Вести
Јанушев – Замрзнувањето на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е политички прогон
Одлуката за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ е политички мотивирана за да се изврши политички прогон врз партиското делување, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој рече дека е замрзнат целиот имот на партијата и сите штабови низ целата земја во вредност од околу 10 милиони евра и оти тоа ќе предизвика сериозна штета во функционирањето на партијата. Тој рече дека за прв пат во Македонија се замрзнува имот на опозициска партија.
„Оваа власт се обидува да забрани политичко делување кое се разликува од антидржавните политики на СДСМ. Одлуките на судиите се неосновани и без правна аргументација, исклучиво политички мотивирани. Не постои мандат и надлежност за определување вакво барање, а второ ВМРО-ДПМНЕ како правно лице не е осомничено во постапка, оттука очигледна е намерата на инспираторите на ова сценарио да се спроведе политички прогон со кој на партијата и се извршува штета и се спречува нормалното работење“, рече Јанушев.
Тој посочи дека веќе е поднесена жалба за решението на судот.
Судија на претходна постапка, по барање на СЈО, претходно изрече привремена мерка за обезбедување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ. Дејствијата се преземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што, според СЈО, постои веројатност имотот да биде отуѓен до завршување на постапката.
види ги сите денешни вести
Авион со 14 луѓе се урна во бразилскиот Амазон, нема преживеани
Четиринаесет лица загинаа во авионска несреќа во Барселос, туристички град во бразилскиот Амазон, објави гувернерот на државата Амазонас, Вилсон Лима.
Во несреќата загинаа 12 патници и двајца членови на екипажот, пренесува AFP.
Нема преживеани, јавуваат бразилските медиуми, а пренесуваат дека се работи за авион Ембраер ЕМБ-110, кој полетал од Манаус, главниот град на државата Амазонас, до Барселос.
Летот е долг 90 минути. Патниците биле Бразилци кои патувале во регионот поради спортски риболов. Засега не се познати причините за несреќата.
Гувернерот на Лима изјави дека регионот го погодил силен дожд и дека веројатна причина за несреќата била погрешно утврдена рута во моментот на слетувањето на авионот.
Центарот за истраги и спречување на несреќи покрена истрага за причините за несреќата.
САД одби 25% од Македонците кои барале виза лани
Aмериканскиот Стејт департмент на својата официјална веб страница објави податоци за тоа колкав е процентот на одбиени барања за виза за влез во САД лани во 2022 година. Според објавената статистика се гледа дека во Република Северна МАкедонија се одбиени 26% проценти од барањата што е малку повеќе од една четвртина.
Од регионот според официјалниот документ најмногу одбиени барања се во Црна Гора и тоа 34%, а најмалку во Хрватска 5,5%. Речиси 20% барања за виза за САД биле одбиени од Босна и Херцеговина, 13,5% од Словенија, 19,5% од Србија, 17% од Косово, 27,5% од Албанија.
На објавениот список има и земји со нула проценти односно на оние на кои не им било одбиено ниту едно барање или дури не побарале виза. Тоа се Андора, Сан Марино, Северна Кореја, Монако и Маршалските Острови.
Од барањата за виза за САД со мал процент одбиени барања се и Израел, Аргентина, Швајцарија и Исланд, Тајван со помалку од 5%.
Единствената земја на која се одбиени сите барања за американска виза е Микронезија со 100 отсто, а потоа следи Мавританија со 89 отсто.
Меѓу земјите со висок процент на одбиени визи се Џибути 74%, Бурунди 69%, Сенегал со 66%.
Заедно со руските дипломати, непожелен во земјава е и руски архимандрит
Забрана за влез во земјава, покрај тројцата руски дипломати кои се протерани од државата добил и шефот на руското црковно предворје во Софија Васијан Змеев. Медиумите во земјава веќе ги објавуваат овие информации за кои тврдат дека се од добро упатени извори во Министерството за надворешни работи.
Змеев, како што пишува „Религија.мк“ е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби високи претставници на Македонската православна црква – Окридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со осбено влијание во Бугарија и во Северна Македонија.
Претседателот на Демократи за силна Бугарија (ДСБ) и во изјава за БНТ ја критикуваше работата на бугарските безбедносни служби бидејќи од други разузнавачки служби ја дознале информацијата.
„Нели ѝ е срам на бугарската разузнавачка служба што мала Македонија со своите служби дозна дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква се занимава со разузнавање во Македонија и го протерале од таму, а тој живее во Бугарија во удобност, изјави за БНТ генералот Атанас Атанасов, претседател на Демократи за силна Бугарија.
Според неофицијални информации на медиумите, заслуга на архимандритот Васијан бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Неодамна и претседателот Стево Пендаровски јавно објави дека некои владици на МПЦ-ОА биле во блиски контакти со руските безбедносни служби.
Вчера беше објавено дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија од земјата биле протерани тројца руски дипломати.
Ваквата одлука била донесена по информации добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.
За Русија прогласувањето на тројцата дипломати за непожелни е „неодговорен и непријателски чин“. Дел од медиумите денеска ги објавуваат и имињата на тојцата дипломати.
Бислимовски: Проектот Чебрен и гасна електрана за баланс во системот за струја
Проектот Чебрен и Галиште да се реализира и да се изгради една поголема гасна електрана за да се балансира со системот за производство на електрична енергија. Ова во интервју за државната новинска агенција МИА го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Тој вели дека на ред е државата која треба да ги исполни овие очекувања. Тоа што може да го направи државата сама или со јавно-приватно партнерство треба да се направи, порачува Бислимоски.
„Треба да се реализираат и најавениот голем фотоволтаик во Штип од околу 400 мегавати, како и најавената ветерна електрана во Кривопаланечко од 400 мегавати и поголемата когенеративна постројка во Скопје, која е грчка инвестиција, со што Македонија од земја увозник ќе ја направат земја извозник на електрична енергија, вели Бислимоски.
Минатата недела Владата објави дека грчката фирма ППЦ – Архиродон ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река во Северна Македонија за производство на струја со изградба на хидроелектрични централи.
Оттаму велат дека е донесена одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во државата- хидроцентралата Чебрен.
Ова е четиринаесетти обид за доделување на концесија на Црна Река. На овој му претходеа 13 неуспешни тендери за Чебрен во изминатите 20 години. Идејата, пак, за Чебрен потекнува од 60-тите години на минатиот век. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година.
ЕСМ објави видео од локацијата по течението на Црна Река каде што ќе настане најголемото вештачко езеро во земјата.
„Хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело. АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивен мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен. Државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инфраструктурен објект да почне да се гради“, објави ЕСМ.
Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.
Според Бислимовски енергетската криза помогнала на површина да излезат сите пропусти кои се правеле во изминатите 30-тина години. Но, според него во кризата со електричната енергија се потрошиле пари за да се изгаси „пожарот“ за социјален мир.
„Македонија и сега во најголем дел се базира на термоелектрани и хидроелектрани направени пред 40 и повеќе години. Државата многу малку инвестирала преку својата енергетска компанија во нови капацитети. За кризата потрошивме 300 или 400 милиони евра за да се сочува социјалниот мир пред се, бидејќи не можеше на домаќинствата да им се каже плаќајте двојно повисока електрична енергија или два до три пати поскапо парно греење. Тие пари се потрошија за да се изгаси „пожарот“, а доколку водевме соодветна стратегија со овие 400 милиони евра во претходните години можело да се направи когенеративна постројка или Чебрен и сега ќе ни вратеше многу пари,“ потенцира Бислимоски.
Верувам, вели, дека она што го покажа приватниот сектор беше една и единствена добра работа во енергетската кризата која во суштина беше ценовна и финансиска криза и покажа дека енергетиката е многу битна.
Иран не им дозволи на инспекторите на МААЕ пристап до нуклеарните постројки
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека Иран го информирал дека нема да дозволи инспектори од агенцијата на Обединетите нации да пристапат до нејзините нуклеарни постројки.
Директорот на МААЕ Рафаел Гроси рече дека Иран го повлече „назначувањето на неколку искусни агенти“ на агенцијата и им забрани да учествуваат во следењето на иранската нуклеарна програма.
„Силно ја осудувам оваа невидена, непропорционална и еднострана одлука. Таа претставува непотребен удар за веќе заладените односи меѓу МААЕ и Иран“, рече Гроси во изјавата објавена на 16 септември.
Шефот на МААЕ додаде дека без ефективна соработка нема да има доверба.
„Без присутните инспектори, агенцијата нема да може ефективно да обезбеди веродостојни гаранции дека иранскиот нуклеарен материјал и активности се мирољубиви по природа“, рече Гроси.
Иранското Министерство за надворешни работи објави дека одлуката за забрана за следење на програмата е одговор на „обидот на Соединетите Американски Држави (САД) и три европски земји да ја злоупотребат МААЕ за свои политички цели.
САД, ОК, Франција и Германија го критикуваа Иран во заедничката изјава на состанокот на одборот на МААЕ во Виена оваа недела, повикувајќи го Техеран да ја засили соработката со агенцијата.
Велика Британија, Франција и Германија, исто така, во четвртокот рекоа дека ќе ги задржат санкциите кон Иран поради неговата нуклеарна и балистичка ракетна програма.
„Иран претходно предупреди за последиците од таквите политички злоупотреби, вклучително и обидот да се политизира атмосферата на агенцијата“, изјави Насер Канани, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.
МААЕ, со седиште во Виена, претходно овој месец објави дека Иран го забавил темпото со кое збогатува ураниум до нивоа блиску до нивоа на оружје. Тоа се сметаше за знак дека Техеран се обидува да ги намали тензиите по долгогодишни тензии со САД.
Иран и САД преговараат за размена на затвореници и ослободување на милијарди долари од иранските средства замрзнати во Јужна Кореја.
Светските сили постигнаа договор со Техеран во 2015 година, според кој тој се согласи да го ограничи збогатувањето ураниум на нивоа неопходни за нуклеарна енергија во замена за укинување на економските санкции. Инспекторите на ОН имаа задача да ја следат програмата.
Илјадници исчезнати и најмалку 11.300 луѓе загинале во поплавите во Либија, проценуваат ОН
Седум дена откако бранот поплави го зафати либискиот крајбрежен град Дерна, убивајќи илјадници луѓе, фокусот денеска беше свртен кон грижата за преживеаните од катастрофата.
Проценките за бројот на изгубени животи варираат во голема мера. Последните официјални податоци, според Министерството за здравство со седиште на истокот, се дека починале 3.166 лица.
Сепак, според извештајот на Обединетите нации (ОН) објавен на 17 септември, бројот на жртвите само во Дерна се искачи на 11.300. Цитирајќи ја либиската Црвена полумесечина, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања додаде дека 10.100 луѓе се уште се водат како исчезнати во разурнатиот град.
„Овие бројки се очекува да се зголемат во наредните денови и недели бидејќи тимовите за пребарување и спасување неуморно работат на пронаоѓање на преживеани“, се вели во извештајот на OCHA.
Најмалку 40.000 луѓе се раселени низ североисточниот дел на Либија, според Меѓународната организација за миграција, која предупреди дека реалниот број е веројатно поголем со оглед на тешкотијата за пристап до најтешко погодените области.
Две брани возводно од Дерна пукнаа пред седум дена под притисок на бурните дождови предизвикани од бурата Даниел.
Браните беа изградени за да го заштитат пристанишниот град со 100.000 жители, откако беше погоден од големи поплави во средината на 20 век. На бреговите на пресушеното корито на реката што минува низ центарот на градот се гради многу, а минатонеделниот поројниот дожд однесе се пред себе додека брзаше кон Средоземното Море.
Седум дена подоцна, тела се уште се пронаоѓаат.
Спасувачки тим од Одделот за цивилна заштита на Малта откри плажа полна со тела во петокот, објави Тајмс оф Малта. Меѓународната помош пристигнува од Обединетите нации, Европа и Блискиот Исток, нудејќи им олеснување на илјадниците преживеани.
Помошта вклучува основни лекови и итни хируршки материјали, како и торби за тела за да се овозможи движење на трупови. Беа донесени шатори, ќебиња, теписи, хигиенски комплети и храна, заедно со тешка механизација за да помогне во чистењето.
Разорните поплави што ги донесе бурата Даниел беа влошени поради лошата инфраструктура во Либија, која е зафатена од немири откако долгогодишниот диктатор Моамер Гадафи беше соборен и убиен во бунтот поддржан од НАТО во 2011 година. Се поставуваат прашања зошто не е спречена катастрофата, кога пукнатините на браните се познати уште од 1998 година.
Главниот обвинител Ал Седик Ал-Сур најави истрага за околностите што довеле до колапсот.
Ризиците од болести кои се пренесуваат преку вода, како што е колера, се исто така високи, според хуманитарните групи. Надвор од Дерна, поплавата однесе дополнителни 170 животи, според извештајот на ОН. Националниот центар за контрола на болести објави дека најмалку 55 деца биле затруени од пиење загадена вода во Дерна.
Избодел двајца скопјани оти негодувале дека вози „бесно“ по плочник
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за 33 годишник од Арачиново за обид за убиство и за предизвикување општа опасност. Инцидентот се случил на 11 септември кога осомничениот со својот автомобил „Ленд ровер“ возел со голема брзина по плочникот на трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром.
Двајца случајни минувачи вербално протестирале поради таквото негово однесување. Во моментот кога му укажале дека предизвикува опасност тој го завртел возилото и со голема брзина се упатил кон нив со намера да ги прегази. Успеале да се тргнат, но осомничениот излегол од возилото и со нож ги нападнал.
„Тие се тргнале, па осомничениот излегол од автомобилот со нож во раката и на двајцата им нанел по четири убодни рани, предизвикувајќи им повеќе тешки телесни повреди. Во тој момент се собрала поголема група граѓани кои почнале да викаат и му се спротивставиле на осомничениот со што го спречиле да го доврши кривичното дело, па тој се вратил во неговото возило и веднаш го напуштил местото“, се вели во соопштението од обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го доврши обиденото кривичното дело.
Напади со беспилотни летала во Украина и Русија
Украина соопшти дека Русија извршила ракетни и беспилотни напади рано на 17 септември, насочени главно кон јужните делови на регионот Одеса, додека Москва и другите региони на Русија пријавиле напади со украински беспилотни летала.
Во последните денови Украина започна серија напади врз руски воени цели во окупираниот Крим и објекти на Црноморската флота на руската морнарица.
Нападите длабоко во Русија, далеку од првите линии на фронтот, исто така се зголемени, при што градоначалникот на Москва изјави дека најмалку два дрона биле соборени во регионот на главниот град рано на 17 септември.
Во меѓувреме, продолжуваат руските напади врз украинската пристанишна инфраструктура, а на 17 септември Украина објави дека земјоделски објект во јужниот дел на Одеса бил погоден од руски воздушен напад.
Русија лансираше шест беспилотни летала Шахед од иранско производство и 10 крстосувачки ракети, а украинските сили уништија шест беспилотни летала и шест проектили пред да ја погодат нивната цел, соопшти украинското воздухопловство.
„Во одбивањето на воздушниот напад беа вклучени борбени авиони, противвоздушни ракетни единици, мобилни огнени групи и други средства за напад“, соопштија од воздухопловните сили.
Нападот во Одеса доаѓа еден ден откако Киев соопшти дека два товарни брода пристигнале таму за да користат привремен коридор за да влезат во пристаништата на Црното Море и да товарат жито за африканските и азиските пазари.
Украина минатиот месец објави „хуманитарен коридор“ во Црното Море за да им овозможи на бродовите да пловат од нејзините пристаништа и да ја заобиколат де факто блокадата откако Русија се повлече од договорот да му дозволи на Киев да извезува жито.
Исто така, руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека системи за противвоздушна одбрана уништиле шест беспилотни летала над западен Крим окупиран од Русија.
Во него не е наведено дали има штета или жртви на полуостровот, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година, потег што нашироко го осуди меѓународната заедница.
Најмалку 30 летови беа одложени, а шест откажани на трите главни аеродроми во Москва, Внуково, Домодедово, Шереметјево, јавија руските државни новински агенции.
Во своето видео обраќање во текот на ноќта на 16 септември, украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на сојузниците на неговата нација за нивната континуирана поддршка во борбата против руската инвазија.
Тој ги издвои и САД и Јужна Кореја за нивната поддршка.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан на 15 септември потврди дека претседателот Џо Бајден ќе биде домаќин на Зеленски во Вашингтон на 21 септември. Тоа ќе биде нивна трета средба во Белата куќа.
И Бајден и Зеленски треба да се обратат на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН следната недела, при што се очекува Зеленски да го искористи својот личен настап со американските и светските лидери за да собере поддршка и да изврши притисок за напредно оружје и муниција за помош на неговата земја и контра -офанзива за повторно заземање на украинската територија окупирана од руските сили.
Шпанската полиција заплени 2,3 тони кокаин поврзан со „балканскиот картел“
Шпанската полиција во соработка со американската агенција за борба против наркотици ДЕА заплени 2.300 килограми кокаин, скриен во рибарски брод во близина на шпанскиот град Виго, а уапсени се пет лица припадници на „Балканскиот картел“, соопштено е на веб-страницата на шпанската полиција на 16 септември.
Во акцијата, како што се наведува, уапсени се четворица членови на екипажот на бродот, како и петто лице кое наводно било задолжено да ја прими робата и да ја пренесе на друг брод.
Истрагата, наводно, започнала кога агентите дознале дека „неколку поединци кои припаѓаат на балканскиот картел“ имале намера да ја искористат Шпанија како влезна точка за наркотици за дистрибуција низ Европа.
Утврдено е дека транспортот на значително количество дрога од Латинска Америка го подготвувале преку големи бродови во кои ја превезувале дрогата за подоцна да ја префрлат на помали бродови низ кои понезабележливо минува стоката.
Заедничката работа на шпанската полиција со ДЕА овозможила да се идентификуваат лицата кои наводно биле задолжени за примање на кокаинот, се наведува во соопштението.
Во соопштението се наведува и дека во врска со овој случај биле претресени две куќи во градот А Коруња во Шпанија, каде полицијата запленила 200.000 евра во кеш и луксузно возило.
Според Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ), Балканскиот картел, како што се нарекува, е еден од клучните играчи во транспортот на кокаин во Европа.
Српското обвинителство за организиран криминал (ТОК) во мај објави дека е уапсена група лица осомничени за меѓународна трговија со дрога, а шефот на одделот за криминалистичка полиција, Нинослав Цмолиќ, тогаш изјави дека уапсените во Србија се осомничени дека е „најголемиот трговец со кокаин од Балканот“.
Тој тогаш рече дека организацијата „Балкански картел“ била разоткриена со помош на Европол.
Подоцна во мај, во меѓународна полициска акција беа уапсени 37 лица кои се поврзани со „многу насилна“ криминална банда од Западен Балкан, објави Европол, а оваа операција била координирана од Хрватска.
Временска прогноза: сонце, облаци па дожд
Денеска времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со силен ветер и услови за појава на град. UV=6
Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете