Достапни линкови

Дали превозот на ученици во Берово се врши на незаконски начин?


Автобус од фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица - подружница Берово
Автобус од фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица - подружница Берово

Од фирмата Берово транс која досега го вршела превозот на ученици од средното училиште „Ацо Русковски“, обвинуваат дека новиот превозник на незаконски начин бил избран да ја врши услугата. Директорот на училиштето не сака да го коментира договорот кој ќе бил даден на увид на јавниста. Од општината велат дека немаат надлежност да вршат увид врз сите договори на училиштето кое е посебно правно лице.

Превозот на учениците од средното училиште „Ацо Русковски“ во Берово се врши незаконски, обвинуваат од Берово транс. Од средното училиште не сакаа да ги коментираат обвинувањата, туку одговорија дека во наредниот период се ќе и биде познато на јавноста. Од општина Берово, пак се оградуваат.

Директорот на средното училиште, Сашко Корчовски, како што наведуваат од Берово транс, склучил договор за превоз на ученици со непосредна спогодба без претходно објавување на оглас со превозникот Цоби СМ ДООЕЛ Берово и Камелија Травел ,при што, како подизведувач се јавува Тритерол ДООЕЛ Струмица со подружница Берово.

Фирмата Цоби СМ ДООЕЛ, како што наведуваат Берово транс, спротивно на законот, немала утврден возен ред на ниво на општината, нема дозвола за превоз на сите постоечки линии, туку има дозвола само за една линија и нема доволен број на возила и затоа ја ангажирала Тритерол, која пак, нема свое седиште во градот, туку само подружница на фирмата.

Од Берово транс на која договорот со училиштето и завршил на 1 октомври со допис се обратиле до директорот на училиштето и до градоначалникот на општината за поништување на спогодбата.

Директорот на училиштето Корчовски кој е поставен на функцијата за време на СДСМ, ја заобиколи Берово транс со цел да отвори пат за фирмата Тритерол која е блиска со владејачката партија за таа да го врши превозот на ученици“, обвинуваат од Берово транс.

Основа за поништување на спогодбата е тоа што превозникот е должен, согласно законот, да приложи и доказ за возила во сопственост со кои што ќе го извршува превозот. Тоа е наведено и на веб страната на општина Берово, односно дека превозникот освен лиценца, е должен да достави список на возила и список на вработени возачи.

Берово транс и претходно се жалеше дека подружницата на Тритерол во Берово на незаконски начин се обидела да го преземе превозот на ученици од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“.

Подружницата во Берово е дел од фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица, а нејзин управител е Лефтер Андонов, кој беше советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.

На автобусите на подружницата во Берово како контакт телефон е наведен телефонскиот број на претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово.

Директорот на училиштето Корчовски во изјава за Радио Слободна Европа вели дека со новите измени во Законот за патниот сообраќај имаат проблеми со превозот и бараат решенија, при што на него му е најважно учениците да бидат во нивните клупи. Но, тој не сакаше да ја коментира спогодбата.

Се што е потпишано и се што ќе биде потпишано ќе биде објавено во рок од 30 дена, согласно законот на страната на електронскиот систем за јавни набавки. Потоа се може да се види па да се постапува. Се што се случи ќе биде закачено, јавно, на увид да се види“, вели Корчовски.

Тој не сакаше да ги коментира ни обвинувањата од страна на Берово транс, туку уште еднаш повтори дека спогодбата ќе биде објавена.

Согласно новите измени во Законот за патниот собраќај кои стапија во сила на 4 септември градоначалникот го утврдува возниот ред, и цените врз основа на кои треба да се врши превозот за да не се склучуваат договори во четири очи и да не се даваат цени кои не се реални.

Од општината велат дека ЦОБИ СМ ДООЕЛ има утврден возен ред на територијата на Берово и поседува дозвола за вршење на линиски превоз на патници. Во однос на другите наводи посочуваат дека општината нема надлежност да врши контрола на сите договори кои ги склучува училиштето „Ацо Русковски“ и не решава по нив. Според општината, училиштето е посебно правно лице кое може самостојно да делува. Од општината Берово транс ја упатиле да се жали до Државната комисија за жалби по јавните набавки.











































  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG