Достапни линкови

Опременоста на факултетите проблем во високото образование


Архивска фотографија - Студенти на УКИМ.
Архивска фотографија - Студенти на УКИМ.

Новостите што може да ги очекуваат студентите во новата академска година е Законот за високо образование, но на првиот академски час студентите нема да видат нова инфраструктура, велат дел од нив. За нив е проблем е и тоа што повторно ќе мора да користат стари материјали за работа.

Новата академска година во Македонија е на прагот, но една работа на поголем дел од факултетите со години наназад во континуитет е иста, а тоа дека студентите на првиот час ќе ги пречека застарена инфраструктурата или стари препарати. Од овој проблем се засегнати некои од водечките факултети во земјава како техничките и природно математичките факултети.

На овие високо образовни институции студентите се снаоѓаат како знаат и умеат да го применат своето знаење на застарените препарати, вели Петар Барлаковски од Младинскиот образовен форум. Тој дополнува дека има многу студенти кои нема да видат и нови подобрени амфитеатри, општи инфраструктурни подобрувања и нови материјали и услуги што може да ги користат.

„Се изгласа Законот за високо образование, но дел од проблемите кои се големи за студентите, особено од некои науки, се уште опстојуваат и не гледаме иницијатива за промена на тој проблем. Голем дел од амфитеатрите се стари со години, дел од факултетите не обезбедуваат хартија и сапун во тоалетите, па се до оние факултети на кои им се потребни нови технологии како на пример на Машинскиот факултет, на Електро техничкиот, на Природно математичкиот факултет, на кои со цел изучување на материјата им се потребни одредени препарати или инструменти, кои за жал се застарни уште од пред 20 – 30 години и студентите се приморани или сами да си ги купуваат или да го применуваат своето знаење на препарати што се стари со многу години“, вели Барлаковски.

Тој наведува дека не може да се дозволи една земја да сака да има поквалитетно високо образование, ако луѓе што студираат природни науки изучуваат на препарати кои се застарени и не се применуваат повеќе и оцени дека со тоа се девалвира квалитетот на образованието.

Инаку добрата вест во однос на Законот за високо образование, како што посочува Барлаковски, е тоа што конечно се дава надеж дека студентите ќе имаат свои студентски претставници. Според новото законско решение, што беше донесено во мај, факултети треба да распишат избори за студентски претставници и со тоа тие очекуваат да имаат легитимни претставници. По избирањето на студентските претставници на факултетите ќе се отвори и распишувањето на избори за студентското собрание на самиот универзитет.

„Претставниците на студентите во универзитетското собрание имаат поголеми ингеренции, во смисла на тоа дека учествуваат во ректорската управа, во сенатот и други тела. Важно е што се направи овој чекор зашто ќе придонесе за подобра репрезентација на студентите во тие тела и самите студенти ќе имаат легитимитет тоа да го прават во име на сите студенти“, вели Петар Барлаковски.

До ова доаѓа откако во изминатиот период постоеја сериозни индиции дека „претставниците“ на студентите ја злоупотребуваат својата функција, односно ја искористуваат за низа други цели наместо да се борат за правата и статусот на оние што ги претставуваат.

Законот за високо образование беше донесен во мај. Професорите, пак, нагласуваат дека останува да се подготват документите кои произлегуваат од него, а тоа се подзаконските акти. Од нив за професорите поважни се правилникот за идната агенција за квалитет на високото образование како и правните акти за националниот одбор кој има важна улога во однос на квалитетот и распределбата на финансиите во високото образование.

„За да почне да функционира агенцијата за квалитет за разлика од одборот кој функционира во овој период сакаме да ги направиме актите да профункционираат. Најдоцна до мај треба да има агенција со одбор за акредитација и евалуација и зајакнати служби кои ќе функционираат во таа агенција, кои верувам дека ќе произведат повисоки критериуми за акредитација на високото образование и услови како и студиски програми“, вели професорката Гордана Поп Симонова.

Инаку, оваа година има извештај од Европската агенција за оценка на квалитетот на шест државни универзитети во Македонија. Професорката Поп Симонова очекува нивните оценки и препораки да се вградат во евалуацијата на универзитетите со цел да им користи за реакредитација. Оценките на европската агенција се однесуваат на структурата на високото образование и се ориентирани на крајниот продукт. Во фокусот е дали студиската програма е вклопена во стратешката рамка за потребите на земјата, колку студентот е задоволен од образованието, има ли материјали за работа и за опит, каква е соработката меѓу универзитетите и стопанството и истражувањата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG