Достапни линкови

Расправата за вториот нацрт-амандман на Уставот продолжува утре


Архивска фотографија- Собраниската Комисија за уставни прашања

Комисијата за уставни прашања попладнево расправаше по вториот нацрт-амандман со кој во Преамбулата на Уставот одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. Расправата по овој нацрт амандман ќе продолжи утре.

Опозицијата обвини дека со овој амандман и измените што се прават во Преамбулата се бришат деветте одлуки на АСНОМ, од кои, како што рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, четири имаат државотворно значење. Заменувањето на одлуките со Прогласот, рече не смее да се прави, бидејќи Прогласот е само известување до граѓаните за донесените одлуки. На ова реплицираше заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски нарекувајќи го апсолутно невистина и груба измама на граѓаните на Република Македонија.

Вметнувањето на Рамковниот договор, според пратениците од опозицијата, е дополнително проблематично и тоа отвора можности за федерализација и бинационална држава. Со ставањето на Рамковниот договор во Преамбулата, се отвора можност да се прогласи албанскиот јазик за службен на целата територија на државата. Затоа, рече пратеничката Дафина Стојановска, се тргаат одлуките меѓу кои и онаа со која за службен јазик се прогласува македонскиот јазик.

Претпладнето, првиот нацрт-амандман за промена на Уставот помина на седницата на оваа Комисија со десет гласови „за“ и пет против. Со овој нацрт-амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект.

XS
SM
MD
LG