Достапни линкови

Неделен печат – Скрининг и нови предистражни постапки од СЈО


Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

Капитал пишува за почетокот на скрининг процесот на Македонија, а Фокус пишува за новите предистражни постапки на СЈО.

Капитал - Скринингот ќе помогне да видиме до каде сме

По повеќегодишна блокада во евроинтеграциите, Македонија во четвртокот официјално го почна таканаречениот објаснувачки скрининг процес, за која цел во Брисел отпатува 40-члена делегација од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерката за правда Рената Дескоска. Во најновото издание на Капитал детално се објаснува што значи овој процес кој почнува со Поглавјето 23, што ги опфаќа областите Правосудство, основни човекови права и борба против корупција, и како ќе се одвива всушност аналитичкиот преглед на усогласеноста на домашното законодавство со европското. Неделникот потсетува дека во следниот период, посебно по отворањето на преговорите во јуни следната година, Македонија ја чека многу обемна и макотрпна работа во која треба да бидат вклучени 1.000 до 2.000 луѓе од различни институции и сегменти. Брзината со која ќе го завршиме скринингот, како и со која брзина ќе ги отвораме и затвораме 33-те поглавја што мора да ги помине секоја земја кандидат за почнување преговори за членство во ЕУ ќе зависи од нас самите – го пренесува Капитал мислењето на државниот советник во Секретаријатот за европски прашања, Драган Тилев. Тој додава дека Македонија не почнува од нула, туку почнувајќи од 2004 година веќе има пренесено добар дел од европското во домашното законодавство. Скринингот ќе помогне да видиме јасно до каде сме во тој процес, зашто не постои ниту една област која може ефикасно да функционира без ефикасен правосуден систем и без непрестајна и посветена борба со корупцијата и почитување на човековите права. Токму таа посветеност во периодот што следи мора да биде многу силно видлива, како преку работењето на Министерството за правда, така и во сите институции кои имаат надлежност во рамките на Поглавјето 23, затоа што Европската комисија има посебна клаузула со која има право некои поглавја, па дури и целиот процес на преговарање, да се стопираат ако нема очекуван напредок во поглавјата 23 и 24. „Не треба да имаме дилеми дали имаме или немаме капацитет да ги воведеме и имплементираме во пракса европското законодавство, европските стандарди, правила и принципи. Се работи за тоа дали имаме волја и дали сме добро организирани“ – вели Тилев за Капитал.

Фокус - Ахмети, Милошоски, Керим и Аџиев наскоро на обвинителна клупа?!

Најновиот Фокус пишува дека „Студенти на Медицинскиот факултет во Скопје обвинуваат професор дека им барал мито за оценка“. Професорот на 55-годишна возраст повеќе од 15 години предава на факултетот и наводно им барал мито на студентите за да го положат испитот кој веќе подолг период им претставувал проблем. Студентите за неделникот додаваат дека имало разработена шема со посредници преку кои се движел синџирот на предавање на парите. Ваквите сомнежи се споделени во приговорот што студентите го упатиле до Деканатот, а случајот го пријавиле и на надлежните институции, наведува неделникот.

И во друг текст Фокус се занимава со индициите за криминални дејанија во нашево општество. Па оди со интригирачки наслов: „Ахмети, Милошоски, Керим и Аџиев наскоро на обвинителна клупа?!“, при што наведува дека и покрај обврските на обвинителите од СЈО околу секојдневните судски рочишта, тие продолжуваат да водат предистражни и истражни постапки, „таргетирајќи“, како што пишува, нови криминалци. Фокус неофицијално дознал дека веќе се привршуваат четири истраги кои за неколку месеци би можеле да резултираат со нови обвиненија, а таргет биле триесетина осомничени, од кои поголемиот дел за прв пат се соочиле со обвинителите од СЈО. Дали ќе седнат на обвинителна клупа, наскоро ќе биде познато, наведува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG