Достапни линкови

Референдум - пратениците треба да кажат на која страна се


Референдумска кампања на социјалните мрежи - За и Против

Дали сите парламентарни групи ќе се вклучат во јавната пропаганда треба да се знае до понеделник, согласно рокот кој го постави собранискиот спикер Талат Џафери. Владата во меѓувреме си ја тера кампањата на социјалните мрежи. Од ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучија можноста и тие да бидат дел од кампањата.

Политичките партии до понеделник треба да се изјаснат дали ќе учествуваат во јавната промоција на референдумот закажан за 30 септември, која во медиумите ќе ја спроведува Собранието, додека Владата својата кампања веќе ја води на социјалните мрежи, со засилено темпо во последните денови. Претседателот на Собранието Талат Џафери побара од пратеничките групи да го информираат и која страна ќе ја заземат, односно дали се за изјаснување „За“ или „Против“ на референдумот.

Владата за кампањата на Собранието ќе обезбеди речиси еден милион и 300 илјади евра од тековната буџетска резерва. Доколку на крајот од кампањата, како што соопштија од Владата, има непотрошени средства тие ќе бидат вратени во Буџетот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Сител порача дека во текот на следната недела на координација со пратеничката група ќе разговараат за тоа дали ќе се вклучат во кампањата и не ја исклучи таа можност, но не го соопшти ставот на партијата за референдумот, бидејќи се уште го испитуваат мислењето на граѓаните.

Па можам да кажам дека отприлика граѓаните се поделени во три групи. Најмалата морам да признаам е онаа група која што би излегла на референдумот и која што би се изјаснила „за“ договорот, таа е во рамките на една статистичка грешка. Отприлика другите граѓани во Република Македонија кои што се интервјуирани за време на оваа акција „Лето за Македонија“ ги оставаат другите опции за размислување. Така што ќе видиме во периодот што следи како ќе се одвиваат работите“, рече Мицкоски.

Владата соопшти дека планира комуникација со и преку медиумите, социјалните мрежи и активности од јавен карактер. За активностите на социјалните медиуми Владата планира да издвои речиси 6500 евра од редовниот буџет на Генералниот секретаријат.

Освен со спонзорирани содржини на социјалните мрежи кои ги објаснуваат фактите за договорот за името со Грција, како и зошто граѓаните треба да гласаат „за“ на референдумот, министерот за надворешни работи Никола Димитров на Фејсбук одговара на прашања на граѓаните.

Тој порача дека референдумското прашање се однесува и на ЕУ и НАТО, бидејќи Македонија е блокирана во двата процеси, а со реализацијата на договорот со Грција се отвора патот на евроатланската интеграција на земјата. Без разлика дали некој е против членството во НАТО, а е за влез во ЕУ, Димитров потенцираше дека граѓаните не треба да го бојкотираат гласањето на референдумот.

„Ако не можам да ве разубедам, се разбира ваша е мудроста и вашата совест ќе треба да си ја следите. Ќе треба да измерите дали повеќе ви значи тоа што сте против НАТО или повеќе ви значи тоа што сте за ЕУ и да земете предвид дека градиме мост на идно блиско пријателство со нашите соседи во Грција и тука да ја донесете одлуката. Јас мислам дека треба да излезете да гласате, бидејќи прекрупна е раскрсницата за да немате глас, да немате удел каде ќе оди Македонија во иднина. Каде ќе бидеме догодина, каде ќе бидеме за 5 или 10 години“, рече Димитров.

Синоќа на полноќ заврши увидот во Избирачкиот список како и пријавувањето на дијаспората за гласање на референдумот. Најголем број пријави за гласање се доставени во Берн, Љубљана и Лондон. Најголем број граѓани увид извршиле во Струмица, Битола и Карпош. Гласањето во дијаспората ќе се спроведе на 29 септември во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Македонија во кои се прифатени најмалку 10 пријави за гласање.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во минатата недела го донесе упатството за медиумско претставување за време на референдумот. Според упатството, радијата и телевизиите може да издвојат вкупно по девет минути за платена јавна пропаганда, при што четири ипол минути за оние субјекти кои ќе агитираат да се одговори со „за“ на референдумското прашање, а останатите четири ипол минути за оние кои сакаат да водат кампања против или за бојкот на референдумот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG