Достапни линкови

Запоставени туристичките потенцијали на Куманово


Брошура за туристичка понуда во Куманово
Брошура за туристичка понуда во Куманово

Со новата територијална поделба туристичките локалитети се наоѓаат во соседната Општина Старо Нагоричане, а она што го нуди Куманово е запустено, нереновирано, а недостигаат и сместувачки капацитети.

Во Куманово ниту како најголема локална самоуправа, ниту како еден од поголемите градови во државава, а и по својата географска положба како центар низ кој транзитираат патници од сите четири страни, услови за туризам не постојат. Со новата територијална поделба туристичките локалитети се наоѓаат во соседната Општина Старо Нагоричане, а туристите и да сакаат да се задржат во Куманово речиси и нема содржина која би ги привлекла. Старата градска архитектура главно е руинирана или срушена и на нејзино место се изникнати големи згради. Сместувачки капацитети, хотели кои во минатиот век нудеа пристојни сместувалишта веќе се девастирани и запустени. Кумановска Бања која по лековитите својства е компатибилна со многу познати термални извори во Европа, како Маријанске Лазне и Виши, исто така е во многу лоша состојба. Бањските гости надвор од Куманово и да сакаат да го користат изворот за некакво лекување немаат каде да се сместат. Надлежните за туризам во локалната самоуправа до сега се чини најголем дострел достигнаа со испечатена една каква-таква брошура за која многумина што ја погледнале велат дека е анахрона.

Археологот Јовица Станковски вели дека сите културно-историски и природни потенцијали се надвор од Куманово и во друга општина.

„Во градот КУманово остана само Црквата „Свети Никола“ со галерија на икони, Татар Синан пашината џамија, сè на сè споменици кои не се многу атрактивни за поширока маса туристи, тие се сè само во сфера на интерес на потесен круг познавачи. Во Куманово многу малку е останато од старата градска архитектура, онаа од пред Втората Светска војна, ако кон тоа се додаде дека и Музејот има релативно скромен изложбен простор и музејска збирка, пак доаѓаме до тоа дека немаме што да понудиме“, вели Станковски.

Александар Арсиќ, претседател на општинскиот Совет, вели дека во Куманово освен за хотелски сместувачки капацитети, Секторот треба да размислува и за развој на селскиот туризам.

„Меѓу другото и градската архитектура во централното градско јадро треба да дава свој белег по кој ќе се распознава Куманово. Исто така и бањата треба да се оспособи, а да се изгради и некој спортско-рекреативен центар, како што е во соседните земји“, вели Арсиќ.

Невропсихијатарот доктор Драги Караџински за Кумановска Бања вели дека во неа се лекувале токму болестите од неговата област. Во минатото, имало бањски гости од целата држава, а сега поради базенот во лоша состојба, а и поради запустениот Хотел „Ку-Ба“, лековитиот извор не може да прими посетители кои имаат потреба од тоа. За илустрација др. Караџински наведува забелешка од една посетителка на бањата која од Струмица со години доаѓала.

„Ми рече:- Вие во Куманово, не знаете што имате. Имате злато,а не знаете да го искористите. Во бањата доаѓам со години и ништо не е направено од првиот пат. Пред да појдам во бањата користев шака апчиња, откако доаѓам во бањата не пијам ниту едно апче“, раскажува докторот.

Куманово, велат соговорниците сепак има што да понуди, но и тоа што е малку е запоставено и нема соодветна стратегија за негово исползување и напредување. Не само што треба да се реновира или гради, туку треба и соодветна реклама забележува Тони Трајковски советник во општинскиот Совет.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG