Достапни линкови

Македонија мора да има построги казни против трговците со луѓе


Во најновиот извештај за трговија со луѓе на Стејт Департментот, Македонија е во групата земји која не ги исполнува минимум стандардите, но прави значајни напори. Според упатените, извештајот ги дава потребните насоки за тоа што треба Владата да направи во борбата со овој феномен.

Македонската Влада не ги исполнува целосно, минимум стандардите за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значајни напори во споредба со минатата година, се наведува во извештајот на американскиот Стејт Департмент. Владата, како што е наведено во извештајот, направила зголемени напори во обука на лицата кои се одговорни за идентификација на жртвите и кои работат со локалните власти за воспоставување на акциони планови и формирала работна група за борба против трговија со луѓе.

Но, Владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Владата идентификуваше шест жртви и осуди еден трговец, судиите продолжија да изрекуваат слаби казни, кои беа под минималната казна, при што немаше персонал за спроведување на соодветни проактивни истраги. Владата го намали целокупното финансирање за заштита на жртвите и не додели грантови за невладини организации за борба против трговија со луѓе. Корупцијата и официјалното соучество во кривичните дела на трговија со луѓе останаа значајни проблеми; додека владата обвинила државен службеник за соучество во 2017 година, против него не била покрената судска постапка“, се наведува во извештајот на Стејт Департментот.

Универзитетскиот професор Трпе Стојановски вели дека извештајот најреално ги покажува состојбите и е идеален водич за Владата што треба да направи во претстојната година иако има зголемен мотив и интерес, како и препознавање на феноменот трговија со луѓе.

Меѓутоа, оваа Влада мора да сфати дека мора многу повеќе да инвестира во институциите во невладиниот сектор, не само декларативно, туку и суштински и финансиски. Во однос на острината со која се препознава трговијата со луѓе исто така е многу реална оценката и тоа упатува само на дополните напори и мотив да се влезе поконкретно во феноменот и таму каде што треба документирање, казнена политика, па ако сакате и репресија таа да биде впечатлива без исклучоци и без селективност. Од друга страна инвестирањето во капацитетите мора да биде поконкретно и да покаже резултати“, вели Стојановски.

Во извештајот за Македонија се препорачува да ги истражува, гони и осудува трговците и нивните соучесници и да се изрекуваат построги казни, како и да се издвојат доволно ресурси за заштита на жртвите и за сите институции и организации кои се борат против трговијата со луѓе.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG