Достапни линкови

Избори за инает, па и по цена на тонење на државата


Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Повторни предвремени избори би ја забавиле реформската агенда потребна, пред сè, за европските интреграции, оценуваат упатените. Според нив без разлика на цврстите партиски ставови, опцијата за двотретинско мнозинство се уште е во игра.

За три години гласачите во Македонија е можно да бидат повикани пред гласачките места дури пет пати. Во 2016 година се одржаа парламентарните избори, во 2017 локалните избори, во септември 2018 референдумот, а според сегашните ставови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ идниот месец е доста можно да се оди и на парламентарни избори. Идната година пак напролет се редовните претседателски избори.

Несомнено е дека изборите создаваат притисок во веќе постоечки временски теснец, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика. Таа додава дека искуството досега покажува дека изборите во голема мера влијаат на реформските процеси во услови кога владата треба да испорача покрај реализација на договорот со Грција и други реформи потребни за европската интеграција.

Кацарска потсетува и дека во време на избори парламентот не работи, а голем дел од администрација е ангажирана во процесот и дека сето тоа влијае на реформите.

„Треба да се има предвид временскиот теснец годинава- договорот со Грција зависи од нашите чекори и од усвојувањето во нивното собрание, а немаме само ние избори туку и тие имаат редовни идната година. За да го убедиме пак Советот на ЕУ идната година во јуни дека треба да ја донесе клучната одлука за отворање на преговорите, мораме да испорачаме реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата”, вели Кацарска.

Убедени политичари или блеф за позиции?

Но и покрај сегашната навидум решеност на партиите за предвремени парламентарни, изборите се уште не се извесни, оценуваат аналитичарите. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи деновиве ќе се даде сепак простор за можноста за обезбедување на двотретинско мнозинство. Драматичните и бомбастични изјави од партиите, како што тој ги нарекува, деновиве ќе се засилеле, оти тоа било заземање позиции.

„Еден од коалициските партнери инсистира на двотретинско така што верувам дека ќе се искористат сите можни варијанти и преговори тоа да се постигне. Но ако се види до идната среда дека тоа не е можно ќе се оди на предвремени избори со цел да се фатат роковите од Договорот за името”, вели Муслиу.

И условите за да се оди на избори се различни за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски рече дека бараат претходно да се формира техничка влада по „пржински модел“ со мандат од 100 дена. Во тој период Заев треба да си поднесе оставка од функцијата премиер, а ВМРО-ДПМНЕ да има свои министри во полиција и труд и социјала.

„Овој предуслов во ниту еден случај не верувам дека мнозинството ќе го прифати затоа што временски се губи целата поента на овие избори. Овие предвремени избори се за да се обезбеди двотретинско мнозинство, а не за да се обезбеди четири годишен мандат”, вели Муслиу.

Ова би значело дека ако на пример уште утре се направи влада по пржинскиот модел, според принципот сто дена избори би можело да има некаде во првата половина од јануари. Според договорот за името со Грција Македонија треба да ги усвои амандманите на Уставот до крајот на оваа година за да може потоа и целосно да се откочи процесот на евроатланска интеграција.

Договорот од Преспа за ВМРО-ДПМНЕ мртво слово на хартија

Ваков исход на настаните сериозно би го загрозило договорот за името, но позицијата на ВМРО-ДПМНЕ утврдена и на состанокот на Извршниот комитет на партијата е дека „Договорот од Преспа е политички мртов и е празно слово на хартија“. Опозициската партија референдумот го прогласи за фалсификат и резултатите од него не ги признава.

СДСМ, пак, се повикува токму на резултатите од референдумот. Владејачката партија на своето партиско тело- извршниот одбор, земајќи ги предвид “ над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа за”посочува дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ја кочи иднината на граѓанитеи дека нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш.

„Извршниот одбор оцени дека треба да се искористат сите демократски можности, да им се овозможи на пратениците да го следат гласот на граѓаните и да обезбедат членство на Македонија во НАТО и ЕУ”, наведуваат од СДСМ.

Нивното инстистирање е за избори на 25 ноември, за што според роковите собранието би требало да ги распише до среда идната недела. Новите пратеници се состануваат на конститутивната седница најдоцна 20 дена по изборите. Претседателот на Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието, а мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG