Достапни линкови

Пренџова со нови искуства од словенечкиот слем-фестивал „Изрекања“


Елена Пренџова
Елена Пренџова

Македонската поетеса и слемерка Елена Пренџова, од 28 август до 5 септември, учествуваше на првото издание на словенечкиот слем-фестивал „Изрекања – Фестивал на поезијата во Цеље“. На манифестацијата особено значаен бил мастеркласот што го одржал Кели Смит, човекот кој се смета за таткото на слемот и перформативната поезија.

Не многу по добивањето на наградата „Јован Котески“ за својата збирка со „интермистичка вибер поезија“ насловена „Шшш….“ и учеството на последното издание на Струшки вечери на поезијата, македонската поетеса и слемерка Елена Пренџова со успех се претстави и на првото издание на слем-фестивалот „Изрекања“, што од 28 август до 5 септември се одржа во Цеље и Љубљана во Словенија.

Таа настапила на една од трите вечери што се одржале во Цеље заедно со словенечката слем-група „Слемерчине“, како и странските гости на фестивалот Марк Кели Смит од САД, таткото на слемот, Милан Мијатовиќ и Синиша Рудан од Србија и Симоне Савоџин од Италија.

„Кога настапуваме во странство гледаме до каде сме и на каде треба да се водиме во нашиот перформанс, Учиме од нашите колеги, гледаме нови практики, нови начини на интепретација, нови теми коишто ги обработуваат колегите во регионот и во светот затоа што слемот меѓу другото има и активистички карактер и инкорпорира во себе социјална критика... Кога ќе се земат сите овие работи предвид настапите надвор од матичната средина многу значат за еден слемер којшто е активен на ова поле за да биде во тек со современите текови и да учи и да се подобрува“, вели Пренџова.

Таа и со дополна дека во рамките на Фестивалот за неа посебно импресивен бил и перформансот на ГОРАН БОЈЧЕВСКИ ТРИО, македонскиот кларинетист и композитор кој живее и работи во Словенија. Него овдешната публика имаше можност подобро да го запознае како член на првата инкарнација на КАБАДАЈАС, а згора летово тој не само што потпиша исклучително успешен концерт со гитаристот Влатко Стефановски, туку одржа и преубав рецитал во црквата Света Софија на Охридско лето 2018.

Од друга страна, Пренџова, заедно со Милан Мијатовиќ од Србија, Хрватот Синиша Матасовиќ, словенечката слемерка и некокукратна слем-шампионка Нина Медвед, била учесник и на тркалезната маса што се одржала во Љубљана, а на која се разговарало за односот помеѓу слем-сцената и академската, книжевната сцена во земјите од поранешна Југославија. Притоа на завршната слем-вечер, покрај странските гости, се претставил и најпознатиот словенечки рапер Тркај, двократен победник во слободните рап-битки и дипломиран теолог кој рапувал на стихови од познатиот словенечки поет Франце Прешерн.

Марк Кели Смит, „таткото“ на слемот и перформативната поезија
Марк Кели Смит, „таткото“ на слемот и перформативната поезија

Конечно, за Пренџова како особено значаен се покажал мастеркласот што го одржал Кели Смит, човекот кој уште од осумдесеттите години на минатиот век настапувал во американските клубови и денес се смета за таткото на слемот и перформативната поезија. На мастеркласот, како што истакнува, се работеле техники на интерпретација на поезија во групи и парови што е апсолутно непознато кај овдешните слемери.

„Во регионот многу ретко се одлучуваат да прават групни слемови и слемови во пар, а кај нас во Македонија тоа сеуште се нема случено. Ние сеуште имаме само соло-слем изведувачи за разлика од Запад кадешто на слем вечерите постојат специјални натпревари за слем групи“, истакнува слемерката.

Таа и со информацијата дека во Словенија има дури три слем-групи коишто настапуваат засебно кога е тоа потребно или наложено, а дека кај нас за ова ќе треба да помине време да стане практика.

„Станува збор за проект којшто одзема повеќе време. Треба да се најдат луѓето со слични енергии, со слични теми со коишто се засегнати, потоа да се состанат за да го напишат текстот, па да поделат кој кои стихови ќе ги интерпретира, да се најде начинот на кој ќе се интерпретира, да се договорат, па дури потоа да почнат да вежбаат и да видат како сето тоа ќе звучи усогласено а не како некоја какофонија“, смета Елена.

Инаку таа, „пост-наградно“, како што вели, е фокусирана нејзината „интермистичка вибер поезија“ забележана во збирката „Шшш….“ која што, патем, беше отпечатена по добивањето на наградата „Јован Котески“ во мај годинава, да дојде до читателите и да се рашири „како дело, како книга, а не само како наградено дело“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG