Достапни линкови

Пресудите за „Тенк“ и „Триста“ - враќање на правната државa или нова спрега со власта?


Кривичен суд Скопје

Во рок од два дена за два случаи на СЈО беа изречени пресуди, а обвинетите добија затворски казни. Тоа, според експерите е позитивен чекор кон враќањето на довербата во судството и очекуваат таквата пракса да продолжи во иднина. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за спрега меѓу власта и судството.

По пресудите за случаите „Триста“ и „Тенк“ на СЈО на кои за прв пат беа изречени затворски казни се создава впечаток дека Македонија станува правна држава, коментираат упатените. Поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски доби девет години затвор во предметот „Триста“, а 6 ипол години за „Тенк“. Поранешниот премиер Никола Груевски за набавката на луксузниот мерцедес е осуден на две години затвор.

Овие два случаи покажуваат дека македонското судство полека излегува од својата зачмаеност и почна да работи според законот. Сите пред законот се еднакви и од таа гледна точка неговото постапување можам да кажам дека е во рамките на она што кривичниот законик предвидува“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.

И поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски вели дека пресудите се еден чекор кој е позитивен и кој претставува надеж за исправување на работата на судството. Според него, овие пресуди треба да бидат отрезнување за сите функционери.

Мислам дека со овие првични предмети и со овие неколку пресуди што следуваа веќе како да започнува процесот на враќање на довербата во судството. Но, се уште е рано и ние сме на почетокот, бидејќи знаеме како се одвиваат реформите во судскиот систем и тие длабоко се уште се забраздени во проблемите“, посочува тој.

Груевски осуден на 2 години затвор, одбраната ќе се жали
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:29 0:00

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека меѓу Владата и судството постои непринципиелен брак. Бенефициите, како што наведоа од партијата, во тој брак сега се во корист на премиерот Зоран Заев. Тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, оди правопропорционално со добивањето и губењето на власта, односно така функционира клинетелистичкото судство.

Против Груевски се водат уште 4 процеси од страна на СЈО за предметите „Титаник“, „Тракеторија“, „ТНТ“ и насилството во општина Центар.

„Јас не ги знам сите судски процеси. Но, очекувам судовите да продолжат во насока на правилна примена на законот и еднаквост на законот за сите. Така што тие се овластени според Уставот и законот и тие ќе ја утврдуваат одговорноста на обвинетите од СЈО“, додава Илиев.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека за сите незаконски дејствија ќе следи ревизија. Одбраната во „Триста“ и „Тенк“ пак најави жалба за пресудите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG