Достапни линкови

„Заборавениот“ сјај на фестивалот „Златна лира“


Флејтистот Страшо Темков и гитаристот Миле Каровски

Со најмал буџет досега и учество на врвни уметници од земјава, соседна Бугарија и од САД, од 19 до 31 октомври, во Музејот на град Скопје, ќе се одржи 11-то издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија - „Златна лира“.

Седум концертни вечери ја чинат срцевината на програмата на 11-то издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија - „Златна лира“, чија изворна идеја била и е збогатување на концертниот живот во Скопје и зацврстување на традицијата на уметничката камерна музика во Македонија. Манифестацијата веќе по традиција ги мобилизира и здружува креативните сили и релевантните фактори во културниот живот во промоција и афирмација на високите музички вредности.

Овојпат местото на случувањата е сцената на Музејот на град Скопје, каде од 19 до 31 октомври, е планирано да се искачат бројни реномирани македонски и странски репродуктивни уметници чии изведби го завредуваат сето внимание на љубителите на класичната музика.

Така, свеченото отворање овојпат ќе му припадне на флејтистот Страшо Темков, минатогодишниот добитник на наградата „Златна лира“ што за врвни уметнички достигнувања ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија. Тој во оваа пригода ќе настапи заедно со гитаристот Миле Каровски и дела на класиците Иберт, Морино, Пјацола, Боса и Барток.

Страшо Темков е еден од најуспешните музички уметници од својата генерација, кој со својата многустрана уметничка дејност ја промовира и зацврстува традицијата на интерпретација на дувачки инструменти во Македонија. Дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрирал на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија. Во текот на студирањето соработувал со реномирани уметници и педагози од Европа и светот и се стекнал со бројни награди на државни и меѓународни натпревари.

Во периодот од 1991 до 2010 година делува како прв флејтист на Македонската филхармонија. Талентот и желбата за музицирање како солист го водат во повеќе земји низ светот, каде настапува со бројни оркестри и диригенти. Меѓу нив се издвојуваат и настапите со Симфонискиот оркестар Хо Ши Мин, Француско – американскиот камерен оркестар, Нишкиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Аморозо“, Камерниот оркестар „Лејдис“ и други. Настапува и како солист со бројни рецитални програми.

Темков е член на ансамблите Македонски дувачки квинтет, трио „Аура“, Ансамблот за современа музика „Св. Софија“ и други. Тој е и еден од неколкутемина македонски уметници што настапиле во престижната Карнеги Хол во Њујорк, САД.

Репертоарот на Темков опфаќа дела од барокот до современата музика, и особено македонското музичко творештво. Неговата уметничка биографија забележува и два компакт диска реализирани во соработка со пијанистката Марија Вршкова. Работи како професор по флејта на ФМУ во Скопје, каде е основач на квартетот флејти „Аулос“ кои ќе бидат и гости на овој концерт.

Од друга страна, Миле Каровски дипломирал на Новиот бугарски универзитет во Софија, Бугарија во класата на истакнатиот гитарист и професор Димитар Дојчинов. Учесник е на бројни меѓународни натпревари по класична гитара и добитник на повеќе први награди и признанија.

Во 2007 година е прогласен за апсолутен победник на натпреварот „Со крилјата на музиката“ во Софија. Добитник е и на наградата од Асоцијацијата „Пријатели на Димитрис Фампас“ за најдобра изведба на дела од Димитрис Фампас, како и на наградата „Млади виртуози“ од страна на Националниот дворец на културата (НДК) за целовечерен рецитал реализиран во 2009 година.

По ваквиот вовед, в понеделник на 22 октомври, на истата сцена ќе се искачат баритонот Горан Начевски и неговата пијано придружничка Татјана Огнановска, следната вечер ќе се случи рециталот на кој врвната бугарска пијанистка Жени Захариева ќе го свири Дебиси, а за 27 октомври е предвидено одржувањето на мултимедијалниот проект „Монолози“ во кој млади македонски репродуктивни уметници се бават со дела на современите домашни творци како Томисав Зоографски, Драган Ѓаконовски – Шпато, Трајко Прокопиев, Гоце Коларовски и други.

Два дена подоцна на програмата на „Златна лира 2018“ е ексклузивниот концерт на Квартет гитари од Минесота, САД, потем и Концертот на млади уметници што ќе го потпишат виолинистот Александар Иванов и пијанистката Ивона Базгалоска, за да перформансите кулминираат во среда, на 31 октомври, со интерпретацијата на кларинетистот Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска зад пијаното, кои стокмија програма со дела на Пендерецки, Мартину, Мучински, Имери...

„Тежнееме да израснеме во Фестивал кој полека, полека... ќе станува интернационален, значи и со гости од странство наспроти тоа што тој на прво место ги става македонските репродуктивни уметници. Впрочем застапени се сите оние коишто имаат желба и енергија нешто да кажат на музички план. Сите тие го имаат просторот на „Златна лира“, истакнува Љубиша Кировски, претседател на Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ), организаторот на оваа манифестација.

Тој и со дополна дека секоја година тие се трудат да бидат што подобри и подобри, но за жал овојпат во таквите напори едноставно се оневозможени бидејќи се најлошо финансирани од постоењето на Фестивалот - само 300.000 денари во споредба со ланските 500.000.

За жал оваа година најлошо сме финансирани од постоењето на Фестивалот. Не знам зошто е тоа така, за тоа одговорот треба да се побара кај надлежните во Министерството за култура. Мене ми е само чудно зошто се прават вакви нагли резови на нешто што има тенденција да расте во квалитет. Се надеваме дека овие политички турбуленции од кои сме сите заситени, а посебно луѓето од културата, конечно ќе завршат и ние ќе можеме да се насочиме кон практични и позитивни работи кои ќе ни крепат духот во иднина“, смета уметникот.

Кон ова само уште информацијата дека во пресрет на почетокот на ова издание на Фестивалот се прогласени и годинешните добитници на наградите на СМУМ. Така за едногодишна успешна работа наградата „Златна лира“ и припадна на пијанистката Марија Ѓошевска, а за животно дело на виолинистот Михајло Куфојанакис.

Инаку, Сојузот на музичките уметници на Македонија годинава го одбележува својот убав јубилеј - седум децении од постоењето. Од таму, не случајно проф. д-р Љупчо Коскаров, претседателот на советот на оваа асоцијација, ќе рече дека низ него поминале многу генерации уметници и дека ова е убава пригода чествувањето да биде крунисано со еден голем славенички концерт, но уште повеќе и со организација на тродневна Балканска конференција на која ќе се разговара за состојбите и перспективите за делување на сојузите од регионов.

„Самиот проект е поддржан од Министерството за култура, но сеуште немаме информации кога ќе ни бидат префрлени средствата за да пристапиме кон негова практична реализација. Се надеваме дека сето тоа ќе оди според договорот и дека со колегите ќе се сретнеме и ќе размениме мислења на почетокот на декември годинава“, вели Коскаров.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG