Достапни линкови

Неделници - Економски теми и бегството на Груевски


Протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ против политиките на власта.

Капитал пишува за тоа дека странските компании во Македонија не користат суровини од домашните фирми. Глобус анализира за бегството на Груевски, а Фокус за способноста на власта да инсталира режим како оној на Груевски.

Капитал - Странските компании набавуваат малку суровини од македонските фирми

Една од темите на насловната страница на новото издание на Капитал е посветено на истражувањето на економскиот институт Фајнанс тинк кое покажува дека странските компании во земјава кои отворија фабрики во Македонија набавуваат малку суровини од македонските фирми. Во анализата се открива дека само 10 проценти од обврските на странските компании се остваруваат со домашните фирми, а таа соработка најмногу се сведува на набавка на одредени услуги и дека тие речиси и не набавуваат суровини за нивните производи од домашниот пазар. Како главни пречки за поголема соработка се идентификувани недоволниот технолошки развој и подготвеност на домашните компании, имплементацијата на стандарди и сертификати и недоволниот производствен капацитет, пишува покрај другото Капитал.

Глобус - Тромавите институции го овозможија бегството на Груевски

Покрај економските теми, неделниците продолжуваат да ја анализираат состојбата на македонските институции чија тромавост и неснаоѓање го овозможија бегството на Никола Груевски во Унгарија. Во една од колумните на он-лајн магазинот Глобус авторот наведува дека бегството на Груевски е медиум преку кој елитата и народот бараат промени со кои ќе се гарантира статус квото. Општеството е уништено до таа мерка, продолжува Глобус, што не е во состојба да пружа позначајни отпори на евентуалните промени, затоа и беше дозволено да биде уништено, но е обезличено и деморализирано до мерка која го прави неупотребливо како енергија на неопходните промени. Колумнистот смета дека власта на Заев е слаба и во кадровска и во идејна смисла и во смисла на политичките релации во Собранието, и нејзините практики се многу проблематични, но во оценките што претендираат да бидат реални мора да се земе предвид контекстот на една инцестуозна и деформирана средина, темелно изобличена во текот на режимот на ВМРО, но тоа, се разбира не смее да биде алиби за ничија неспособност, вели авторот. Точно е дека аждајата на груевизмот е жива, но општеството одбива да конституира власт која ќе му го зарие копјето на тој аждер во главата. Не ја препознава потребата, не го сака ризикот, нема кој тоа да му го објасни затоа што медиумите се центри за заглупувување. И во таа смисла, резултатите на Заев и неговата екипа се импресивни, вели авторот на колумната и му препорачува на премиерот да ја спушти чувствителноста кон критиките на јавноста, да го истера мандатот до крај, да направи одредени кадровски промени, во сите потези на внатрешен план да биде уште похрабар. Вториот фикс, според колумнистот во Глобус, е да стори сè да го врати, како што вели, „малото шаткасто чудовиште“ оти тоа е можеби последната голема шанса за реконсолидација на Македонија и на македонското општество.

Фокус - СДСМ не е способен да инсталира авторитарен режим како оној на Груевски

Исто така во колумна, уводничарот во Фокус објаснува, за нештата да бидат појасни, дека по година ипол владеење е сигурен дека СДСМ не е способен да инсталира авторитарен режим како оној на Груевски. „За ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски, кој сè уште го величи, наместо да го осудува груевизмот“, пишува колумнистот, „не би можел да гарантирам“, вели. Сепак, наведува колумнистот во Фокус, Заев ќе биде одговорен ако некогаш „злото се повтори“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG