Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ како расштиман оркестар


Архивска фотографија - Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ пред Собрание.

Ситуацијата во ВМРО-ДПМНЕ, упатените очекуваат да ескалира до референдумот и по него, откако дел од пратениците се изјаснија дека нема да гласаат, а дел повикаа да се излезе на референдумот. Проблемот, според нив, е што ВМРО-ДПМНЕ нема прецизен став за референдумот.

ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што не спроведува кампања за референдумот и ги повика граѓаните да гласаат по сопствено убедување, сепак, група пратеници од опозициската партија излегоа со јасен став.

На своите профили на Фејсбук повеќе пратеници се изјаснија дека нема да гласаат на референдумот, а само помал дел од нив повикаа да се излезе на референдумот.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски вели дека има внатрепартиски превирања во ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ескалираат за време на референдумот.

Тоа е заради тоа што партијата не зазема прецизен став за тоа што и како треба да се прави во наредниот период до референдумот. И од таа причина сите претставници на ВМРО-ДПМНЕ различно го интерпретираат ставот на раководството на партијата. Сметам дека во согласност со тоа кој какво влијание има во партијата таква и кампања води внатре во партијата“, вели Гаџовски.

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, вели дека не е проблем тоа што опозициската партија ги повика граѓаните да гласаат по сопствено убедување, туку проблем е што во настапите на нејзини високи функционери има политика на бојкот на референдумот.

Тука веќе настапува проблемот, затоа што тоа и не е баш создавање на слободна волја. Иако на крајот на краиштата сметам дека ВМРО-ДПМНЕ прави една погрешна политика. Што ќе се случи ако пропадне референдумот и еве ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, некој нив ќе им даде подобар договор од овој што сега го имаме. Мислам тоа е илузорна приказна, тоа е нешто што не постои во меѓународната политика. Значи ќе мора или истиот тој договор баш од меѓународен инат да ги принудат да го потпишат и да го спроведуваат или повторно ќе останеме без никаков договор во наредните три, четири децении и ќе објаснуваме колку големи патриоти сме биле“, вели Георгиевски.

Гаџовски додава дека уште при формирањето на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ на 10 одделни пратенички групи се загубила контролата на партијата врз нив.

„Од таму се влече поентата дека многу е лесно одредени пратенички групи коишто се ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа кои не функционираат како една пратеничка група да заземат поинаков став од оној што го има раководството на партијата“, смета Гаџовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ако референдумот е успешен и повеќето гласаат „за“, партијата тоа ќе го почитува.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG