиот извештај на ИЈЗ објавен на 19 јули.

„Заклучно со 18 јули, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 931 случај на голема кашлица, со инциденца од 50,7/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи“, пишува во извештајот.

Од вкупниот број заболени лица, кај 924 лица се регистрирани симптоми, додека болеста кај седум лица е во асимптоматска форма.

Епидемиолошките истражувања покажуваат поврзаност на 151 случај.

„Порастот на бројот на невакцинирани деца - пад на опфат со задолжителна имунизација, антивакциналните кампањи, но и колебливоста на родителите во однос на имунизацијата, доведуваат до повторна појава на вакцино - превентабилни заболувања во Северна Македонија“, наведуваат од ИЈЗ.

Во тек се три епидемии, пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово.

Од вкупниот број регистрирани случаи, 580 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани - 264, просекот на поминато време од последната доза на вакцина до заболувањето изнесува 13 години.

Од 18 јануари до 18 јули, дадени се вкупно 59.972 дози вакцина со компонента против голема кашлица.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

Убиен напаѓачот на полицајците во Србија, објави Дачиќ

Полиција во градот Лозница во западна Србија на местото каде што беа застрелани двајца полицајци, 18 јули 2024 година.
Полиција во градот Лозница во западна Србија на местото каде што беа застрелани двајца полицајци, 18 јули 2024 година.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ на 19 јули изјави дека е убиен напаѓачот што уби полицаец еден ден претходно во Лозница во западна Србија.

„Припадници на полицијата го ликвидираа во околината на Лозница убиецот на полицаецот“, рече Дачиќ.

Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека интензивно трага по Фатон Хајризи, кој е осомничен за напад на полицајци. Српското МВР ја објави фотографијата на Хајризи и ги повика граѓаните на соработка.

Престрелката се случила во раните утрински часови кога полицајците при рутинска контрола го запреле возилото во кое се наоѓал осомничениот. Излегувајќи од автомобилот со пиштол ги застрелал полицајците, а потоа побегнал. Властите го означија нападот како терористички.

„Обвинителството за организиран криминал случајот ќе го смета за терористички чин бидејќи се работи за напад врз функционери“, изјави министерот за полиција Дачиќ на 18 јули.

Полицијата соопшти дека на лице место е пронајден пасош издаден во Косово на име Артан Хајризи (1991) и германска лична карта.

Министерот Ивица Дачиќ изјави дека се проверува дали лицето чии документи се пронајдени е братот на Артан Хајризи, Фатон Хајризи, кој избега од затвор во Косово.

На 18 јули Артан Хајризи за медиумите изјави дека е во Германија и дека неговиот брат Фатон му го украл пасошот.

На 18 јули во Бјелина, Босна и Херцеговина, беше уапсено лице кое превезувало осомничено лице од Прешево на југот на Србија во Лозница, каде пукал во полицајци.

Папата повика на примирје за време на Олимпијадата

Папата Франциск
Папата Франциск

Папата Франциск повика на примирје во петок за време на претстојните Олимписки игри во Париз, нагласувајќи дека игрите се носители на мирот, а не на војната.

Поглаварот на Римокатоличката црква во пораката објавена на 19 јули истакна дека во античко време за време на игрите мудро било воведено примирје.

„Во овие тешки времиња, кога светскиот мир е под сериозна закана, жестоко се надевам дека сите ќе го почитуваат ова примирје“, рече 87-годишниот Франциск.

Папата го нарече спортот универзален јазик кој ги надминува границите, јазиците, националностите и религиите.

„Има способност да ги обединува луѓето, да поттикнува дијалог и меѓусебно прифаќање“, додаде тој.

Папата оцени дека Олимписките игри во главниот град на Франција би можеле да бидат исклучително место за средба, дури и меѓу непријателските народи во време на војна и конфликти ширум светот.

Традицијата на примирје датира од Олимписките игри во античка Грција. Потоа беше воспоставено примирје, кое започнува седум дена пред игрите и завршува седум дена по нив, за да се осигура дека сите спортисти можат безбедно да патуваат.

Годинава Олимписките игри ќе се одржат во Париз од 26 јули до 11 август. Потоа следуваат Параолимписките игри, од 28 август до 8 септември.

Андоновски: Не се пријавени проблеми во компјутерските системи на државните институции

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација
Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски информираше дека нема пријавено проблеми во компјутерските системи на државните институции, откако медиумите јавија дека се случиле падови на оперативните системи низ повеќе земји во светот.

Андоновски рече дека добро во ситуацијата е што не станува збор за сајбернапад и дека добиле информации дека станува збор за несоодветност на ресурсите на платформата Мајкрософт.

„Што се однесува до државните институции, во постојана комуникација сме и со министерката за енергетика, но и со другите одговорни лица, не се пријавени до сегашни падови на системите во државните институции. Има некоја информација за приватниот сектор, но мислам дека тоа се изолирани случаи и веќе се надминува. Дополнителни информации може да имаме во текот на утрешниот ден, но како што ја гледам ситуацијата во моментот, станува изолиран инцидент во Мајкрософт и со него поврзани системи, така што не очекувам да има повеќе проблем во државните институции“, истакна Андоновски.

Според министерот државата има стратегија за работа во областа на заштита во сајбер просторот. Тој истакна дека се формира работна група со стручни лица кои ќе работат на изработка на стратегијата за сајбер безбедност и изработка на законот за сајбер заштита.

Во светот денеска беа пријавени проблеми и прекини во ИТ-мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании, приземјени се авиони, медиуми не емитуваат програми, а погоден бил и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела.

Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите кои ги пријавија корисниците, а поради кои во компаниите и банките ширум светот дојде до технички проблеми и прекини во функционирањето.

Компанијата за сајбер безбедност уверува дека техничките проблеми не се безбедносен инцидент

илустрација
илустрација

Извршниот директор на CrowdStrike, компанијата за сајбер безбедност, за која постојат сомневања дека е главниот виновник за големите технички проблеми со кои денеска (19 јули) се соочија многу аеродроми, медиуми, банки, продавници ширум светот, изјави дека „CrowdStrike активно работи со своите клиенти кои се погодени од дефект откриен во ажурирањето на уредите што работат на оперативниот систем „Windows“.

„Ова не влијаеше на компјутерите на Mac и Linux. Ова не е безбедносен инцидент или сајбер напад“, рече Џорџ Курц.

Тој додаде дека проблемот бил идентификуван и изолиран.

„Ги упатуваме корисниците на порталот за поддршка, каде што можат да ги преземат најновите ажурирања. Ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до нив“, рече Курц.

Тој препорачува организациите да се погрижат да комуницираат со претставниците на CrowdStrike преку официјални канали.

„Нашиот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди безбедност и стабилност на сите наши клиенти“, уверува извршниот директор на CrowdStrike.

Во меѓувреме, унгарската авио-компанија „Wizz Air“ ги предупредува патниците денеска да пристигнат на аеродром најмалку три часа пред нивниот лет бидејќи се очекуваат потенцијални прекини поради тековниот проблем на глобалните ИТ системи.

Како што информираа од „Wizz Air“, може да има прекини низ мрежата бидејќи услугите на веб-страната и мобилните апликации привремено се недостапни.

Во светот денеска беа пријавени проблеми и прекини во ИТ-мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании, приземјени се авиони, медиуми не емитуваат програми, а погоден е и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела.

Компанијата „Мајкрософт“ соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите кои ги пријавија корисниците, а поради кои во компаниите и банките ширум светот дојде до технички проблеми и прекини во функционирањето.

Во меѓувреме, акциите на групата за сајбер безбедност CrowdStrike паднаа за 20 отсто во претпазарното тргување на ВолсСтрит поради глобалниот прекин на компјутерскиот систем.

Педесет загинати во студентските протести во Бангладеш

Студентски протести во Банглдеш, 18 јули 2024 година
Студентски протести во Банглдеш, 18 јули 2024 година

Бројот на загинати во студентските протести во Бангладеш достигна денеска 50, според болниците ширум земјата.

„Овде имаме пет тела. Тие беа убиени денеска“, рече Бачу Миа од болницата Медицинскиот колеџ во Дака, по 45 други смртни случаи избројани низ земјата од вторникот.

Полицијата во Бангладеш денеска пукаше и употреби солзавец врз демонстрантите додека интернет и телефонските врски се прекинати низ целата земја по демонстрациите за доделување владини работни места.

Демонстрациите, кои започнаа пред неколку недели и ескалираа во понеделникот, претставуваат најголем предизвик досега за премиерката Шеиха Хасина од почетокот на нејзиниот четврти мандат во јануари.

Демонстрантите бараат крај на системот на квоти кој резервира до 30 отсто од владините работни места за роднините на ветераните кои се бореле во војната за независност на Бангладеш против Пакистан во 1971 година.

Тие тврдат дека системот е дискриминаторски и им користи на поддржувачите на премиерката Шеик Хасина, чија партија Авами лига го предводеше движењето за независност, и сакаат тој да се замени со меритократски систем.

Но, Хасина го бранеше системот на квоти, велејќи дека ветераните заслужуваат најголема почит за нивниот придонес во војната, без оглед на нивната политичка припадност.

Иако можностите за вработување се зголемени во некои делови од приватниот сектор, многу луѓе претпочитаат државни работни места бидејќи се сметаат за постабилни и попрофитабилни. Сепак, нема доволно работни места. Секоја година околу 400 000 дипломирани студенти конкурираат за околу 3000 работни места на испитот за државна служба.

Опозициските партии ги бојкотираа последните избори во земјава.

Новите судири следат по вчерашниот - „најкрвав“ ден на демонстрации досега.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG