Достапни линкови

Балканец - Тоа гордо звучи


Јовица Јанковиќ, ученик во четврта година во СУГС Георги Димитров

За жал, многу често постарите (кои порано биле надежни млади како нас) ни кажуваат дека не можеме ништо да смениме и дека е подобро да се приспособиме во оваа состојба или едноставно само да си заминеме и да бараме подобар живот, пишува средношколецот Јовица Јанковиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Една од убавините за нас младите е тоа што сите ние имаме нов поглед кон светот и општеството, со прогресивни и свежи идеи со кои, се знае, доаѓа и поголема надеж. Но сепак лошата страна која кај нас во Македонија ја носи младоста е и фактот дека се убедуваш ама и те убедуваат дека многу поубаво би било да си на некое друго место - како на пример дека тревата е секогаш позелена од другата страна на оградата, и дека секогаш туѓото е поубаво од своето. Има млади во Македонија кои никогаш не отпатувале во Франција, Германија или Швајцарија, но се убедени дека овие земји се најдобрите места на планетата и дека тие би биле многу среќни кога би живееле таму.

Од друга страна, има млади во Германија, Франција или Англија кои се исто така убедени дека во Соединетите Американски Држави сè е совршено и дека би можеле да живеат и да работат многу подобро од нивните земји. Но кога ќе размислиме со ладна глава, тогаш разбираме дека во Франција, Германија и Македонија, како и во сите земји во светот, се случуваат некои навистина добри работи за нас, но притоа сфаќаме дека и во нашата земја имаме избор и тогаш ние младите доаѓаме до една точка на размислување и одлучување – или да очајуваме или да донесеме одлука за да работиме и да си го подобриме нашиот живот, нашата среќа и нашето општество. И тамам кога ќе одлучиме што да правиме – тогаш ги оставаме работите такви какви што се и ќе чекаме некој друг да ја направи таа промена за нас, или за некое чудо и самите стануваме агенти за промена и подобрување на својата положба таму каде што сме - во Македонија.

Има една приказна за еден балканец од нашите краишта, кој сè уште е жив и кој пред многу години решил да побара подобар живот бидејќи не му идело работа во Македонија. Тој решил да замине на работа во Германија но прво ја прашал својата мајка дали му дава благослов за да отиде и работи таму. И мајка му го одбила!!! Во тој шок тој веднаш ја прашал „Зошто мамо на свој син не му посакуваш подобар живот?“ И мајка му веднаш му вратила со следното: „Ако навистина се трудиш, ти Германија тука ќе ја донесеш!“ И навистина балканецот сега во 2018 година вреди милиони евра.

Е токму тоа и недостига на Македонија, и треба повеќе луѓе од овој еден балканец, а помалку од тие кои иако остануваат во земјата сепак само плачат и пишуваат статуси на твитер, демак цела држава ќе се средела со тој статус, и тука младите луѓе како нас можат да претставуваме ПОТТИК за промена. Ние младите сме идеалисти. И тоа е она што ми се допаѓа кај младите луѓе – ние гледаме можности и ние имаме надеж, верба и страст. Младите гледаат на светот така како што тие го замислуваат, а на проблемите гледаат како на мали пречки за кои треба само да се најде решение. Тие гледаат неправди, поплаки и нешта кои не функционираат и си велат „како можеме ова да го подобриме?”. За жал, многу често постарите (кои порано биле надежни млади како нас) ни кажуваат дека не можеме ништо да смениме и дека е подобро да се приспособиме во оваа состојба или едноставно само да си заминеме и да бараме подобар живот.

Ние младите сме потенцијални водечка сила во општеството, утрешни лидери, математичари, програмери и што не друго! Ако ние станеме обесхрабрени од затечената состојба, почнуваме да бараме други алтернативи за кои веруваме дека ќе ја смени статус кво состојбата на подобро, но и ако тоа не ни успее, тогаш почнуваме да мислиме на начини како да ја напуштиме земјата и да го понесеме со себе своето образование и страст и да го уновчиме во некоја трета земја.

Затоа што, не дај боже ако останеме во државата а не успееме да се снајдеме нашето размислување секогаш оди кон тоа дека и ние ќе станеме дел од сивата економија бидејќи вработувањата се тешко достапни и слабо платени.

Но Македонија, како и сите други земји во светот, има потреба од идеализмот на својата младина. Ниедна држава не може да напредува без луѓе кои се спремни да ризикуваат за да направат промени. Дел од тоа да се биде млад е да се биде нестрплив – желбата за борење и соочување со големи нешта. Нас ни треба идеализмот на младите за глобалните прашања, но исто така ни треба тој идеализам и за прашањата во Македонија –прашањата во нашето маало, и во нашата улица.

Пред околу три децении, еден социолог се појави со една теорија што ние ја викаме теорија на скршени прозорци. Оваа теорија вели дека отпадот по улиците ги поттикнува луѓето да фрлаат повеќе смет. Некој фрла кеса со смет на улица. Наскоро, повеќе кеси со смет се појавуваат на улицата. И на крај, имаме повеќе смет отколку улица. Тоа што е значајно за нашите земји и градови и за нашите улици е дека ние мора константно да се грижиме за нив и да ги одржуваме чисти. Понекогаш се појавува некој и ги уништува нашите напори, а ние сме гневни затоа што треба да чистиме по другите и кога вината не е наша. Не, сметот не е наш, но улицата е наша. Нам ни треба идеализмот на младите луѓе за да не потсетат како изгледа една чиста улица.

Јас знам дека младите секаде во светот се под притисок. Во САД, во Македонија, во Шпанија, во Германија и во Јапонија, младите луѓе ги чувствуваат болките од финансиската криза. Тие ја чувствуваат кризата затоа што има многу малку работни места и затоа што луѓето кои ги изгубиле своите заштеди не се пензионираат. Тие гледаат колку е тешко да се планира семејство без кариера, или кариера без семејство, и чувствуваат како нивниот глас да не се слуша. Ова се глобални проблеми, но тие не се нерешливи. И единствените луѓе кои ќе се погрижат проблемите на младите да бидат слушнати, за нив да се зборува и да бидат адресирани се токму младите луѓе како нас. Само ние можеме да направиме, и ќе направиме, разлика ако сме видливи, инволвирани и ангажирани во нашите заедници, и заедно да станеме таков глас кои политичарите не можат да ги игнорираат без да платат цена на изборите.

Нема идеално место, но нема ниту место каде подобрувања не можат да се случат. Ние сме тие што имаме страст и идеализам да ги направиме овие подобрувања. Ние, без разлика дали во иднина сме дијаспора или „староседелци“, сепак сме иднината на Македонија, така што треба да го живееме нашиот живот со цел да ја направиме нашата преубава земја, Македонија, подобро место за сите нас и за нашите деца, заедно за сите граѓани на Република Македонија!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG