Достапни линкови

Со пет случаи не се прогласува епидемија на морбили


Илустрација
Илустрација

Во саботата беше прогласена ограничена епидемија на морбили во општина Гази Баба, како резултат на пет случаи од ова заболување. Според експертите, бројката е недоволна за епидемија и е со цел да се заплашат родителите кои не ги вакцинираат децата, а тоа, како што порачуваат, мора да го направат.

Епидемија на морбили не се прогласува само со пет случаи, велат упатените и според нив ситуацијата е резултат на невакцинацијата на децата. Во саботата беше прогласена ограничена епидемија на морбили на територијата на општина Гази Баба, откако пет деца беа примени на Клиниката за инфективни болести. Децата кои имале вирус на мали сипаници се во стабилна состојба. Во текот на изминатиот викенд беа вакцинирани и 100 лица во општината кои биле во непосредна близина со заболените.

Поранешниот претседател на лекарската комора, доктор Владимир Борозанов, вели дека епидемиолозите за да си најдат работа ги промениле критериумите за бројноста на заболени за прогласување на епидемија. Затоа, според него, ја нарекоа локална епидемија.

„Значи се случува појава на зачестен број на заболувања во одредена средина којашто е, како да кажам, од затворен тип. Заплашувањето има само една цел да се опаметат и јавните служби и родителите да си ги вакцинираат на време децата“, вели Борозанов.

И поранешниот министер за здравство, Ѓорѓи Оровчанец тврди дека пет случаи на морбили не можат да бидат епидемија. Според него, кога ќе падне вакцинацијата под одредено ниво тогаш нема колективна имунизација и лесно се шири инфекцијата и тоа е проблем.

„Во културни земји нема закон, едноставно се испраќа порака дека детето треба да оди на вакцина и луѓето одат и ја средуваат работата. Меѓутоа, ако вие немате имунизација на одредена маса на население епидемија сигурно ќе добиете“, посочува Оровчанец.

Во текот на наредните денови епидемиолозите ќе ги лоцираат невакцинираните деца. Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести вели дека најниско ниво на вакцинација против морбили има во Скопје.

„Еве за чудо, Шуто Оризари е со најдобар опфат, што е добро, а Центар и Карпош се со многу понизок опфат и токму затоа и во Скопје ни се појавува“, вели таа.

Борозанов додава дека кампањата против вакцинација е еден негативен тренд, кој е непотребен и нема цел.

„Нека земат тие што се бунат еден обичен аспирин и нека прочитаат на пакувањето колку има несакани последици и претпазливост за прием на обично апче. Така што таквите појави кои се исклучително ретки, апсолутно не се оправдување за невакцинирање, особено што вакцинацијата е општествена одговорност, а не само индивидуална“, порачува Борозанов.

Според него, треба да се зголемат и казните за оние родители кои не ги вакцинарале децата, а во однос на тоа кои вакцини треба да се користат тоа е друго прашање и за тоа може да се отвори дебата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG