Достапни линкови

Петтиот ФЕНЕР со апел за здрава животна средина


Плакатот за фестивалот ФЕНЕР 2018.

Под мотото „Тука растат“, од 12 до 14 октомври, во организација на Буден театар, ќе се одржи петтото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР, чија програма тематски е фокусирана на екологијата и одговорноста на децата да им обезбедиме чиста и здрава животна средина.

Четири претстави, наменети за различни возрасти на деца и обединети околу мотото „Тука растат“, ќе бидат прикажани од 12 до 14 октомври на сцената на Драмски театар Скопје на годинешното, петто по ред издание на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР. Програма тематски е фокусирана на екологијата и одговорноста на децата да им обезбедиме чиста и здрава животна средина.

„ФЕНЕР оваа година со мотото „Тука растат“ се обидува да сврти фокус кон тоа дека треба да сме малку поодговорни кон сопствената околина и кон сопствената животна средина и пред сè во името на децата. Скопје е град кој мислам дека никогаш не бил повалкан, никогаш не било понедостапно во него да се дише и да се живее. Заради тоа мислам дека навистина беше потребно ова петто издание на Фестивалот да го посветиме на екологијата и малку да го свртиме внимание кон она со кое што треба да се занимаваме во моментов, а тоа е борбата да си обезбедиме само нормални услови за живот во овој пренатрупан и нечист град“, вели Милијана Ленак од „Буден театар“, идејните творци и организаторите на манифестацијата.

Во петок, во 18 часот, Фестивалот официјално ќе биде отворен со „Аеро“, претставата-лабораторија за воздух, наменета за деца над година и половина, на словачкиот театар „Одиво“. Членовите на овој колектив повикуваат и на дружба „во истражувањето или, пак, летањето“ и наредниот ден, но овојпат од 11 часот.

Еден час подоцна, на истата сцена во Драмски театар, Петар Никл од Република Чешка, како самосвоен диригент ќе го претстави својот перформанс за сите возрасти „Бубачкување“, во кој „донесува еден куп бубачки кои кога слушаат музика умеат да цртаат“ и ги кани присутните „да ги замешаат своите прсти во сликите што ги создаваат овие инсекти“.

Наредниот ден, во вечерниот термин од 19 часот, децата над тригодишна возраст и нивните родители, ќе имаат можност да ја проследат приказната за црвенокосото девојче „Ленка“, кое овде во Скопје допатува со уметниците од Куклениот театар од Бјалисток, Полска. Тие во својот проглас ќе речат дека „девојчето се чувствува малку поинаква од другите и поради тоа е осамена, па затоа и ги повикуваат присутните дечиња да и станат пријатели“. Претставата ќе биде репризирана в недела од 11 часот.

Конечно тука е и израелската уметница Мајан Јунман, која на оние над пет години, на затворањето на Фестивалот, в недела на 14 октомври, од 19 часот, се подготвува да им ја раскаже својата неверојатна „Хартиена приказна“.

И ова не е сè. На петтиот ФЕНЕР е планирано да се одвива и придружната програма со бројни активности. Така за сабота е предвидено да бидат реализирани урбаните еколошки акции „Замисли промена“ и „Мижи! Замисли промена“ во соработка со Фондацијата Отворено општество Македонија, а неделата ќе биде посветена на проектот „Триаголници на соработка“, кој е поддржан од Швајцарската амбасада во Република Македонија. Презентацијата ќе биде во фоајето на Драмски театар од 13.30 часот, а шеесетина минути подоцна и во наредните три часа активностите ќе се одвиваат на Дестинација - Креација Матка.

Згора на ова, колективот КОКО ДАШ од соседна Србија, со интерактивната изложба „Дрвото кое недостасува“, ќе се погрижи за разубавување и „фенерскиот лик“ на Драмски театар. Нивната поставка посетителите ќе можат да ја видат во текот на трите фестивалски дена.

И уште нешто. Билетите за главната програма се со симболична цена од 200 денари, за активностите од придружната програма влезот е слободен, а за Дестинација - Креација Матка потребно е пријавување кај организаторот.

Инаку, Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР е поддржан од ЕУ Инфо Центар, Министерство за култура на РМ, Град Скопје, Фондација Отворено Општество Македонија, Швајцарската амбасада во земјава, Српскиот културно-информативен центар – Спона и Чешката амбасада во Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG