Достапни линкови

Десетици загинати во експлозија на магацин за оружје во Сирија


Уништени згради во околината на експлозијата

Најмалку 36 луѓе загинаа, од кои 12 деца, во експлозија на магацин за оружје во провинцијата Идлиб во северозападна Сирија, информираат набљудувачите и активистите.

Опозициската Сириска цивилна одбрана, позната и како Бели шлемови, соопшти дека експлозијата се случила во градот Сармада во близина на границата со Турција.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон првично соопшти дека има 18 загинати, но потоа биле откриени уште тела под урнатините. Непознато е што ја предизвикало експлозијата. Сè уште е нејасно дали сите жртви се цивили.

Опсерваторијата соопшти дека магацинот, кој се наоѓал во подрум на зграда, бил воден од дилер на оружје близок со Ослободителниот комитет на Левант, поврзан со Ал Каеда.

Волонтер од цивилната заштита во Идлиб за новинската агенција ДПА изјавил дека најмалку 70 луѓе биле повредени во експлозијата.

Во меѓувреме, сириските владини сили се борат против бунтовниците во Идлиб, од кои најголем дел се од организации поврзани со Ал Каеда.

Во изминатите три години, илјадници бунтовници и нивните семејства беа евакуирани од различни делови од Сирија во Идлиб, според договор меѓу владата и бунтовниците.

XS
SM
MD
LG