Достапни линкови

Мицкоски не кажува дали ќе гласа на референдумот


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес конференција во партиското седиште.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес конференција во партиското седиште.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска не ни одговори дали ќе гласа на 30 септември. Како што е познато, тој синоќа повика секој да постапи по сопствено убедување. Во јавноста има поделени мислења дали е ова повик за тивок бојкот на референдумот за името и членството во НАТО и ЕУ.

По речиси два месеца откако се знае референдумското прашање и по месец и половина откако е распишан референдумот, најголемата опозициска партија побара од граѓаните да постапат по сопствено убедување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференцијата која се одржа доцна ноќта рече дека „секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред се за своето семејство и за нашата мила Македонија”. Потоа не одговараше на новинарски прашања, повикувајќи се на обемноста на прес конференцијата.

И денеска во телефонски разговор за Радио Слободна Европа Мицкоски не одговори на нашето прашање - Дали тој лично на 30 септември ќе излезе и ќе гласа на референдумот, велејќи дека е несериозно за вакви прашања да се разговара по телефон.

Во меѓувреме, во дел од јавноста веќе различно се толкува неговиот вчерашен повик.

Вие најдобро знаете што сакам да ви кажам и дека ова што ви го кажувам допира до секој еден од вас, само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај, сосема на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија и е потребна мудрост и обединетост“, рече Мицкоски.

Според политичкиот аналитичар Џелал Незири ова е став кој не е лидерски и не е коректен кон останатите политички чинители кои повикуваат на преземање на одговорност.

Но, не мислам дека е повик за бојкот, туку став кој им остава простор да делуваат на сите политички фракции внатре во партијата. Да не заборавиме дека внатре во ВМРО-ДПМНЕ има фракција што се залага да успее референдумот, а има и фракција, која е најрадикална и се залага за бојкотирање, така што со ваквиот став се остава простор во ВМРО-ДПМНЕ кој ги обединува сите крајности”, вели Незири.

Дел од луѓето кои што важат за блиски соработници на самиот Мицкоски, или пак за блиски до ВМРО-ДПМНЕ, веќе почнаа ова да го толкуваат како повик за бојкот. За професорката Тања Каракамишева, која е претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и придружник на партискиот претседател на лидерските средби, се е јасно.

Македонците се паметен народ, Македонците ги видоа големите лаги на Заев, и одлучија - ова прашање не заслужува одговор”, напиша Каракамишева на социјалната мрежа Фејсбук.

И Александар Пандов, кој важи за близок до ВМРО-ДПМНЕ смета дека ова е повик за бојкот.

Само глув човек вечерва не слушна и слеп човек не виде кристално чист повик за бојкот. Браво ВМРО”, напиша Пандов.

Претставниците на меѓународната заедница кои деновиве интензивно доаѓаат во Македонија, сите без исклучок, пак, повикуваат да се излезе на референдумот. Порака да не седат дома на 30 септември досега испратија генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, американскиот сенатор Рон Џонсон и други политичари. Слична порака се очекува да упати и американскиот секретар за одбрана Џим Матис кој најави посета на Македонија деновиве.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG