Достапни линкови

Со спорт до меѓуетничка интеграција


Спортот дава широки можности за промовирање на толеранцијата, затоа што не познава никакви граници од етнички, регионален и културен карактер.

Во изминатите 25 години во општина Дебар, УСАИД реализираше бројни проекти во повеќе сфери. Проектите на УСАИД продолжуваат и моментално во тек е проектот „Унапредување на социјалната кохезија“. Проектот има за цел да ја зајакне меѓуетничката интеграција меѓу децата и младите и да го унапредува меѓукултурното образование. При отворањето на овој настан во Дебар, директорот на канцеларијата за општ развој на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалес, истакна дека спортот дава широки можности за промовирање на толеранцијата.

„Со помош на спортот веруваме дека учениците ќе имаат можност да се заедно и да соработуваат. Спортот има единствена цел да ги здружи луѓето, бидејќи во спортот нема разлики. Спортот е моќна алатка за промовирање на толеранција и меѓусебното разбирање кое не познава никакви граници од етнички, регионален и културен карактер. УСАИД и во наредниот период ќе продолжи да придонесува кон подобрување на меѓуетничките односи и унапредување на социјалната кохезија во Македонија“, истакна директорот Гонзалес.

Извршниот директор на организацијата „Потрага по заедничка основа“, Вилма Венковска Милчев вели дека овој проект е од голема важност за меѓуетничките односи во мултиетничките средини.

„Дебар навистина служи како примерен град за добри односи и треба да биде пример и за другите општини. Со овие спортски активности градиме мостови за соработка на децата и младите без разлика на нивната етничка, верска и социјална структура“, вели таа.

Во дебарската деветтолетка „Саид Најдени“, проектот побуди голем интерес како кај учениците така и кај наставниот кадар.

„Многу сум задоволен од проектот и активноста околу заедничката основа за меѓуетничка интеграција. Се надеваме дека со УСАИД ќе продолжиме да работиме уште долго во Македонија, затоа што тој ни го покажува вистинскиот пат за меѓуетничко интегрирање во Република Македонија“, истакна директорот на училиштето Бурим Казиу.

Инаку, Дебар е една од осумте општини во Македонија каде што се реализира овој проект.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG