Достапни линкови

ЕЛЕМ подига зелен појас околу РЕК


Пошумување околу РЕК Битола.

Пошумувањето околу РЕК е за да се намалат штетните последици од загадувањето, велат од ЕЛЕМ. Опоцизијата вели дека тоа не е револуционерно решение.

ЕЛЕМ започна со пошумување во рудникот Брод Гнеотино со цел да се создаде зелен појас околу РЕК, а надлежните велат дека така ќе се намалат штетните последици од загадувањето врз околните населени места. Опозицијата, пак, за ова рече дека не е некое револуционерно решение, туку треба да се спроведе гасификација и топлификација за почиста животна средина, процеси кои додека беа на власт десет години ги ветуваа, а не ги спроведоа.

„Започнуваме со појасот од рудникот Брод Гнеотино до Новаци, започнуваме во првата фаза со 50.000 садници, но нема да застанеме овде со таа бројка. Предвидено е следната година две акции за пошумување со по 50.000 садници значи за две години ќе завршиме со 150.000 садници. Целта е да направиме еден зелен појас околу Комбинатот за да се заштитат населените места колку е тоа можно од пепелта, прашината и другото загадување“, рече директорот на ЕЛЕМ, Драги Миновски.

Поранешниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, воедно и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека пошумувањето и не е некој новитет, а тој би сакал да зборува за суштината, а не за фолклорот.

Стопирани се два клучни проекти, едниот топлификацијата, а другиот гасификација иако средствата беа обезбедени. Сведоци сме дека со ребалансот на буџетот средствата кои беа наменети за гасификацијата, сега се пренаменети за плаќање на долговите во општините. Инаку, традиционално и во минатото се засадувале багремови садници на истото место, па не е некое револуционерно откритие на оваа гарнитура на директори на ЕЛЕМ. Ако сериозно се зафаќаат со решавање на загадувањето, тоа не е се решава со багремови садници“, рече Мицкоски.

Новинарите го прашаа: „Дали вие додека бевте директор на ЕЛЕМ имаше пошумувања во РЕК“? Тој одговори „да, имаше во РЕК“.

Новинарите во изминатите години не паметат кога друг пат биле повикани во РЕК да присуствуваат на акција за засадување дрвја, што пак не значи дека ги немало.

Во однос на топлификацијата и гасификацијата, претходната власт ги ветуваше со години, но гасот не стигна до Битола, а од топлификацијата беше направена реконструкција на турбините на двата блока во РЕК, но друга инфраструктура не беше поставена.

Од СДСМ, пак, со најава дека следната година ќе биде формирано претпријатие за гасификација.

„Гасификацијата е крупното и единственото решение со кое Општина Битола на долг рок ќе го спречи загадувањето во нашиот град. Гасификацијата во општина Битола ќе биде реализирана, со отпочнувањето во следната година со постапката за формирање на претпријатие и со отпочнувањето на тендерските постапки Општина Битола ќе се движи во правилна насока“, рече Менде Илиевски, советник од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG