Достапни линкови

Вести

Намалени борбите во источна Украина по примирјето

Воен камп во селото Луханске, источна Украина 24 септември 2014

Украинската армија и сепаратистите поддржани од Русија меѓусебно се обвинуваат за кршење на новиот договор за примирје кој се совпаѓа со почетокот на учебната година. Но агенциите јавуваат дека украинската војска денеска наутро објавила оти интензитетот на гранатирање на нејзините позиции значително се намалил откако договорот за прекин на огнот стапил во сила во текот на ноќта на 29-ти август.

Од април 2014 година, повеќе од 10.300 луѓе се убиени во борбите меѓу киевските сили и сепаратистите кои управуваат со делови од украинските региони Донецк и Луганск. Договорите за прекин на огнот објавени како дел од договорите за Минск - септември 2014 година и во февруари 2015 година, кои имаа за цел решавање на конфликтот не успеаја да се одржат.

Украинската војска соопшти дека пријавила 18 напади од страна на сепаратистите во текот на претходните 24 часа. Во регионот Донецк, сепаратистите отвориле оган од оружје инсталирано на пешадиски борбени возила, како и од фрлачи за гранати и тешки митралези, се вели во соопштението.

види ги сите денешни вести

Карл Нехамер е нов лидер на владејачката партија во Австрија, а наскоро и канцелар

Карл Нехамер

Владејачката Австриска народна партија денеска за лидер го избра министерот за внатрешни работи Карл Нехамер, што значи дека тој наскоро ќе стане канцелар.

Одлуката ја донесе раководството на конзервативната партија во Виена, откако нејзиниот досегашен лидер Себастијан Курц, кој се соочува со обвиненија за корупција, синоќа соопшти дека се повлекува од политиката.

За да стане канцелар, на Нехамер му е потребна поддршка од Зелените, кои се коалиционен партнер во владата, но и од претседателот на Австрија Александер ван дер Белен, што се смета за формалност, наведува Асошиејтед прес.

Вицеканцеларот Вернер Кеглер, кој е лидер на Зелените, позитивно ја оцени можноста Нехамер да стане канцелар, велејќи дека би можеле да соработуваат.

Неколку часа откако Курц објави дека ја напушта политиката, канцеларот Александер Шаленберг објави дека ќе се повлече од чело на владата по само два месеци на таа позиција, велејќи дека ист човек треба да ја предводи владата и најголемата партија во земјата.

Нехамер, кој важи за политичар со потврди ставови од Курц, од јануари 2020 година е министер за внатрешни работи. Тој е познат по цврстите ставови во врска со илегалната миграција.
Нехамер рече дека канцеларот Шаленберг во новата влада ќе се врати на претходната функција – шеф на дипломатијата.

Нехамер му беше лојален на Курц, кој поднесе оставка од владината функција во октомври, откако обвинителите објавија дека против него водат истрага поради можна корупција.
Курц негира дека е виновен. Тој се сомничи дека со државни пари плаќал наместени истражувања на јавното мислење и медиумски содржини кои му одат во прилог.

Тој скандал доведе до крај на неговата спектакуларна политичка кариера. Курц во 2017 година беше избран за канцелар на 32 години, со што стана најмлад демократски избран шеф на влада во светот.

Две лица, веројатно мигранти, загинаа откако се превртел чамец во близина на грчкиот остров Кос

Илустрација: Чамец со мигранти

Две лица го загубија животот, а три се спасени во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Кос, откако се превртел чамец во обид да избега од грчки патролен брод, соопштија од грчката крајбрежна служба.

Несреќата се случила во текот на ноќта, а во чамецот се пренесувале странски државјани, веројатно мигранти.

Според грчката крајбрежна служба, чамецот од турското крајбрежје се движел кон островот Кос, а кога го забележал патролниот брод ја зголемил брзината, се превртел, а петте лица паднале во морето.

Тие додаваат дека чамецот немал навигациски светла, а ниту еден од патниците не носел елек за спасување.

Биле спасени тројца мажи, а извлечени од морето се безживотните тела на една жена и еден маж.

Бектеши - Најверојатно ќе донесеме одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи

Илустрација

Најверојатно ќе донесеме одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи, најавува министерот за економија Крешник Бектеши.
Подготвен е предлог што утре или во вторник ќе биде доставен на разгледување до Владата.

„Секторот за трговија при Министерството за економија веќе ги направи пресметките во делот на зголемување на цените, за основните производи. Предлогот е веќе подготвен и в сабота или во вторник ќе биде испратен на разгледување во Владата и најверојатно и Северна Македонија ќе донесе одлука за замрзнување на продажните цени на основните прехранбени производи, лебот, млекото, брашното, шеќерот, зејтинот, а можеби и месото“, рече Бектеши во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Тој претходно најави дека ако предвидат дека ќе има ценовни шокови ќе интервенираат во рамки на надлежностите и согласно со Законот за трговија.
Според Државниот завод за статистика, храната во изминатата година поскапе за 4,6 отсто.

Над 30 уапсени во Косово поради измама со субвенциите

Поглед на Приштина

Косовската полиција, по налог на Специјалното обвинителство, денеска во неколку општини уапси 31 лице во акција во рамки на антикорупциската операција „Субвенции 2021“.

Во соопштението на Обвинителството се наведува дека денешната акција, која е продолжение на операцијата започната кон средината на годинава, е спроведена во општините Пеќ, Исток, Урошевац, Липљан, Приштина, Клокот, Вучитрн и Подујево.

Според Обвинителството, 12 од уапсените се официјални лица со различни позиции во општините и подрачните единици на Агенцијата за развој на земјоделството и на Агенцијата за приватизација.

Останатите 19 лица се интервјуирани во својство на корисници на субвенции. Тие се од различни општини во Косово и се сомничат дека извршиле измами со субвенциите.

Приведените, се вели во соопштението, се сомничат за кривичните дела „земање поткуп“, „злоупотреба на службената должност и авторитет“, „давање поткуп“, „измами со субвенции“ и „фалсификување документи“.

Обвинителството најави дека во законски предвидените рокови ќе поднесе барање за одредување на мерката притвор за лицата кои се уапсени во денешната акција.

МЗ: Невакцинирани се 69 отсто од позитивните на ковид-19 и 79 отсто од починатите

Илустрација

Во период од 6 август до вчера на територијата на државата 60.772 граѓанин, се позитивни од тестирани на ковид 19, од кои 31 отсто биле целосно вакцинирани, односно 19.025 лица. Според статистика за изминативе месеци, 41.747, граѓани, односно 69 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што денеска ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани, како што се посочува, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до вчера од вкупниот број починати со ковид-19, 79 отсто биле невакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.

Најмалку 12 загинати во напад на Исламската држава врз курдско село во Ирак

Архивска фотографија: Борец на Исламската држава во Рака во 2014 година

Најмалку 12 луѓе, меѓу кои и курдски борци, загинаа во напад на екстремистичката организација Исламска држава врз село во северен Ирак, јавуваат денеска курдските медиуми.

Во синоќешниот напад врз селото во регионот Макмур загинале тројца цивили и деветмина курдски борци, познати како пешмерга.

Исламската држава не ја презеде одговорноста за нападот, а други детали не се соопштени.

Иако беше поразена во Ирак во 2017 година, Исламската држава и понатаму често изведува напади врз ирачките безбедносни сили и врз курдските борци.

Екстремистите во многу области во Ирак имаат таканаречени „спијачки ќелии“, особено на северот на земјата, каде што централната влада во Багдад и автономната курдска влада имаат територијален спор.

Меѓународната коалиција на чело со САД, формирана заради борба против Исламската држава, објави крај на мисијата и најави дека ќе ги повлече војниците од Ирак до крајот на овој месец. Советниците ќе останат да ги обучуваат ирачките сили.

Македонија и Србија потпишаа Протокол за признавање на Овластен економски оператор

Директорите на Царинските Управи на Македонија и на Србија, Славица Кутиров и Бранко Радујко

Директорите на Царинските Управи на Македонија и на Србија, Славица Кутиров и Бранко Радујко, потпишаа Протокол за заемно признавање на Овластен економски оператор. Договорот е потпишан на граничниот премин Прешево.
Потпишувањето на Протоколот произлезе од заклучоците на министерскиот состанок што се одржа на 13-14 ноември во Ниш во рамки на иницијативата Отворен Балкан и со него се опфатени 34 компании од Србија и 21 компанија од Македонија.

Компаниите во декември како пилот, а од јануари 2022 и официјално ќе можат да ги применат поволностите при спроведување на царинските постапки во двете држави, врз основа на исти правила и критериуми. Тоа, како што соопшти Царинската управа, значи дека ќе имаат можност за намалени физички и документарни контроли при спроведување на царинските постапки, известување за контрола во случај кога пратката е селектирана за физичка контрола, приоритет при спроведување на физичките и документарни контролите во случај кога се селектирани за контрола, можност за избор на место за спроведување на контрола, надвор од местото на царинскиот орган и приоритет при преминување на граничните премини.

Овој Протокол треба да придонесе за полесно движење на стоките помеѓу двете држави и намалување на трошоците за извоз и увоз на имателите на овие одобренија.

Белорусија ги означи за екстремистички каналите на РСЕ на Телеграм и Јутуб

Белорускиот суд ги означи како екстремистички официјалниот канал на Телеграм и некои од сметките на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа на социјалните мрежи. Оваа одлука е последна во низата обиди на белорускиот режим за задушување на независните медиуми и граѓанското општество во Белорусија.

Одлуката да се означат како екстремистички сметките на РСЕ, вклучително и нејзиниот канал на Јутуб, е донесена денеска од Централниот окружен суд, врз основа на информациите обезбедени од Главната дирекција за борба против организираниот криминал и корупција, позната како ГУБОПиК.

Во соопштението на Канцеларијата се наведува дека секој што ќе се претплати на канали или други медиуми означени како екстремисти може да се соочи со затворска казна или други казни, како што се парични глоби.

Властите во Белорусија прогласија за екстремистички стотици канали на Телеграм, блогови и „соби за разговор“, откако земјата беше зафатена од протести по претседателските избори во август 2020 година, кои на авторитарниот лидер Александар Лукашенко му овозможија шести последователен мандат.

Како одговор, владата жестоко го пресече продемократското движење, апсејќи илјадници луѓе, а водечките опозициски лидери беа протерани надвор од земјата. Имаше и веродостојни извештаи за тортура и малтретирање, а неколку луѓе починаа.

Десетици веб-страници за вести се блокирани во Белорусија, а независни медиуми се затвораат како дел од сеопфатното задушување на информациите по протестите.

Веб-страницата на белорускиот сервис на РСЕ е блокирана во Белорусија од 21 август 2020 година, додека акредитацијата на сите локални новинари кои работат за странски медиуми, вклучително и РСЕ, беа поништени од белоруските власти во октомври 2020 година.

Нови 342 случаи на ковид-19 и седум починати

Во последните 24 часа регистрирани се 342 нови случаи на ковид-19 од направени 2.349 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Скопје има 135 нови случаи, Битола – 35, Велес – 17, Прилеп, Кавадарци и Берово – 16, Охрид – 15, Куманово – 13, Струмица – 10, Штип – 9, Кочани и Гевгелија – по 8, Свети Николе и Ресен – по 6, Радовиш и Валандово – по 5, Делчево – 4, Гостивар, Кичево, Неготино, Крива Паланка, Пробиштип и Кратово – по 2, Тетово, Струга, Виница, Демир Хисар, Демир Капија и Дојран – по 1.

Регистрирани сe 348 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се седум починати лица: 3 починати лица од Скопје (67г, 74г и 79г) и по 2 починати лица од Битола (65г и 87г) и Охрид (65г и 77г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 216.670, бројот на оздравени пациенти е 201.017, на починати е 7.616, а бројот на активни случаи изнесува 8.037.

Деспотовски поднесе кандидатура за претседател на СДСМ

Директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски денеска во седиштето на СДСМ поднесе кандидатура за претседател на партијата.

Рокот за доставување кандидатури истекува денеска во 16 часот, по што утре Централната изборна комисија ќе ги анализира и ќе ги верификува оние кандидатури кое се во согласност со наведените критериуми.

До Централната изборна комисија, Деспотовски ја достави и неговата програма „Концепт 28“ во која, според него, фокус се луѓето. Основната цел е обезбедување на повисок квалитет на живот за сите наши сограѓани, а програмата „Концепт 28“, се наведува во соопштението од СДСМ, нуди поинаков пристап во креирањето и во спроведувањето на политиките и мерките.

Досега кандидатура поднесоа Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, и Властимир Алексовски, а амбиции изрази и Миле Зечевиќ.

Вонредниот конгрес на СДСМ на кој треба да се избере нов лидер ќе се одржи на 12 декември.

ЕУ ѝ донираше на БиХ пари за помош на бегалци и мигранти

Илустрација - Деца во импровизиран бегалски камп кај Велика Кладуша, БиХ

Европската унија (ЕУ) и додели на Босна и Херцеговина дополнителни 2,5 милиони евра хуманитарна помош за поддршка на загрозените бегалци и мигранти, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во БиХ.

„Се проценува дека над илјада луѓе се надвор од привремено сместување, со ограничен пристап до основните услуги. Тие се изложени на постудено време со приближувањето на зимата, како и на бројни заштитни ризици, додека ситуацијата со децата без придружба бара посебно внимание“, се наведува во соопштението.

Се додава дека еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изјавил дека околу 4.000 бегалци и мигранти останале беспомошни во БиХ, а многумина од нив спиеле на отворено.

Грантот од 2,5 милиони евра ќе обезбеди натамошна поддршка за теренска работа и заштита, вклучително и заштита на децата и поддршка за деца без придружба, и внатре и надвор од центрите.

Првите проекти од „Глобален пат“ на ЕУ за Западен Балкан на почетокот на 2022

Илустрација

На почетокот на 2022 година, Европската комисија (ЕК) ќе ги одобри првите инвестициски проекти кои Европската Унија (ЕУ) со ИПА III (претпристапен инструмент), потврдија од седиштето на Унијата во Брисел.

„Како што објасни комесарот Оливер Вархеи, Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој би можел да мобилизира до 30 милијарди евра грантови и заеми во следните седум години, ќе придонесе за Глобалната стратегија во регионот, која е приоритет за ЕУ“, изјави Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.

Global Gateway или Глобалниот пат е нова стратегија неодамна претставена од Европската комисија, која има за цел да ги зајакне дигиталните, чисти и безбедни врски во дигиталниот, енергетскиот и транспортниот сектор и да ги зајакне здравствените, образовните и истражувачките системи ширум светот.

Глобалниот пат се надградува на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, кој беше усвоен минатата година, соопштија од Брисел.

Седуммина уапсени за воени злосторства во БиХ

Илустративна фотографија

Седум лица се уапсени денеска во Босна и Херцеговина поради сомнеж дела извршиле масакр врз бошњачки цивили во војната во 90-тите години во местото Балатун во североисточна БиХ, соопштија полицијата и обвинителството.

Осомничените биле уапсени на подрачјето на Бијелина и Соколац во Република Српска. Тие се сомничат дека, како припадници на полициските структури на Република Српска учествувале во убиството на 22 луѓе од бошњачка националност, меѓу кои и седум деца и осум жени во местото Балатун кај Бијелина. Меѓу нив има и осомничени дека се директни учесници во егзекуцијата на жртвите.

Налогот за апсење го издал обвинител од Посебниот оддел за воени злосторства во Обвинителството на БиХ. Ноќта меѓу 24 и 25 септември 1992 година, припадници на специјалната единица на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, познати под називот „Снегулки“, ги одвеле членовите на семејствата Сарајлиќ, Сејменовиќ и Малагиќ на реката Дрина во Балатун и тука ги убиле. Петнаесет тела беа пронајдени во соседна Србија, на гробиштата во Сремска Митровица, Шабац и Белград

Проф. Бибер: Да се најде начин Бугарија да си го спаси угледот

Проф. д-р Флоријан Бибер

Северна Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото за членство во Европската инија (ЕУ) ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А, за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека можеби треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор.

Ова, во интервју за МИА, го вели професорот од Универзитетот во Грац и експерт за Балканот, д-р Флоријан Бибер.

Во однос на тоа дали има можност Македонија да биде одблокирана овој месец, Бибер, вели дека не гледа јасна причина зошто да верува дека ќе се тргне ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и „ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија“.

Бугарија веќе подолг период е со вето за македонското членство во ЕУ, кое го образложува со недобрососедска политика од страна на официјално Скопје. Претходно, во барањата на Софија беа да се признаат бугарски корени на македонскиот идентитет и јазик, а последните неколку месеци Софија се фокусира на, како што вели, „кршење на правата на Бугарите во Македонија“ и на барањата за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија.

Украинскиот министер за одбрана ја обвини Русија дека се подготвува за можна офанзива

Илустрација - Зградата на Министерските кабинети во Киев, Украина

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја обвини Русија дека се подготвува за можна голема воена офанзива следниот месец, со тоа што натрупа 94 илјади војници во близина на границата со Украина. Тој денеска пред Парламентот рече дека Киев нема да ги поттикнува тензиите во областа, но дека „Украина ќе возврати доколку е потребно“.

„Нашето разузнавање ги разгледува сите можни сценарија, вклучително и најлошото. Се нагласува дека постои веројатност за ескалација од големи размери од страна на Русија. Најверојатен термин во кој мора да бидеме подготвени да се спротивставиме на таква ескалација ќе биде крајот на јануари“, рече тој.


Резников рече дека соработката со западните партнери ја намалува заканата и дека тие се заинтересирани за политичко и дипломатско решение. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред неколку дена ја предупреди Москва дека секоја повторна агресија на Украина ќе предизвика „сериозни последици“.

Блинкен денеска во Стокхолм од неговиот руски колега Сергеј Лавров побара од Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да ги почитува договорите од Минск со цел да се стави крај на конфликтот на истокот од земјата. Русија негира дека се спрема за офанзива и го обвини Западот дека ги зголемува тензиите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG