Достапни линкови

Предизвик за ВМРО-ДПМНЕ е да си ги сочува пратениците


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прославата на 23 Октомври

Наместо десет, ВМРО-ДПМНЕ отсега ќе има само една пратеничка група во Собранието. Нејзиниот нов координатор Никола Мицевски порачува дека ќе дејствуваат како и досега, а експерти не ја исклучуваат можноста ВМРО-ДПМНЕ да загуби уште пратеници.

Најголем предизвик за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сочувувањето на преостанатите пратеници во нејзините редови, оценуваат аналитичари по одлуката на Извршниот Комитет партијата во Собранието да дејствува со една пратеничка група.

Новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Никола Мицевски денеска во изјава пред Собранието порача дека се одлучиле на таков чекор, бидејќи се покажало дека постоењето на повеќе пратенички групи не овозможило доволен простор за нивно искажување во Собранието.

Остануваме на ставот што го имавме и претходно значи ние ќе настапуваме во Собранието на Република Македонија на начинот на којшто досега настапуваме и ќе ги презентираме сите оние работи коишто ВМРО-ДПМНЕ ги има како програмски определби и коишто пратениците треба да ги искажат, а тоа е целата оваа штетна политичко и економска ситуација владата на Зоран Заев и коалицијата ја создаваат во Република Македонија“, вели Мицевски.

Тој истакна и дека оние пратеници кои дале оставка од партиските функции, остануваат дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Досега ВМРО-ДПМНЕ имаше 10 пратенички групи, но партијата сега брои 39 пратеници, наместо 51. На парламентарното мнозинство се приклучија пратениците Амди Бајрам, Чедомир Саздовски и Јусуф Хасани. Осуммината пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ пристапување кон уставните измени формираа независна пратеничка група.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека се работи за реорганизација на партијата со оглед на последните случувања.

Мислам дека во овој период предизвик за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде да го сочува бројот на пратеници што остана во партијата и затоа се оди на формално формирање на една парламентарна група ако се земе предвид дека порано беше поделена на неколку парламентарни групи“, вели Незири.

Според него, опасноста по опозициската партија ќе биде независната пратеничка група.

Се очекува дека овој број од 39 пратеници може да биде под знак прашање, ако сите оние што дадоа оставка или беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ одлучат да формираат нова десничарска партија која би била еден вид конкурент на ВМРО-ДПМНЕ на тој опозициски терен“, додава Незири.

Оставка понесе и претседателката на Унијата на жени на партијата, Даниела Рангелова, како и потпретседателката и генералната секретарка, Лилјана Кузмановска и Лилјана Затуроска. Без претседател остана и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ по оставката на Лука Кржаловски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG