Достапни линкови

Колонијата „Кавадарци – Михајлово 2018“ посветена на уметникот Ристо Соколов


Со отворањето на изложбата на уметницата Александра Димитрова, в понеделник, на 20 август 2018, со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, ќе започне 22-то издание на Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“. На колонијата чиј потписник е Домот на култура „Иван Мазов Климе“ ќе учествуваат 30 ликовни творци од земјава и од странство.

Триесеттина ликовни уметници од Бугарија, Србија, Велика Британија, Косово, Турција, Романија, Русија, Албанија и од Македонија, ќе земат учество на Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово 2018“, што од 20 до 26 август, ќе се одржи во организација на НУ Дом на култура „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци. Меѓу нив и творци како Вахид Акан од Турција, Наташа Радосављевиќ од Србија, Еви Кирмако од Грција, Фатон Креизиу од Косово, а во пресрет на официјалниот почеток на 22 издание на манифестацијата во Галеријата ќе биде одбележан и со изложбата на акварели „Нова димензија во создавање“ на уметницата Александра Димитрова.

Родена 1986 година во Кочани, Димитрова средно образование завршува во Училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, во класата на професорите Ангеле Гавровски и Газанфер Бајрам. Со високо образовение се стекнува на Факултетот за ликовни уметности на одделот сликарство со конзервација и реставрација во класата на професор Благоја Маневски, а магистрирала во 2011 година кај Јован Шумковски.

За нејзиниот нов цилус, кустосот советник Илинка Атанасова меѓу другото ќе каже: Овие дела претставуваат огледало на душата. Нејзините творби се изведени внимателно, без за акварелот карактеристичните преливи и разлевања, педантно и прецизно, не моментално, брзо и лесно, туку полека и добро осмислено. Лазурноста кај творбите ја постигнува со сликање на боја врз боја, користејќи притоа постојано сува подлога. Таа се движи кон осознавање на универзумот, не води кон теоријата за организиран хаос и доживувањето на промената, како постојано движење на нештата околу нас и во нас, од сосема безначајни до универзумски промени. Конечно, Димитрова се обидува да ги направи видливи и препознатливи движењето и ритамот.

Александра Димитрова, уметница
Александра Димитрова, уметница

Уметницата, пак, во својата експликација вели дека за неа циклусот „Нова димензија во создавање“ претставува процес на ново доживување и еден отпечаток на нејзиното внатрешно чувствување што во себе го носи и го нарекува уметност, но овојпат со една нова техника којашто зад неа во творештвото повеќе претставувала експеримент. Во случајов техниката акварел ја зела како основна и како изразно средство за циклусот. Така продолжувајќи го веќе создаденото до сега во нејзиното творештво - „Отпечатокот“ и „Продолжението 1, 2 и 3“.

„Со овој нов циклус го отпечатувам времето во кое создавам. Самиот наслов е Чувствување и продолжување на веќе постоечкото, градење и создавање, раѓање на една нова димензија на едно ново чувствување. Едноставно овој циклус ми е еден предизвик којшто доаѓа после една мала пауза во моето творештво кон создавање на уметноста и го доживувам како една повторна преобразба на самото мое внатрешно чувствување“, вели Димитрова.

Инаку, за време на одржувањето на колонијата ќе се случат уште неколку придружни уметнички настани. Така во среда, на 22 август, од 20 часот, во галерискиот простор на Музеј - Галерија Кавадарци, ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Луан Зенки од Гостивар.

Два дена подоцна, во петок, точно напладне, на Градскиот плоштад во Кавадарци ќе се одржи несекојдневен творечки перформанс со познатиот ликовен уметник од Турција - Орхан Цебраилоглу.

Конечно, официјално Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци - Михајлово“ ќе биде свечено затворена со изложба на реализираните ликовни дела, во недела, на 26 август 2018 од 20 часот.

„Доброто е што покрај размената на искуства и енергии и оставањето на делата на авторите коишто доаѓаат од другите земји, ние во овие неколку дена имаме и навистина позитивно дружење. Ликовната публика ќе има можност да проследи и неколку самостојни изложби, тука е и дебатата за ликовната уметност, предавање за развојот на ликовната сцена во одредена држава во дадениот период и друго“, истакнува сликарот Владимир Темков, еден потписниците на оваа несекојдневна и оригинана колонија која се одржува во срцето на Тиквешијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG