Достапни линкови

Вести

Заев: Нацрт амандманите ќе ги изработиме со опозицијата во предвидениот рок

Зоран Заев
Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се надева оти за помалку од 15 дена ќе бидат готови нацрт амандамните и ќе бидат изработени заедно со опозицијата.

"Парламентот ни даде не повеќе од 15 дена на Владата да ги изготви амандманите. Но доколку ја следевте јавната дебата, јас им ветив на пратениците дека ќе имаме инклузивен процескаде што ние од владата ќе дојдеме во Парламентот со отприлика скицираните очекувања од самите амандмани согласно договорот од Преспа и ќе седнеме заедно власта иопозицијата да ги направиме нацрт-амандамните", изјави премиерот Заев.

Заев верува дека во рамки на тие 15 дена ќе можат да се усогласат и очекува да расте мнозинството во наредните фази на поддршка. На новинарско прашање дали се прифатливи барањата од пратениците од опозцијата, Заев нагласи дека имал прилика да види четири точки и истите ги прочитал многу внимателно. Прашан дали ќе бидат инкорпорирани овие барања Заев потенцира дека заедно ќе се разгледуваат со стручните луѓе и изрази уверување дека ќе бидат инкорпорирани затоа што, како што рече, нема некои пречки и верува дека ќе можат да бидат добра алатка за конечната верзија на уставните промени.

види ги сите денешни вести

Курти: Ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на Европската Унија (ЕУ) за укинување на казнените мерки против Косово, кои беа воведени кон средината на минатата година, бидејќи официјална Приштина ги игнорираше барањата во врска со деескалација на состојбата во општините со српско мнозинство на северот.

Курти рече дека минатата недела ЕУ го одобрила Планот за економски раст за Западен Балкан - вреден 6 милијарди евра - со цел да се забрза европската интеграција на регионот.

„Мерките кои се во сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзување на интеграцијата во ЕУ, особено кога станува збор за Планот за раст и неговата цел. Ние продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности за реформи во рамките на дијалогот со ЕУ. Во тој контекст, ние ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и тие мерки мора да бидат отстранети“, рече Курти на состанокот на Советот на министри за евроинтеграции на 2 мај.

Казнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.

Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.

Неколку дипломатски извори за РСЕ изјавија дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.

Курти на состанокот на Советот на министри зборуваше и за аспирациите на Косово да стане членка на ЕУ. Тој рече дека Приштина е подготвена да добие статус на земја кандидат и да ги отвори преговорите за членство.

„Како најнапредна демократија во регионот, подготвени сме да одговориме на илјадници технички прашања кои доаѓаат од Европската Комисија. Споредено со регионот, Косово не е подготвено само за кандидатски статус, туку и за отворање преговори и многу поглавја за членство. Членството во Европската Унија е стратешки избор“, рече Курти.

Косово поднесе апликација за членство во ЕУ, на 15 декември 2022 година.

Критики за Бајден зошто нема коментар за студентските протести во американските универзитети

Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година
Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година

Американскиот претседател Џо Бајден допрва треба да ги коментира студентските протести и полицискиот одговор додека републиканците се обидуваат да ги искористат немирите во кампусот поради војната во Газа во кампања против демократите.

По неколку години спорадични студентски протести и маршеви низ градовите, кревајќи го својот глас за расна правда, борба против климатските промени и воведување контрола на оружјето, протестите поради војната во Газа на универзитетите низ САД не престануваат, дури и откако полицијата на некои од кампусите ги уапси демонстрантите.

Универзитетот Колумбија, каде што започна сè, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за прекин на демонстрациите.

Тензиите на колеџите и универзитетите продолжуваат да се зголемуваат бидејќи некои демонстранти одбиваат да ги отстранат камповите, а администрациите се обраќаат до полицијата за да ги расчисти насилно, што доведе до судири кои го привлекоа вниманието на политичарите и медиумите.

Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени, а 253 други беа однесени во Газа како заложници кога

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.

Последниот јавен коментар на Бајден дојде пред повеќе од седум дена, кога ги осуди „антисемитските протести“ и „оние кои не разбираат што се случува со Палестинците“.

Белата куќа, која беше бомбардирана со прашања од новинарите, отиде само малку подалеку од претседателот.

Во средата, 1 мај, портпаролката Карин Жан-Пјер рече дека Бајден „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека некои демонстрации ја преминале границата што ја дели слободата на говор од незаконското однесување.

„Насилното преземање на зграда“, како она што се случи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, не е мирно“, рече таа.

Републиканците ги обвинуваат демократите за немирите и ги користат за критики на прес-конференции.

„Потребно ни е претседателот на Соединетите Држави да зборува за ова прашање и да каже дека ова е погрешно“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец од Луизијана, на 30 април.

„Она што се случува на колеџските кампуси во моментов не е правилно“, рече Џонсон.

Тој ја посети Колумбија минатата недела со другите членови на клубот. Републиканците во Домот се судрија со демонстрантите додека тие разговараа со медиумите на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон на 1 мај. И поранешниот претседател Доналд Трамп, веројатниот претседателски кандидат на неговата партија на изборите во ноември годинава, исто така го критикуваше Бајден во интервју на Фокс њуз.

Локални избори во Велика Британија

илустрација
илустрација

Во Велика Британија денеска (2 мај) се гласа на локални избори кои се гледаат како последен тест на јавното мислење пред општите избори подоцна оваа година.

Прогнозите покажуваат дека владејачките конзервативци би можеле да изгубат до половина од советничките места што ги бранат и дека партијата очекува „значителни загуби“.

Повеќето места за реизбор последен пат беа оспорени во 2021 година, на врвот на популарноста на Борис Џонсон кога беше воведена вакцината против Ковид-19.

Исто така, се одржуваат вкупно 11 избори за градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Лондон меѓу фаворитот, актуелниот лабуристички градоначалник Садик Кан и конзервативната кандидатка Сузан Хол.

Прогнозите постојано го ставаат Кан пред Хол, а неодамнешните анкети го прикажуваат Кан во водство за 10 процентни поени, откако неговата предност се намали за време на кампањата.

Нови руски ракетни напади врз Одеса

Рускиот ракетен напад врз Одеса рано на 2 мај, наводно, ги оштетил магацините на локалниот огранок на украинската поштенска служба
Рускиот ракетен напад врз Одеса рано на 2 мај, наводно, ги оштетил магацините на локалниот огранок на украинската поштенска служба

Четиринаесет луѓе се повредени во рускиот ракетен напад рано на 2 мај врз украинското црноморско пристаниште Одеса, а оштетена е и критична цивилна инфраструктура, изјави на Телеграм началникот на воената администрација во регионот, Олех Кипер.

Кипер рече дека штрајкот предизвикал пожар и дека се оштетени складиштата на локалната филијала на Украинската пошта.

Во рускиот напад на Одеса претходниот ден тешко беше ранет маж, кој подоцна почина во болница.

Во меѓувреме, украински беспилотни летала ја нападнаа енергетската инфраструктура во руската област Смоленск рано на 2 мај, изјави гувернерот Василиј Анохин на Телеграм.

„Денеска, регионот Смоленск повторно беше нападнат од украински беспилотни летала. Во областа Рослав, непријателот се обиде да оштети објект на цивилна енергетска инфраструктура. Немаше жртви“, рече Анохин, без да даде детали.

Одделно, руското Министерство за одбрана објави дека неговите системи за противвоздушна одбрана собориле 12 украински беспилотни летала во пет региони.

Украина не ги коментираше руските тврдења, кои не може веднаш да бидат независно проверени. Претходниот ден, на 1 мај, пет лица беа убиени во одделни руски напади во источна Украина.

Локалните власти соопштија дека руските сили истрелале ракети и бомби кои ги погодиле малите градови во Харковската и во Доњецката област.

Русија во последните неколку дена ја напаѓа Одеса. Во нападот на 29 април загинаа пет цивили, а 23 беа ранети, соопштија официјални лица.

Нафтена рафинерија во руската област Рјазан беше оштетена во напад со дрон на 1 мај, изјави гувернерот на регионот на Телеграм. Гувернерот Павел Малков изјави дека нема жртви.

Претходно, на 1 мај руското Министерство за одбрана соопшти дека е пресретнат дрон над регионот Рјазан, односно три беспилотни летала над регионот Воронеж и едно над регионот Курск. Од почетокот на годината 18 руски нафтени рафинерии се оштетени во напади со беспилотни летала. Украина не ги коментираше повеќето инциденти.

Советот за човекови права на ОН ќе расправа за состојбата со човековите права во Северна Македонија

Седиште на Обединетите Нации во Женева, Швајцарија
Седиште на Обединетите Нации во Женева, Швајцарија

Работната група на Советот за човекови права на Обединетите Нации (ОН), денеска (2 мај) во Женева ќе ги разгледува податоците за состојбата на човековите права во Северна Македонија по четврти пат.

„Северна Македонија е една од 14 држави што треба да бидат прегледани од страна на работната група на Универзалниот периодичен преглед (УПП), за време на претстојната седница, што ќе се одржи од 29 април до 10 мај. Првиот, вториот и третиот УПП преглед на Северна Македонија беа одржани во мај 2009, јануари 2014, односно јануари 2019 година“, соопшти Канцеларијата на ОН во Скопје.

Работната група на УПП се состои од 47 земји-членки на Советот за човекови права, секоја од 193-те земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.

„Документите врз што се темелат прегледите се: националениот извештај - информации обезбедени од страна на државата што се разгледува; информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество“, се појаснува во соопштението.

УПП е процес што вклучува периодичен преглед на податоците за состојбата на човековите права во сите 193 држави-членки на ОН.

Од првиот состанок, одржан во април 2008 година, сите 193 држави-членки на ОН беа разгледани трипати. Во текот на четвртиот УПП циклус, државите повторно се очекува да ги објаснат чекорите што ги презеле за да ги имплементираат препораките, добиени за време на нивните претходни прегледи, на чие следење се обврзале, како и да укажат на скорешните случувања во oбласта на човековите права во земјата.

Нови американски санкции против компании во Русија и Кина

Рускиот претседател Владимир Путин и Андреј Терликов, директор на Уралското проектно биро за транспортно инженерство во фабриката Уралвагонзавод во Нижни Тагил, Русија (архивска фотографија)
Рускиот претседател Владимир Путин и Андреј Терликов, директор на Уралското проектно биро за транспортно инженерство во фабриката Уралвагонзавод во Нижни Тагил, Русија (архивска фотографија)

Поради поддршката за Русија, Соединетите Држави воведоа нови санкции за неколку стотици субјекти, вклучително и компании со седиште во Кина, објави американското Министерство за финансии.

Министерството воведе санкции за речиси 200 субјекти, а Стејт Департментот таргетираше повеќе од 80 во една од најобемните акции против кинеските компании досега во санкциите на Вашингтон насочени кон Русија, пишува Ројтерс.

Канцеларијата за контрола на странски средства соопшти дека санкционирала компании со седиште во Хонг Конг, по повеќекратните предупредувања од Вашингтон за поддршка на руската војска.

Поддршката на Кина за Русија е едно од многуте прашања што се закануваат да го комплицираат неодамнешното подобрување на односите меѓу најголемите светски економии.

Министерството за финансии санкционираше речиси 60 субјекти лоцирани во Азербејџан, Белгија, Кина, Русија, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Словачка, бидејќи и овозможиле на Русија да ја набави потребната технологија и опрема од странство, заобиколувајќи ги санкциите.

„Министерството постојано предупредуваше дека компаниите ќе се соочат со значителни последици за обезбедување материјална поддршка за Русија во војната во Украина, а САД ги воведуваат денес за речиси 300 субјекти“, рече министерката за финансии Џенет Јелен.

Вашингтон воведе мерки и против кинеска компанија која извезувала стоки за производство на беспилотни летала во Русија, како што се пропелери, мотори и сензори.

Санкции беа воведени и на руската авиокомпанија Победа, како и на руските трупи за радиолошка, хемиска и биолошка одбрана (RCBD).

Министерството за трговија на САД претходно додаде повеќе од 200 авиони Боинг и Ербас управувани од руски авиокомпании се додадени на списокот за контрола на извозот како дел од санкциите на администрацијата на Џо Бајден поради руската инвазија на Украина.

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел

Колумбискиот претседател Густаво Петро
Колумбискиот претседател Густаво Петро

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој.

Речиси седум месеци израелски бомбардирања и копнени офанзиви во Газа, според локалните здравствени власти убиле повеќе од 34 000 Палестинци и предизвикале хуманитарна катастрофа.

Војната меѓу Израел и Хамас, организација која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка, предизвика напад без преседан на 7 октомври во јужен Израел, во кој Хамас уби околу 1200 луѓе, главно цивили и киднапира околу 250 заложници. Израел тврди дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници, како и останките на повеќе од 30 други лица.

Грузискиот парламент го усвои законот за „странски агенти“

Полицијата за време на немирите користи бибер спреј за да ги растера демонстрантите на собирот против контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ пред парламентот во Тбилиси, 30 април, 2024 година.
Полицијата за време на немирите користи бибер спреј за да ги растера демонстрантите на собирот против контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ пред парламентот во Тбилиси, 30 април, 2024 година.

Грузискиот Парламент денеска, 1 мај, гласаше за усвојување на контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“, кој беше причината за неколкунеделните протести во главниот град Тбилси и предупредувањата од Брисел дека тој потег ќе ги наруши надежите Грузија да стане членка на Европската Унија.

Со 83 гласа „за“ и 23 „против“, пратеницита гласаа за усвојување на нацрт-законот во второ читање по жестоката дебата која вклучуваше исклучување на четворица опозициски пратеници, а потоа дури и тепачка меѓу членовите кои ги претставуваат опозициските и мнозинските партии.

Владејачката партија соопшти дека сакаат законот да биде потпишен до средината на мај.

Гласањето во Парламентот следуваше набргу по судирите меѓу полицијата и демонстрантите во текот на ноќта токму околу законот за „странски агенти“, кој пак многумина го сметаат како одраз на законот што го користи руската влада за да ги задуши неистомислениците во таа земја.

Министерството за внатрешни работи на Грузија објави соопштение во кое ги повикува демонстрантите да не блокираат улици и да не се обидуваат да го окупираат Парламентот. Но, во соопштението, исто така, се вели дека луѓето ќе имаат можност да протестираат на улицата пред и зад зградата.

Во исто време, полициски службеници од единиците на специјалните сили ја презедоа контролата врз улицата на задниот излез од Парламентот, каде што мала група луѓе протестираа.

Полицијата употреби солзавец и водени топови во текот на ноќта за да ги растера нелегалните демонстрации и приведе 63 лица. Петмина демонстранти и шест полицајци се хоспитализирани со повреди.

Пратениците Алеко Елисашвили и Леван Хабеишвили се повредени во судирите, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Александар Даракхвелидзе.

Хабеишвили, претседател на опозициското Обединето национално движење (УНМ), беше пренесен во болница, а фотографиите покажаа дека има модринки и исеченици на главата и телото. Од УНМ соопштија дека тој бил „киднапиран“ од полицијата и тврдеа дека „му помагал на повреден граѓанин“, токму кога бил приведен од страна на полицијата.

Репортерот на РСЕ на местото на настанот сними два инциденти во кои маскирано лице ги удира демонстрантите со тупаници по лицето.

Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, го осуди „насилството врз демонстрантите“ во објава на 1 мај на социјалната мрежа X, порано позната Твитер.

„Грузија е земја кандидат за влез во ЕУ. Ги повикувам нејзините власти да го обезбедат правото на мирни собири“, стои во објавата на Борел.

Специјалната истражна служба соопшти дека во тек е истрага за употреба на прекумерна сила врз демонстрантите.

Синоќашните дмонстрации беа најнови во серијата масовни протести во изминатите две недели против законодавството што го предложи владејачката партија Грузиски сон.

Критичарите го нарекуваат предлог-законот „руски закон“, а претседателката Саломе Зурабишвили, која се огради од политиката на владејачката партија, вети дека ќе стави вето доколку тој биде формално усвоен во трето читање.

Сепак, владата ги има потребните гласови да го отфрли ветото и оттаму веќе најавија дека ќе го сторат тоа.

На 30 април пак, меѓународниот хакерски колектив Анонимус изрази поддршка за демонстрантите и ја предупреди грузиската полиција дека „нападот на демонстрантите ќе резултира со објавување информации за сите ваши владини претставници“.

Во објава на X, групата се закани дека ќе ги хакира и објави базите на податоци и е-поштата, велејќи дека „ова е вашето прво и единствено предупредување“.

Протест на синдикатот во Белград: За демократски и работнички рестарт

Протестот го организираше синдикатот „Независност“, 1 мај 2024 година.
Протестот го организираше синдикатот „Независност“, 1 мај 2024 година.

Под слоганот „за демократски и работнички рестарт“, синдикатот „Независност“ одржа протестен марш во центарот на Белград, Србија на 1 мај, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

Протестот се одржа на плоштадот Славија, во близина на споменикот на Димитри Туцовиќ, кој е еден од шампионите на социјалдемократијата во Србија.

Претседателката на Обединетиот грански синдикат „Независност“, Чеданка Андриќ, изјави дека собирот е организиран во чест на работниците кои загинале на своите работни места.

Слоганот на протестот во Белград - „За демократски и работнички рестарт“, 1 мај 2024 година.
Слоганот на протестот во Белград - „За демократски и работнички рестарт“, 1 мај 2024 година.

Само минатата година 42 од нив починале на работа, а повеќе од 800 лица се здобиле со тешки повреди на работното место, нагласи Андриќ.

„Никој не одговараше кривично за тоа“, додаде таа.

Андриќ нагласи дека синдикатот се бори „за безбедни и здрави работни места“.

„Се бориме за одговорност на работодавачот и спроведување на мерките за безбедна и здрава работа, се бориме за правото да организираме синдикат, да го применуваме Законот за работни односи и да бидеме на маса кога ќе се носат нови закони“, додаде таа.

Синдикални состаноци се одржаа и во неколку други градови во Србија.

На Меѓународниот ден на трудот, работниците и активистите ширум светот излегоа на улици за да повикаат на поголеми работнички права.

Тирана го одбележува Денот на трудот со апели до младите да не се иселуваат

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишува на транспарент истакнат за време на протестот за Меѓународниот ден на трудот во Тирана на 1 мај 2024 година.
„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишува на транспарент истакнат за време на протестот за Меѓународниот ден на трудот во Тирана на 1 мај 2024 година.

На 1-ви мај се одржаа неколку протести во Тирана. На еден од нив група луѓе се собра на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас. На овој протест беше упатен апел до младите да се борат за своите права на работа и да не ја напуштаат Албанија.

Челниците на Конфедерацијата на синдикати порачаа дека на земјата и се потребни работници, бидејќи многу компании страдаат од овој проблем, но додаваат дека на младите не им се нудат пристојни плати и услови.

Протест на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас, 1 мај 2024 година.
Протест на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас, 1 мај 2024 година.

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишуваше на еден од транспарентите што ги носеа демонстрантите на овој протест.

„Младите луѓе не би биле принудени да емигрираат доколку креаторите на политики дизајнираат политики за да ги задржат овде, мотивирајќи ги и вреднувајќи ги“, рече еден од демонстрантите.

На уште еден протест одржан по повод 1 мај, просветните работници се собраа пред Министерството за образование барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.

Просветните работници го изразија своето незадоволство на транспарентите на кои пишуваше најразлични пароли како: „Без добро платени наставници нема квалитетно образование“, „спроведување на колективниот договор“ и „наградете го наставникот на крајот на годината“.

Протест на просветните работници во Тирана, 1 мај, 2024 година
Протест на просветните работници во Тирана, 1 мај, 2024 година

Просветните работници побараа двојно зголемување на платите, посочувајќи дека само така матурантите можат да изберат да студираат за да станат наставници, професија што сè помалку млади ја одбираат.

Просечната плата на наставникот во Албанија е околу 600 евра месечно.

„Бараме премиерот да го одржи ветувањето дека буџетот за образование ќе биде 5 проценти од бруто националниот производ, тоа мора да се спроведе што поскоро, нема инфраструктура, нема лаборатории, нема зголемување на платите. Без квалитетно образование оваа држава не може да има иднина“, изјави Иса Халилај, претставник на Синдикатот за образование.

Потоа, наставниците се приклучија на протестот што го одржаа пред кабинетот на премиерот, заедно со работници од различни сектори како рудари, нафтени работници и работници во кол-центрите.

Протестот го организираше Сојузот на синдикати на Албанија и Албанската коалиција за работнички права. Извикувајќи „Достоинство на работниците“, демонстрантите побараа владата да размисли, предупредувајќи на помасовни протести во наредните денови.

Жените кои учествуваа на протестот го кренаа својот глас за разликата во платите меѓу мажите и жените и нивните тешкотии да се справат со високите цени.

„Денеска зборуваме за правата на работничките во фабриките за чевли и облека, дали некогаш сте биле таму? Зборуваме за минимална плата во време кога во Европа, па и во Балканот, се зборува за квалитетна плата, која ќе ви овозможи на крај на месецот да можете да си ги платите лекарствата, да можете да купите квалитетна храна, храна чиј рок не и е истечен“, рече еден од учесниците на протестот.

Додека во Тирана се одржуваа работнички протести, премиерот на земјата Еди Рама за време на настанот во Елбасан на кој присуствуваше, рече дека работниците секојдневно докажуваат дека ништо не е невозможно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG