Достапни линкови

Сите го сакаат Водно, но кој е во право за гасоводот?


Видео дебата - Гасоводот ни треба, но дали низ Водно?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:51 0:00

Гасоводот ни треба, но дали низ Водно?

За и против гасоводот на Водно се водат и ќе се водат дебати. Невладината „Го сакам Водно“ е исклучително против градба на гасовод низ Водно, додека властите се залагаат за трасата да остане. Што велат граѓаните на Скопје?

Власта настојува гасоводната траса да минува низ Водно, оти стопирање на проектот во оваа фаза би го оштетил буџетот за 10 милиони евра. Активистите сметаат дека средствата не треба да се причина за да се зачуваат белите дробови на Скопје. Радио Слободна Европа ги праша граѓаните кој е нивниот став. Нивните мислења се исто поделени како и оние меѓу власта и активистите.

„Мислам дека може да се најде решение, или да се смени ако е толку добра шумата, гасовод ни треба, да се најде некое решение, кај што е убава шума да се избегне“, изјави Стојанче Тренчевски.

Од друга страна, некои граѓани пак ги поддржува размислувањата на активистите за зачувување на парк шумата Водно.

„Сега е фино пошумено, јас мислам дека ако има друга алтернатива, на друг пат да си се направи таму, да не се уништува, и веќе Водно да не се закача, туку да се сочува она што малку останало. Водно е воздухот на Скопје“, рече скопјанецот П. Христов.

„Штета е Водно да се упропасти, бидејќи тоа е единствено останато, а Скопје го упропастија тотално, дрво не може да се најде на километар, така што би било убаво барем Водно да остане“, изјави Стив Стефановски.

Покрај нив, Крсто Минговски смета дека двете страни се во право, но решение и консензус мора да се најде.

„За мене и двете страни се во право. Ама јас го сакам Водно и секогаш ќе бидам за таа страна, а инаку и Владата има право, во поглед на гасоводот и трошоците и дека стварно тие дрвја негде ќе се уништат, ама од друга страна и граѓанскиот сектор има право“, рече Минговски.

Град Скопје ги прекина градежните активности за гасоводот на Водно, за да се одржи јавна дебата. Активистите неколку дена со жив штит стоеја пред булдожерите, по што градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов одлучи да ја стопира изградбата.

Активистите и власта не успеаја да најдат компромис. Власта апелираше да се има разбирање за вредноста што треба да се исплати доколку се прекине проектот во оваа фаза.

„Треба на сите јасно да ни биде дека не е исто да беше ова стопирано пред почеток на градба и во фаза на градба кога веќе се инвестирани 10 милиони евра и кои ќе треба да ги оштетиме буџетот на државата за таа вредност, секако дека немаме ни законски можности тоа да го направиме, секако оштетување од 10 милиони евра треба да знаете дека е кривично дело, тешко кривично дело“, изјави Бајрам Реџепи, директор на Македонски енергетски ресурси (МЕР).

Но, активистите од здружението „Го сакам Водно“ сметаат дека белите дробови на Скопје не треба да бидат оштетени поради грижата за загуба на средства.

„Па се изгубија и средства и заради Клинички Центар, се изгубија многу средства и заради Скопје 2014, значи имаме низа нерегуларности во минатото кои што придонеле до манипулации со проекти и губење на средства од државата. Дали само тоа треба да биде аргументот за да исфорсираме еден лош проект кој што не можеме да го измениме, мислам да тврдиме дека не можеме да го измениме само заради средствата?“, рече Андреја Јанков, од „Го сакам Водно“.

Од друга страна, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули истакна дека Водно не е заштитено подрачје, така што изградбата од тој аспект е легална. Но, се отвори дилема кај активистите за тоа зошто се спроведува проектот во фаза кога се очекува законот за заштита на парк шумата Водно.

„Зошто дозволувате градби? Ако се носи закон за ревалоризација на одредена област, ве молам зашто не кажете стоп со градбата, причекајте, ние мораме да го изведеме овој закон, па да видиме што може понатаму“, рече Татјана Стојановска, од „Го сакам Водно“.

Дебатата за гасоводната траса низ Водно треба да продолжи, според најавите, во Министерството за животна средина.

XS
SM
MD
LG