Достапни линкови

Неделници - Идентитетот и работната сила


Архивска фотографија - Протест во Скопје против промена на името.
Архивска фотографија - Протест во Скопје против промена на името.

Во неделникот Фокус има интервју со писателката и филозоф Кица Колбе, која вели дека „Луѓе без национална свест велат дека Договорот со Грција ни го брише идентитетот“, а неделникот Капитал пишува дека Источна Европа ја губи работната сила.

Фокус - Интервју со Колбе за идентитетот, Договорот со Грција и помирувањето

„Луѓе без национална свест велат дека Договорот со Грција ни го брише идентитетот“, го најавува Фокус на насловната страница интервјуто со д-р Кица Колбе, писател и философ, која неколку децении живее во Германија.

Тие гневни луѓе, кои папагалски повторуваат дека со Договорот се менувал идентитетот, самите никогаш немале јасна национална свест“, вели д-р Кица Колбе и додава дека „затоа толку брзо можеле да станат антички Македонци. Оти тој што има јасен национален идентитет, тој не помислува дека некој може да му го укине тој идентитет“. „Но тие очигледно знаат дека може! Затоа што самите поминале низ ’редизајнирање‘ на македонскиот идентитет, по скратена постапка. Тие прифатиле во нивната држава, еден автократ, бившиот премиер Никола Груевски, една авторитарна партија, ВМРО-ДПМНЕ, да им го смени идентитетот“. Со овие одломки Фокус го најавува интервјуто со д-р Кица Колбе, во кое покрај другото зборува и за своето егејско потекло и паметењето на траумата на нејзините родители што ѝ го насочиле интересот за историското помирување меѓу балканските народи.

Капитал - Проблемот со недостаток на работна сила во Источна Европа

Во рубриката „Пазари и компании“ двобројот на Капитал го пренесува пишувањето на австрискиот весник Дер Стандард кој наведува дека економските експерти предупредуваат дека проблемот со недостаток на работна сила сè повеќе ги погодува земјите од Источна Европа, во кои, и покрај забрзаниот раст, платите главно стагнираат, а таквиот тренд во догледно време би можел да предизвика сериозни проблеми. Во текстот со наслов „Источна Европа ја губи работната сила“ се објаснува дека иселувањето е еден од клучните проблеми за изостанок на растот на плати и покрај економскиот раст во источните членки на ЕУ, проблем кој во следните десетина години би можел да доведе до сериозни социоекономски проблеми. До 2045 година земјите како Чешка и Словенија ќе изгубат околу 18 отсто од својата работна сила, додека Романија и Бугарија, според проекциите, се очекува да изгубат околу една третина од работната сила. Овој тренд се случува и покрај тоа што економскиот раст во земјите од Источна Европа во периодот по финансиската криза од 2008 година беше поголем отколку во Западна Европа, а во меѓувреме невработеноста во најголем дел од овие земји значително се намали. Но со исклучок на Бугарија, ова не е проследено со пораст на платите, го пренесува Капитал австрискиот Дер Стандард. Чешка, на пример, има минимална невработеност од 2,2 проценти, но сè повеќе млади стручњаци до 30 години се одлучуваат за иселување во некоја од земјите на Западна Европа за повисока плата. Во Виенскиот институт за меѓународна економија, пак, препорачуваат инвестирање во образованието за да се создаде квалификувана работна сила, но и зголемување на платите за младите да остануваат во сопствената земја, пренесува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG