Достапни линкови

Вести

Германија се справува со рекордно високи температури

Долготрајната суша во Германија, поради недостигот на врнежи, ги загрижи земјоделците низ целата земја, така што многумина се жалат и пријавуваат штета во милијарди евра до федералната влада. Периодот од пет месеци од април до август оваа година ќе биде најтоплиот и најсушен период за Германија од 1881 година, откако се следат временските прилики.

Летните температури се регистрирани низ цела Германија од април, а експертите ќе видат до крајот на август дали овие услови достигнаа рекордни нивоа, соопштија од германската метеоролошка агенција. Сепак, при пониски температури што се очекуваат кон крајот на месецот, температурата забележана во летните месеци, од јуни до август, не изгледа дека ќе го урнат рекордот на т.н. „ Лето на столетието'' од 2003 година, напоменуваат од агенцијата.

види ги сите денешни вести

Радев ги продолжува консултациите за мандатот за новата бугарска Влада

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска ги продолжува вчера започнатите консултации со претставниците на седумте пратенички групи во 47. Народно собрание пред да го врачи првиот мандат за формирање на идната бугарска влада. Радев вчера разговараше со четири од партиите во новиот бугарски Парламент, а за денеска се закажани уште три средби. Веќе две недели „Промените продолжуваат“, партијата која победи на третите парламентарни избори годинава, преговара со уште три партии за коалициска влада. Бугарскиот претседател денеска ќе ги продолжи консултациите со претставниците на „Има таков народ“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“.

Петков: Бугарија треба да го преиспита пристапот кон Северна Македонија на конструктивен начин

Радев, на почетокот на вчерашната средба со копретседателите на „Промените продолжуваат“ Кирил Петков и Асен Василев, како што информираат бугарските медиуми, побарал да го слушне нивниот став за Република Северна Македонија, но оти тие не му го соопштиле јавно својот став.

Путин и Бајден на видео средба

Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се состанаа на самитот САД-Русија во Вила Ла Гранж во Женева, Швајцарија, 16 јуни 2021 година.

Претседателите на Русија и на Соединетите држави Владимир Путин и Џозеф Бајден денеска ќе разговараат преку видео врска. Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација, ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина. Официјалниот претставник додаде дека во врска со ова Соединетите држави соработуваат со европските сојузници и оти Бајден се консултира со европските сојузници подоцна за да ја нагласи потребата од солидарност. „Веруваме дека постои начин напред кој ќе ни овозможи да испратиме јасна порака до Русија дека ќе има трајни и значајни последици“ доколку се случи инвазија, рече претставникот.

Бајден: Ќе направам „да ѝ биде тешко“ на Русија да ја нападне Украина

Вчера, Кремљ ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери. „Тешко е да се очекува пробив во преговорите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека е малку веројатно дека ќе се направи нешто за билатералните односи за време на „неколкучасовните“ разговори. Песков изрази надеж дека Путин и Бајден „барем ќе можат да си ја изразат својата загриженост еден на друг“. Американските разузнавачи тврдат дека Русија распоредила околу 70.000 војници во близина на границата со Украина и дека планира офанзива веќе следната година.

Украинскиот министер за одбрана ја обвини Русија дека се подготвува за можна офанзива

Американски официјални лица и поранешни американски дипломати велат дека иако рускиот претседател јасно ги поставува основите за можен напад, украинската војска денес е подобро вооружена и подготвена од кога било досега, и дека санкциите со кои се заканува Западот ќе предизвикаат сериозна штета на руската економија. Бајден во петокот рече дека работи на „сеопфатна иницијатива“ што треба да го отежне Путин да ја нападне Украина. „Она на што работам сега е да формирам најсеопфатен и најзначаен збир на иницијативи за да му биде многу, многу тешко на господинот Путин да го постигне она од што луѓето се плашат“, рече Бајден.

Украинските власти соопштија дека Русија би можела да ја нападне Украина следниот месец. Украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников рече дека бројот на руски војници во близина на Украина и Крим се проценува на 94.300 и предупреди дека е можна „голема ескалација“ во јануари

Времето денеска: облачно и постудено

Облачно и постудено со врнежи од дожд, а на планините и повисоките места од снег каде ќе се формира нова снежна покривка. Услови за слаб снег ќе има и на некои пониски места во северните и источните делови. Ќе дува засилен северен ветер. Дневната температура ќе биде од минус 2 до 8 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 5 степени.

Заврши средбата на Заев со коалиционите партнери

Средба на премиерот Зоран Заев со владините коалициони партнери. 06.12.2021.

На Македонија во овој момент не ѝ се потребни предвремени парламентарни избори и добро е што се зголемува парламентарното мнозинство за четири пратеници, изјави претседателот на НСДП Тито Петковски по завршувањето на средбата на премиерот Зоран Заев со партиите од владината коалиција.

Петковски рече дека на средбата разговарале околу тоа што како коалиција треба да направат за земјата да не се втурне во предвремени избори.

Инаку, како што беше најавено, на средбата претставниците на помалите политички партии од владината коалиција требаше да слушнат од премиерот Зоран Заев кои се владините приоритети по приклучувањето на Алтернатива.

Алтернатива на 4 декември одлучи дека ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство. Пред да биде донесена ваквата одлука, беа одржани неколку средби меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Петковски рече дека Алтернатива го искористила моментот кога на Владата и треба помош и истапила со „максималистички“ барања и дека не станува збор за зачувување на државните интереси, туку преферирање на партиските интереси за да се добие политички профит и функции, наместо на прво место да се евроинтеграциите.

„Ако гледате низ призма што се нуди со зголемувањето на парламентарното мнозинство и што бара Алтернатива, проценител ќе каже дека Алтернатива бара многу од СДСМ и коалицијата. Местата што ги бара Алтернатива досега биле покриени од други политички партии. Не станува збор за новоотворени места, туку за места кои ги имале СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА. Не се измислуваат нови работни места“, рече Петковски.

Тој додаде дека како партија не бараат ништо бидејќи најважно било да се зголеми парламентарното мнозинство и Владата да има сигурна поддршкка.

Мирослав Јовановиќ од Српската странка изјави дека преговорите ќе траат уште недела дена, а дека по изборот на новиот претседател на СДСМ на 12 декември, ќе седнат заедно со премиерот Заев да се договорат за останатите детали.

„Мислам дека идната недела околу 14-ти треба да се договориме за сите детали“, рече Јовановиќ.

Средба на Заев со коалиционите партнери во Владата

Претставници на партиите кои се дел од владината коалиција.

Премиерот Зоран Заев вечерва во Владата има средба со претставниците на партиите од владината коалиција, во врска со договорот постигнат со Алтернатива за влезот на оваа партија во Владата.

Претставниците на помалите политички партии од владината коалиција очекуваат да слушнат кои се владините приоритети по приклучувањето на Алтернатива.

Цeнтралниот совет на Алтернатива, кое е највисокото тело на партијата, на 4 декември одлучи дека партијата ќе биде дел од Владата и од парламентарното мнозинство. Пред да биде донесена ваквата одлука, беа одржани неколку средби меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Пред почетокот на вечерашната средба со помалите партии во Владата, претседателот на Демократскиот сојуз кој е дел од владината коалиција, изјави дека на средбата треба да се видат програмските определби на Владата, а нагласи дека се прават и пошироки консултации по што ќе се донесе координиран заеднички став, но дека според неговите очекувања тој процес ќе трае уште најмалку месец дена.

„Демократскиот сојуз нема намера да уценува и да притиска. Сега Владата на СДСМ ќе биде малку покомотна, ќе има 64 пратеници во мнозинството, така што некои од коалициските партнери кои не се задоволни можат слободно да ја напуштат коалицијата“, рече Трајанов.

Тој посочи дека очекува да види во кои правци ќе се движи новата влада, како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија и дали ќе се даде фокус на стратешките прашања.

Маја Морачанин – претседателка на партијата ДОМ изјави дека е важно да се види кои ќе се програмските приоритети на новата Влада.

Русија и Индија го продолжија договорот за воена соработка

Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со индискиот премиер Нарендра Моди. Њу Делхи, Индија, 6 декември 2021 година.

Русија и Индија потпишаа голем број на трговски договори, како и договори за оружје за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Њу Делхи. Путин имаше средба со индискиот премиер Нарендра Моди, а меѓу потпишаните договори е и тоа дека Индија ќе произведе повеќе од 600.000 автоматски пушки калашникови.

Путин отпатува во Индија заедно со руските министри за одбрана и за надворешни работи, при што двете земји ја зајакнаа својата воена и техничка соработка до 2031 година и ветија дека ќе ја зголемат годишната трговска размена на 30 милијарди до 2025 година.

Рускиот претседател е во посета на Индија во услови на сè позатегнати односи меѓу Русија и САД, исто така клучен индиски сојузник, кој изрази резервираност за растечката воена соработка меѓу Москва и Њу Делхи.

Во заедничката изјава по разговорите се вели дека Русија и Индија „ја повториле намерата да ја зајакнат одбранбената соработка, вклучително и заедничкиот развој на производство на воена опрема“.

Покрај договорот дека Индија ќе произведува пушки АК-203, Русија соопшти дека е заинтересирана да продолжи со испораката на ракетните системи за противвоздушна одбрана С-400.

Индискиот министер за надворешни работи Харш Вардан Шрингла рече дека двете земји потпишале 28 инвестициски договори, вклучително договори за челик, изградба на бродови, јаглен и енергија. Тој додаде дека договорот од 2018 година за ракетните системи С-400 во моментов е во процес на имплементација.

„Снабдувањето започна овој месец и тоа ќе продолжи“, рече Шрингла мислејќи на системите С-400.

Договорот со Москва ја става Индија во опасност од американски санкции според американскиот закон од 2017 година, чија цел е да ги одврати земјите од купување на руска воена опрема.

Руската нафтена компанија „Роснефт“ соопшти дека потпишала договор со „Индијан Оил“ за испорака на два милиони тони нафта во Индија до крајот на 2022 година.

Земјите потпишаа и меморандум за разбирање дека Русија, меѓу другото, непречено ќе ја снабдува Индија со јаглен за поддршка на производството на челик.

Протест пред Обвинителство против изградба на зградите кај Холидеј Ин

Протест на Зелен Хуман Град против изградба на висококатници кај Холидеј Ин во центарот на Скопје. 06.12.2021.

Протест пред Основното јавно обвинителство беше одржан денеска во организација на граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелен Хуман Град“. Демонстрантите побараа Обвинителството да ја извести јавноста во врска со иницијативата поднесена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата во однос на изградбата на висококатниците на паркингот кај Холидеј Ин.

Демонстрантите рекоа дека Обвинителството досега не ја известило јавноста и дека нема никаков напредок за предметот, а оти за случајот постои сомнеж за корупција и злоупотреба на службената положба.

„Ако сакаме да спречиме корупција, ако сакаме да спречиме злоупотреба и оштетување на граѓаните во оваа земја, едноставно не може органите на државата да постапуваат на овој начин и да ги штитат инвеститорите. Не смеат да го штитат крупниот капитал, а да работат на штета на скопјани. Оваа власт наводно се бореше против Скопје 2014, но изгледа за да може да ни го сервира Скопје 2021“, рече активистката и советничка во Советот на Град Скопје, Драгана Велковска.

Велковска додаде дека според Државната комисија за спречување на корупцијата, она што почнува да се гради спроти Холидеј Ин според е нелегално и дека постои сомнеж за злоупотреба на службената положба и за корупција.

„Никој не знае како Министерството за транспорт и врски во 2018 продало над 9.000 квадратни метри државно земјиште во време кога ДУП-от не се спроведува за таа парцела. Ние ги бараме тие одговори и од Министерството за транспорт и врски и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам“, рече Велковска.

На протестот со соопштение реагираа жителите од Ново маало каде треба да се градат зградите. Тие наведоа дека протестот бил политички мотивиран и дека проектираното решение од страна на инвеститорот гарантирало урбано и зелено домување, но и фер обесштетување.

Тие наведоа дека иницијативите како Зелен Хуман Град немаат право да одлучуваат во име на нивните имоти, но и дека не постои правен основ врз кој може да дојде до спречување на проектот, стои во соопштението.

„Потсетуваме уште еднаш дека тригодишниот мораториум во 2017 потпишан од тогашната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева беше прогласен за неважечки од Уставниот суд во декември 2020 година, а воедно и дека Министерството за транспорт и врски веќе еднаш се изјасни за иницијативата за суспензија на ДУП-от како неоснована“, се вели во соопштението.

Жителите од Ново маало исто така наведуваат дека во врска со случајот треба да се престане да се врши притисок врз Обвинителството, Општина Центар и Државната комисија за спречување корупција.

Германија - Предлозите на Иран за нуклеарната програма се неприфатливи

Илустративна фотографија - знамето на Иран.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека смета оти предлозите на Иран во врска со неговата нуклеарна програма не се прифатливи и дека очекува Техеран да се врати на меѓународните преговори со „реални“ преговарачки позиции.

„Ги разгледавме предлозите внимателно и темелно. Заклучивме дека Иран ги прекршил речиси сите компромиси пронајдени претходно во повеќемесечните напорни преговори“, изјави денеска портпаролката на Министерството.

Предлозите „не беа основа за успешен крај на разговорите“, додаде портпаролката. Преговорите во Виена имаат цел да го воскреснат закочениот нуклеарен договор од 2015 година. Преговорите имаа тежок старт минатата недела.

САД, кои го напуштија договорот во 2018 година, но сега се отворени за повторно приклучување на пактот под администрацијата на претседателот Џо Бајден, го обвинија Иран дека не е сериозно заинтересиран за нов договор.

Иран, кој одби да учествува во директни разговори со Вашингтон, соопшти дека не може да има нов договор доколку не бидат укинати сите санкции воведени против Техеран.

Според првичниот договор меѓу Техеран и светските сили, Иран се согласи да ја ограничи својата контроверзна нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Преговорите се планира да продолжат оваа недела.

Европската агенција за лекови го препорача лекот „RoActemra“ за ковид пациенти

Европската агенција за лекови (ЕМА).

Европската агенција за лекови на 6 декември препорача да се одобри употреба на анти-инфламаторен лек за лекување на возрасни лица кои се хоспитализирани поради тешка слика на Ковид-19.

Одлуката на Европската агенција за лекови (ЕМА), која мора да биде одобрена од Извршната комисија на ЕУ, ја проширува употребата на лекот „RoActemra“ на швајцарскиот фармацевтски гигант Рош, кој во моментов се користи за лекување на облици на артритис.

Агенцијата со седиште во Амстердам соопшти дека лекот сега може да се користи кај возрасни пациенти заболени од Ковид-19 кои се лекуваат со кортикостероиди и имаат потреба од дополнителен кислород или механичка вентилација.

Лекот кој се дава интравнозно, го намалува протеинот наречен „интерлеукин-6“ кој често е покачен кај пациенти со Ковид-19.

Агенцијата соопшти дека студија од 4.116 хоспитализирани возрасни лица со тешка слика на Ковид-19, покажала дека лекот „RoActemra“ употребен покај стандарден третман, го намалува ризикот од смрт во споредба со лекување само со стандардниот третман.

ЕУ: Не постои подготвеност за дијалог меѓу Приштина и Белград

Косовскиот премиер Албин Курти (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Малку е веројатно дека наскоро ќе биде организирана нова рунда на дијалог меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво. Претставници на ЕУ запознаени со процесот, сметаат дека во овој момент Приштина и Белград не се подготвени за конструктивно да се вклучат во процесот.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано изјави дека предуслов за одржување на следната средба е подготвеноста на страните да договорат конкретни резултати за доброто на своите граѓани.

„Неодамнешниот контакт на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност (Жозеп Борел) и дипломатија во негово име од страна на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, покажа дека во моментов нема таква подготвеност“, наведе Стано во писмен одговор кој го достави до медиумите.

Инаку, можноста до крајот на годинава да се одржи нова средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, минатиот месец ја најави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Кон крајот на ноември, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог ги посети Белград и Приштина во обид да организира нова рунда разговори на највисоко политичко ниво.

Извори на Радио Слободна Европа потврдија дека Лајчак се вратил „целосно обесхрабрен“ по разговорите со српските, односно со косовските политичари.

Откако ја презеде функцијата шеф на косовската влада, Албин Курти два пати се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ во рамки на дијалогот.

Двете средби беа неуспешни и беа причината европските претставници да велат дека следниот или третиот круг ќе се одржи само ако има волја да се оди напред во дијалогот.

Косовскиот премиер во вторник ќе престојува во Брисел за да се сретне со високи претставници на ЕУ, вклучително и со Жозеп Борел.

Според бриселските власти, средбата со Борел ќе биде последна можност за оваа година да се направи обид да се организира средба меѓу Курти и Вучиќ.

Русија и Индија дискутираат за оружје, енергија и ситуацијата во Авганистан пред средбата Путин-Моди

Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со индискиот премиер Нарендра Моди. Њу Делхи, Индија, 6 декември 2021 година.

Одбраната, оружјето, нуклеарната енергија и ситуацијата во Авганистан се темите кои доминираа на денешните дискусии, во пресрет на разговорите во Њу Делхи меѓу рускиот претседател Владимир Путин и индискиот премиер Нарендра Моди.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најави дека договорот за снабдување на Индија со противвоздушните одбранбени ракетни системи С-400 ќе се оствари и покрај, како што рече, напорите на САД да го поткопаат договорот.

Индија почна да ги добива испораките на напредниот руски систем според договорот од 5,4 милијарди долари постигнат во 2018 година, што потенцијално ќе го стави Њу Делхи под на санкции на САД.

Лавров пред новинарите исто така рече дека двете страни се согласиле дека талибанците, кои во август повторно ја презедоа контролата врз Авганистан, мора да ги исполнат своите ветувања да имаат инклузивна, етнички и политички мешана влада, да ги штитат човековите права и да спречат какви било терористички закани и трговија со дрога на авганистанско тло.

Патувањето на Путин во Индија е само негово второ патување надвор од Русија по избувнувањето на пандемијата на коронавирус.

Се очекува Путин и Моди да се фокусираат на работата на нивните земји во Г20, Шангајската организација за соработка и на членството во групата БРИКС на големите економии во развој.

МАЛМЕД: Две пријави за сомнеж од смртен исход по примена ковид вакцина

Илустративна фотографија - вакцинација против ковид-19.

Вкупно 231 пријава за несакани ефекти по примени вакцини против Ковид-19 се пријавени во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, а двајца лекари во април и септември пријавиле несакани реакции за смртен случај поврзани со употребата на вакцините, изјави раководителката на сектор во МАЛМЕД Меријем Хаџихамза на денешна онлајн средба со новинарите на која учествуваше и в.д. директорот Љирим Шабани.

Хаџихамза и Шабани, во врска со двете пријави за смртните случаи, посочија дека станува збор за лица на 53 и 85 годишна возраст, но дека за нив се уште не докажана поврзаност со употреба на вакцините, односно дека станува збор за сомнежи и неофицијални податоци.

Хаџихамза наведе дека пријавите на натамошна обработка се испратени во мониторинг центарот Упсала и во Институтот за јавно здравје, а заедно со Шабани посочија дека ефектите од вакцинацијата биле далеку поголеми.

„Кога еден лек во случајов вакцина ќе се употреби, ако се пријави некое несакано дејство, тоа не значи дека е последична реакција од примената на вакцината“, рече Хаџихамза.

Таа додаде дека еден од пациентите имал многу коморбидитети и дека лично се сомнева оти причината за смртта била употребата на вакцината, но наведе дека тоа треба да го кажат „луѓето кои за тоа имаат компетенции.“

Во врска со пријавувањето на несакани реакции од вакцините против ковид, досега во МАЛМЕД добиле 133 пријави од лекари, 88 од фармацевти и 10 од други здравствени работници, рече Шабани.

Шабани рече дека пријавените несакани ефекти од сите вакцини се во рамки на предвидливите кои се наведени во упатствата, како главоболка, гадење, вртоглавица, болка во екстремитети, рамо, на местото на апликација.

„Исклучок од ова може да го спомнам случајот со миокардит од вакцината на „Фајзер“ која се утврди откако таа се пушти, која не беше предвидена од производителот, тоа се утврди од Европската агенција на лекови, тие направија соодветна варијација и ние дадовме варијација дека е можен несакан ефект очекуван во ретки случаи. Процентот на несаканите ефекти во однос на аплицираните вакцини е многу мал“, изјави Шабани.

Вакцинацијата против ковид 19 во земјава започна на почетокот на оваа година. Досега скоро 38 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани, а процентот е 42,5 отсто заедно со оние кои примиле само една доза.

Ковид пандемијата започна на почетокот на 2020 година. Досега во земјава официјално се регистрирани над 217 илјади инфекции, а 7.641 луѓе починаа.

Владата до 9 декември треба да препорача цена на струјата

Работници на електричен столб

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска изјави дека чека Влада да препорача цена на струјата за да достави понуда до ЕВН. Понудата до ЕВН Хоум треба да се достави до 9 декември за да почне со подготовки за реализација на планот за 2022 година, изјави Ковачевски денеска на прес – конференција во РЕК Битола.

Ковачевски потврди дека во 2022 година кон ЕВН Хоум ќе испорачуваат 100 проценти електрична енергија наместо досегашниот минимум од 60 отсто.

„Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија, и тоа ќе значи таа компанија нема да набавува дополнителни количества енергија, или со други зборови АД ЕСМ ќе остане чувар или стабилизатор на цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи“, рече Ковачевски.

АД ЕСМ како најголем производител на електрична енергија во државна сопственост ги вложи сите напори за вклучување на сите капацитети во тековната зимска сезона, соопштија од компанијата.

Од 9 ноември Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, а побара и продолжување за уште шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година.

Ковид биланс - 101 нови случаи и вкупно 17 починати

Во изминатите 24 часа регистрирани се 101 нови случај на ковид -19 од направени 1.299 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Повеќе од половина од новите случаи се регистрирани во Скопје – 59, Кавадарци – 10, Битола – 8, Прилеп – 7, Штип – 3, Тетово, Гостивар, Велес, Кочани и Неготино – по 2, Кичево, Ресен, Валандово и Македонски Брод – по 1.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 13 починати лица на возраст од 35 до 81 години.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се 4 починати лица со датум на смрт од 29.11.2021 до 04.12.2021. Регистрираните починати лица се од Скопје (2), Струмица (1), Битола (1). Починатите лица се на возраст од 58 до 78 години. Три лица се починати во домашни услови и едно лице починат во болнички услови.

Регистрирани сe 393 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 217.400, бројот на оздравени пациенти е 203.967, на починати е 7.658, а бројот на активни случаи изнесува 5.775.

Груби - Заев треба да остане, но за нас е прифталив секој мандатар што ќе го предложи СДСМ

Артан Груби

ДУИ смета оти Зоран Заев треба да остане на позицијата премиер додека да се стабилизира парламентарното мнозинство, да заврши процесот на реконструкција на Владата и за да се решат клучните стратешки прашања, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Тој денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека сепак за ДУИ е прифатлив и друг мандатар, кој ќе го предложи СДСМ.

„Зошто не би бил прифатлив нов мандатар. Ја почитуваме одлуката на СДСМ, кого и да изберат тие за претседател, кого и да го предложат за мандатар секако“, изјави денеска Груби.

Во врска со влегувањето на Алтернатива во Владата, Груби рече дека при преговарања меѓу постоечките коалициски партнери и нови коалициски партнери коишто ќе дојдат, „сите отстапуваат места коишто ги имаат дотогаш“.

„Ние всушност во Владата отстапивме од МИОА, но го добивме ресорот земјоделие, којшто е многу голем и каде што имаме многу, многу значајни проекти, коишто ги имаме зацртано во нашата програма и за коишто ни е многу значајно да ги имплементираме“, посочи Груби.

Тој најави дека деновиве ќе се разговара за соработката со Алтернатива на локално ниво и изрази надеж дека таква соработка ќе има.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG