Достапни линкови

Медиуми - Судење за 27 април, референдум и нов директор на БЈБ


Поддржувачи на осудените за „крвавиот четврток“

Судењето за настаните во Собранието на минатогодишниот 27 април, именувањето на Сашо Тасевски за нов директор на БЈБ и претстојниот референдум се теми кои доминираат во медиумите.

„Почна судењето за крвавиот четврток – има да пропеат зурли и тапани“ – со ваков сликовит наслов во свој стил го најави на насловната Слободен печат судскиот процес против триесетината обвинети за нападите во законодавниот дом во април минатата година. Нова Македонија во насловот ја цитира една од обвинителките, Вилма Рускоска: „Нинџа и Кољо организатори на упадот во Собранието, пратениците вратари“, додавајќи во текстот од воведните зборови на Основното јавно обвинителство во предметот за насилството во Собранието дека присутните полицајци застанале на нивна страна, а групата „За заедничка Македонија“ имала задача со потпалувачки говори да ја повикаат масата народ кон законодавниот дом. „Шеесет фантомки купени и поделени пред нападот во Собранието“ – ја цитира обвинителката Рускоска Слободен печат. Вечер исто така информира за почетокот на судскиот процес во Кривичниот суд, наведувајќи дека се обвинети пратеници, уметници, припадници на МВР, на безбедносните служби и на собраниското обезбедување кои одговараат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Вечер објавува и наслов: „Пред Судот се бара слобода за пратеникот Мукоски и патриотите“.

Сите електронски изданија на печатените медиуми објавуваат дека „Сашо Тасевски е новиот директор на Бирото за јавна безбедност“, кој доаѓа на местото на разрешениот Лазе Велковски по скандалот со службениот џип што го користела неговата ќерка со другарките на Халкидики. Вечер ја пренесува реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Именувањето на партиски телохранител за директор на БЈБ е скандал“, алудирајќи дека Тасевски досега бил телохранител на првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски. Независен објавува дека Тасевски е магистер по безбедност и докторанд на Факултетот за безбедност и дека за време на априлските настани во Собранието заедно со уште два-тројца свои колеги не дозволија да дојде до поголемо крвопролевање, па и смртни последици по функционерите на СДСМ и на ДУИ кои во прес салата на Собранието беа нападнати од разулавената толпа.

Друга тема што доминира во печатените медиуми е претстојниот референдум и поддршката од функционери на ЕУ и на некои европски држави. Сите електронски изданија информираат за телефонскиот разговор на премиерот Заев со германската канцеларка Меркел. Во соопштението од Владата се наведува дека премиерот ја информирал соговорничката за текот на подготовките за референдумот и дека Владата е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните. Медиумите известуваат и за разговорот на еврокомесарот Хан со дописничката на МИА од Брисел: „Референдумот е избор меѓу иднина во ЕУ и изолација“ – го цитира Нова Македонија еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Исто така сите печатени медиуми ја следат и посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на САД, каде што оствари средби со државниот секретар Мајкл Помпео и заменик- советничката за национална безбедност Мира Рикардел. „Поддршка од Белата куќа и од Сенатот за Договорот со Грција и за референдумот“, насловуваат Нова Македонија и Независен. Вечер оди со наслов: „Димитров се сретна со Помпео: Македонија е следната тула на заедничката евро-атлантска куќа“, го цитира весникот државниот секретар на САД. „Владата планира да потроши 80 милиони денари за кампањата за референдумот“, објавија Вечер и електронските изданија на сите печатени медиуми.

Нова Македонија излезе со две загрижувачки информации: „Неисправна водата за пиење во дваесетина села во Кичевско“ и „Неисправна вода за пиење во повеќе населени места во Прилепско“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG