Достапни линкови

Ученици со позитивни примери за меѓуетничка соработка


Ученици
Ученици

Зајакнување на меѓуетничката соработка и интеграција меѓу младите во образованието, преку овозможување простор каде тие критички ќе размислуваат и ќе учат едни од други. Ова е една од целите на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

Со креативни цртежи и театарски претстави, млади од повеќе средни училишта денеска ги промовираа добрите практики од заедничките активности кои се спроведуваат во училиштата низ Македонија во рамки на проектот на УСАИД за „Меѓуетничко интегрирано образование“. Идејата на ваквите активности во кои учествуваат младите од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција, како и воспитувањето на младите во духот на демократијата и мултиетничката кохезија во Македонија.

На настанот учествуваа ученици и наставници од десет училишта во кои во првата година од имплементацијата на проектот се спроведени стотина заеднички активности и иницијативи, креативни работилници и јавни дискусии во кои учествуваат ученици од различни етнички заедници.

Дел од наставниците и учениците кои учествува во проектот изјавија дека соживотот се поттикнува и учи од мали нозе, и оти така се создаваат генерации без предрасуди.

Според дел од учениците од некои училишта во Куманово, на градот му се потребни кино, спортски сали, трговски центри...

„Фотографираме стари згради, потоа ги преобрaзивме во наша зaмислa како сакаме да се трансформираaт во нови, да се преобразат за да се разубави градот, зашто има многу смет, а нема кино или спортска сала“, изјави Мартина Пауновиќ, ученичка во средното стручно училиште „Перо Наков“ од Куманово.

Професорката Маја Вељковиќ Димковска од СОУ „Перо Наков“ од Куманово изјави дека во нивното училиште се спроведувала активноста „Разубави го градот“, во која учествувале многу ученици. Таа соопшти дека нивните ученици сакаат да ги пренаменат старите и напуштени објекти во Куманово.

„Генерално се собраа ученици кои сакаат да цртаат во градот, нема кино, нема спортски сали кои се потребни. Нашето училиште е двојазично, а учениците учат во две различни згради, но искуството покажува дека тие многу сакаат да работат на вакви активности, не се случило да не дојдат на активностите, заеднички го сработија проектот, сега работејќи ја изложбата која денеска треба да ја презентираме, меѓу себе зборуваа, бидејќи имаа нацртано кино, да одат кај градоначалникот и да им направат кино. Имаат заеднички интереси и сакаат да ги остварат. Во Куманово нема меѓуетнички проблем, само што уште не е дојдено до степенот да се дружат толку многу. Овие активности се потребни за да сфатат дека имаат заеднички интереси“, вели професорката Вељковиќ Димковска.

Проектот го спроведуваат Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Младинскиот образовен форум и Министерството за образование и наука.

Земиле Ебиби, професор во СОУ „Перо Наков“ од Куманово, изјави дека овие проекти ги мотивираат образовните институции активно да учествуваат во процесите на меѓуетничка интеграција на образованието.

„Ние сме едно училиште, а учиме во две згради, има ученици кои сакаат да работат покреативно и поинтересно им е отколку да работат само на клупа. Понатаму ќе направиме и нов проект - модна ревија“, вели професорката Ебиби.

Координаторот на проектот, Дејан Ризински, изјави дека досега произлегле различни идеи, како интеграција во спортски активности, еколошки акции за подобрување на локалните заедници, дискусии со градоначалници и со претставници од општините.

„Во оваа прва година од проектот успеавме да поддржиме повеќе од 400 заеднички ученички активности, јавни дебати, младински дискусии, креативни работилници, каде повеќе од 2.300 млади од различни етнички заедници соработуваа и учеа едни од други“, рече Ризински.

Тој смета дека успеале да направат многу за младите, особено од маргинализирани заедници.

Проектот на УСАИД за меѓуетничка толеранција на младите во образованието е петгодишна иницијатива и во тој период остварена е тесна соработка со Владата и со сите средни и основни училишта.

Инаку, ова година УСАИД ја одбележува 25-годишнината во Македонија. УСАИД има инвестирано повеќе од 610 милиони долари во Македонија од 1993 година.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG