Достапни линкови

Чистка во ВМРО-ДПМНЕ - ЦК бара исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров од партијата


Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков

По исклучувањето на седумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за почеток на постапката за уставни измени, Централниот комитет на партијата вечерва побара исклучување од партијата на Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е разрешен од потпретседателската функција во партијата.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ побара од матичните општински комитети на партијата да ги исклучат поранешните високи функционери Сашо Мијалков и Никола Тодоров од членство во партијата, информира вечерва партискиот потпретседател Александар Николоски.

Тој рече дека градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, е разрешен од потпретседателската функција во партијата „поради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, поради силна соработка со Зоран Заев и поради организирање група за уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени“.

Тој рече дека од истите причини е побарано исклучување од партијата на Мијалков и на Тодоров.

„Од денеска ништо повеќе нема да биде исто, ВМРО-ДПМНЕ завршува со хипотеките од минатото, доживува своја катарза“, рече Николоски, посочувајќи дека од денеска се официјализира криминалната коалиција „Зоран Заев – Вице Заев – Сашо Мијалков“.

Николоски рече дека ова е прочистување на партијата и враќање на корените и идеалите на ВМРО.

Тој исто така побара од исклучените пратеници кои гласаа за почеток на уставни измени да си дадат оставка. Николоски побара од Јавното обвинителство, по допрен глас, да отвори истрага за наводите за поткуп на пратеници.

Николоски информира дека партискиот претседател Христијан Мицкоски предложил одржување вонреден Конгрес за гласање негова доверба, но оти бил едногласно одбиен.

Разрешен бил и членот на Извршниот комитет на партијата, Костадин Богданов.

Раководството на партијата пред два дена одлучи да ги исклучи од членство седумтемина пратеници кои дадоа поддршка за почеток на уставни измени. Исклучени беа Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канческа - Милевска, Емилија Александрова, Зеќир Рамчиловиќ и Нола Исмајлоска - Старова. За почеток на уставни измени гласаше и пратеничката Владанка Авировиќ од Сицијалистичката партија, која е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Јанчев за дел од медиумите потврди дека бил разрешен и најави детали за утре. Во изјава за ТВ24, тој вели дека секое лошо за добро е и тоа ќе помине.

„Мирен и скромен живот носи повеќе среќа од неуморната трка по успехот“, изјави за ТВ 24 Јанчев.

Пратеникот од ГРОМ од Кавадарци, Панчо Минов, пак, по информацијата за разрешувањето на неговиот сограѓанин Јанчев од потпретседателското место во најголемата опозициска партија, рече дека ќе го прекине членувањето во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Во вечерашната дебата на ТВ24, Минов најави дека ќе остане пратеник од ГРОМ во опозиција и ќе ги застапува граѓаните кои му ја дале довербата и мандатот за пратеник во Собранието, но нема да биде дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ додека претседател на партијата е Христијан Мицкоски.

Претходно, во текот на денот, видни членови на ВМРО-ДПМНЕ излегоа во јавноста со свои видувања за актуелната политичка ситуација во земјата, но и за состојбите во партијата.

Пратениците Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев изразија поддршка за партискиот претседател Христијан Мицкоски. Од друга страна, пратеникот Илија Димовски, во писмена изјава до медиумите критикува дека ВМРО-ДПМНЕ се движи кон изолација.

„Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира“, вели Димовски.

Тој исто така смета дека „разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата“.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, пак, во изјава за порталот Прес24, денеска, повика на единство во неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, при што потсетува дека историското ВМРО имало прозападна ориентација, исто како и ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното основање.

„Овој прозападен концепт беше еден од фундаментите на партијата, со крајна цел интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“, вели Мијалков во изјава за Прес24.

Тој вели дека од денот на неговата оставка од сите партиски функции минатата година не учествувал во работата на ВМРО-ДПМНЕ и ги негира, како што вели, шпекулациите за негово влијание „врз претседателот на партијата, органите на партијата, пратениците или која било друга организациска структура во нејзин состав“.

Мијалков вели дека на партијата ѝ треба единство како никогаш досега.

Претходно, Петар Богојевски, кој исто така се залагаше за прифаќање на Преспанскиот договор со Грција, беше разрешен од функцијата заменик генерален секретар на партијата. Богојевски, како и Богданов, беше дел од реформаторското крило на партијата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG