Достапни линкови

Референдумот главна тема на последниот ден пред изборниот молк


Кампања За и за бојкот на референдумот
Кампања За и за бојкот на референдумот

Медиумите известуваат за посетата на македонската делегација на Брисел со што се означува почетокот на маратонот кон ЕУ, а ги анализираат и пораките искажани во кампањата за референдумот.

„Почнува скрининг процесот - Македонија од денеска пред маратон за влез во ЕУ“ – насловува Независен, а Слободен печат исто така информира дека од денеска „Македонија го почнува скрининг процесот за преговорите со ЕУ“. 40-члената делегација на чело со вицепремиерот Бујар Османи во Брисел ќе го започне процесот со отворање на поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права, инаку првото од 33 поглавја, со што земјава и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ што треба да заврши во јуни следната година кога се очекува Македонија да ги почне преговорите за членство, ги пренесува Независен зборовите на Османи.

Ден-два пред да настапи молкот пред изјаснувањето в недела печатените медиуми ги објавуваат и пораките и изјавите на претставниците и на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ и на „Излези ЗА европска Македонија“ искажани на средбите со граѓани. Нова Македонија, Вечер и Независен го цитираат Христијан Мицкоски во Демир Хисар: „СДСМ нема поддршка за Договорот од граѓаните“, а Слободен печат на насловната објавува: „Зоран Заев самоуверено му порачува на Христијан Мицкоски: Имаме консензус за референдумот!“ Независен на насловната го цитира премиерот Заев: „Ќе пресудат тие што ќе гласаат“. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека „СДСМ преку Собранието се обидува да направи фалсификат на самиот ден на гласање“ – објавува Вечер. Слободен печат пренесува дел од дебатата на ТВ Телма помеѓу шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и Александар Николоски. Николоски вели. „Референдумот нема да успее“, а Димитров: „Груевски сакаше да има конфликт, тој да биде големиот ’бранител‘, иако пустош направи од нашиот идентитет со Аминта. Идентитетот не може да го бранат со тоа што поставиле 100-ина споменици во главниот град“ – пренесува Слободен печат.

Вечер и Нова Македонија насловуваат: „Европската десница бара да не се бојкотира референдумот“, пренесувајќи го твитот наЖозеф Дол, шеф на Европската народна партија кој на Твитер побара граѓаните во Македонија да „избегнат бојкот“ на претстојниот референдум.

Независен излезе со наслов: „Иванов ќе бојкотира, па ќе се пензионира“, потсетувајќи дека претседателот на државата е во Њујорк на заседанието на Генералното собрание на ОН, каде што треба да има обраќање, и дека оттаму испрати пораки за бојкот на референдумот, како и тоа дека мандатот му престанува во мај следната година. Независен објавува информација од високи извори во ВМРО-ДПМНЕ, како што наведува, дека по референдумот партијата ќе организира вонреден конгрес за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Вечер и другите печатени медиуми објавуваат дека референдумот в недела ќе го следат рекорден број од 11.907 домашни и 493 странски набљудувачи.

Електронските изданија на весниците го објавија и соопштението на МВР: „Ќе биде санкциониран секаков вид притисок, закана или уцена при гласањето на референдумот“.

Независен објави дека во избирачките одбори нема да има претставници на партиите, Собранието и на Владата, туку сите членови ќе бидат од администрацијата.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG