Достапни линкови

Рангелова се повлекува - Не можам да бидам дел од раководство кое ја изолира ВМРО-ДПМНЕ


Пратеничката Даниела Рангелова пред Суд по одложувањето на рочиштето за „Насилство во Центар“

Пратеничката Даниела Рангелова поднесе оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, зашто, како што вели, не може да биде дел од раководство кое ја изолира партијата. Таа останува пратеничка.

Вчера, пратеникот Драган Данев рече дека веќе нема да биде координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, од партијата беа исклучени пратениците кои гласаа за почеток на постапката за уставни измени во согласност со Договорот од Преспа, но и други видни членови и поранешни функционери, како доскорешниот партиски потпретседател Митко Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Во објавата на оставката, Рангелова пишува дека се повлекува поради „очигледните несогласувања со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу Македонците, но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Рангелова на Фејсбук.

Рангелова е обвинета во случајот „Насилство во Центар“ на СЈО. Таа е една од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да гласаат на референдумот на 30 септември, за разлика од најголем дел од раководството и членовите на оваа партија, кои го бојкотираа гласањето. Рангелова гласаше против почеток на постапката за уставни измени.

XS
SM
MD
LG