Достапни линкови

Ученичкиот дом во Куманово се соочува со финансиски проблеми


Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово .
Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово .

Домот е реновиран, учениците се задоволни, по парите што ги одвојува Министерството за образование не се доволни да се покријат основните трошоци.

Пет ипол децении постои Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово за сместување средношколци од кумановските села, од Ранковце, но и од Крива Паланка, Кратово и Свети Николе. Секоја наредна година се соочува со намален број ученици кои бараат сместување поради бесплатниот ученички превоз, но и поради намален број на ученици во училиштата, така што капацитетот од 120 легла годинава е речиси преполовен.

Поради задолжително средно образование учениците бесплатно ги користат услугите за сместување, храна и надзор и помош од воспитувачите, вели Љубица Павловски директорка на домот.

Учениците се задоволни од условите, кои по реновирањето пред неколку години соодветствуваат на нивните потреби.

Стефан Божиновски од кумановското село Бајловце трета година живее во домот, а Викторија Николовска и Климентина Алексовска од Крива Паланка и Сандра Цветкова од Свети Николе се од почетокот на оваа учебна година.

Супер се условите. Најмногу ми одговара близината на училиштето и друштво, тука ми се најдобрите другари.“

„Во ученичкиот дом има одредени услови и правила кои ги почитуваме. За учење и за дружење условите се погодни.“

„Добро се прилагодивме, на почетокот се здруживме, си помагаме во учењето откако почнаа обврските.“

Директорката Павловски вели дека меѓу учениците како и во училиштата има поамбициозни и дисциплинирани, но и оние другите кои се тука затоа што мораат и гледаат да им помине времето. За нивното сместување Министерството за образование години по ред издвојува по седум ипол илјади денари месечно, но само десет месеци во годината, што според Павловски не е доволно поради зголемување на трошоците.

„Условите се солидни, домот е реновиран пред неколку години, но сето тоа застарува и со овие финансии тешко е дека нешто ќе подобриме. Проблем е што седум ипол илјади денари месечно за дете е недоволно со оглед на тоа што цените на пазарот се зголемени (партиципацијата е од пред десет години) ние треба од тие пари да платиме струја, вода ,храна. Од таа партиципација не можеме ниту месецот да го покриеме, бидејќи тука се и платите на вработените, не можеме да заштедиме па за јули и за август само платите да ги исплатиме, а не нешто да реновираме или одржуваме“, вели директорката.

Бидејќи воспитувачите работат во три смени, Павловски појаснува дека вкупно 11 редовно вработени се исто така недоволно, но за нови вработувања со овие финансии не може да се размислува, а и за исхрана на децата и нивното надгледување има правила кои мора да бидат испочитувани. Со вакви финансиски проблеми за опстанок на домовите се соочуваат и Кавадарци, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Македонски Брод, Свети Николе, каде што се намалува бројот на учениците. Особено е тешко во грејните сезони, бидејќи тоа се дополнителни трошоци за обезбедување огрев. Тие имаат и свое здружение преку кое се обидуваат да мрднат од мртва точка.

„За сето ова е информирано Министерството за образование, до сега сме пратиле куп документи, дописи и објаснувања, но повратен одговор од таму немаме.“

Затоа, вели Павловски празните соби кога има барање ги издаваат за гости, за со тие средства да ги подмират основните трошоци наместо да им бидат плус, па нешто и да вложат во подобрување на условите во домот. Таа се надева дека наскоро сепак надлежните ќе имаат слух за надминување на проблемите во ученичките домови, во спротивно не е исклучено добавувачите на храна да запрат, да им биде исклучена струјата и домовите да одат под клуч.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG